#ПетАлбумиЗаПоДома на Иван Шопов

Писателот Иван Шопов одбра #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт за музичките парчиња:

* * *

1.Герила – Тврдо, рапаво и прљаво (2012)

Супер е кога она што го испорачува производот не се разликува од „рекламата“. Да не речам, името говори за квалитетот. Ем тврд, ем рапав, ем прљав хип-хоп. Албумов не ми е само за по дома. Често го слушам кога патувам и патот магично ми се скратува. Волшебната состојка тука е кумановскиот дијалект. Замислувам јазична реформа со која кумановскиот говор се прогласува за стандард. Сигурен сум дека во истиот момент расположението на граѓаните ќе се подобри најмалку за 70%. Да не забегувам и да се вратам на темата: албумов е закон!

2.Телемама – Мис слобода (2014)

Прекрасен минималистички звук, ем нежен, ем бунтовен, лиричен и ненападно ангажиран… Мајсторија е радикално да се соголи звукот, а притоа во ниту еден миг да немате чувство дека нешто тука недостасува. „Мис слобода“ се моите омилени четириесет и три минути меланхолија.

3.Jozo Karamatić – Smrt u Dalasu (1965) 

Не ми се верува дека чудово постои. Секоја чест за човекот од Југотон што ја одобрил идејата еп на тема атентатот врз Џон Кенеди да се сними на плоча! А гусларот Јозо брилјира, неверојатно е количеството детали со кои го опсипува слушателот…

 

Tek što prođe podvožnjačić mali

A gusarska šnajperka opali

 

 (…)

 

Glavni kirurg ne biješe u krugu

Telefonski traže ličnost drugu

Sestra Doris zove: “daj, požuri!”

Doktur Keri iz kantine juri

 

(…)

 

Naša vlada i izvršno vijeće

Bolno svoje šalju saučešće

 

Стиховите… сè бисер до бисер… Секоја секунда од седумнаесетте и кусур минути е бесценета!
Од оваа дистанца, не ми е јасно како порано успевав да работам додека Јозо Караматиќ гуслаше во позадина :)

4.Ансамбл Билјана Охрид (1975)

Генерално сум голем фан на македонски vintage, а слабост ми е охридската староградска музика. За мене, ова е еден од најважните музички состави во историјата на македонската музика. Неповторливи се шармот и патината на нивните изведби. Па кога ќе закрцка плочата на грамофонот…

Мала закачка до охриѓани: од сите плочи на Ансамбл Билјана ја избрав баш оваа затоа што на неа е снимена „На Струга дуќан да имам“ :))

5.The Cinematic Orchestra – Man With a Movie Camera (2003)

„Човекот со филмска камера“ (1929) е еден од моите омилени филмови и тешко ми е саундтракот го одвојам од самиот филм. Звукот толку добро се вклопува со подвижните слики, што по извесно време не сте сигурни дали музиката е снимена дополнително, или можеби си постои уште од 1929, во пакет со филмот :) Албумов содржи преработки на материјали од претходниот албум на The Cinematic Orchestra, ама филмот е виновен што ми се залепија за уво баш овие верзии. Можам да го слушам во секое време и во секакво расположение.

* * *

Радио МОФ ја врати во погон рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Првичната идеја беше да тераме само за карантините, но продолжуваме да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка ЏиковаБорјан Гаговски

* * *