#ПетАлбумиЗаПоДома на Михаил Караколев

Огноборецот Михаил Караколев одбра #ПетАлбумиЗаПоДома. Караколев за себе вели дека е пожарникар, но и инструктор по прва помош, фитнес зависник, готвач, сопруг…

Ова се неговите #ПетАлбумиЗаПоДома, со негов осврт и приказни за изданијата:

„Подбрав“ 5 ги изиграв за 4!

Овојпат одиме поразлично и празнично. Покрај корона ситуацијата, работата и изолацијата во пар, немав време за прескокнување нумери.

Сакав се’ да ми е хит до хит и одбрав официјални компилации од бендови и артисти. При слушањето на истите беа вклучени: туш потпевнување, фитнес, кореографија, готвење (вклучено денсање вкујна), скара, караоке и пуштање музика од балкон. Не ме пријавија соседите, за изненадување побараа и продолжеток. Во име на музиката, сум и благодарен на карантинов. Никогаш и не било проблем домот да стане диско. За ресторан знам дека е! :)

Многу препотување на дланки при избор на пет албуми/компилации (best of) и не е така потребно. Знам  дека ќе пропуштам многу поголема селекција со оглед на тоа дека пола од изборов го пишувам адреналински, од работа.

Како одговорен пожарникар и љубител на танцот, стартувам со лесно согорлива материја:

1.Duran Duran – Greatest (1998) 

Бенд кој ме дефинира во повеќе погледи. Играм, пејам, готвам, љубам на нив…

Слушајки ги лежерно минувам низ стотина кореографии, сеќавања, емоции, 80-ти… Ахх да бев овој сега, а тогаш таму. Ќе растурав локално! :) Доволно ќе ми беше овој град, неоромантичарски аутфит и фризура, девојка во чекор…

Бев на концертот на Кале. Подобри од ЦД беа! „Пичев“ во рамбовка, а до мене имав војник. Тогашната девојка, а сега сопруга беше редовен припадник на армијата на Република Македонија, стационирана во касарната во Велес. Несебично ми беше купила билет да одам со кого сакам. Дена не можеше да дојде. Tака знаев и гневен ги преслушував хитовиве по дома. Светот беше мој..DURAN DURAN човече, срцето ми беше на пола… ЗАЉУБЕН ДО УШИ!

Едно време мислев и да ја шитнам картата, да згазам врз себе да би љубовта победила. Таа повторно несебична телефонски ми го посакува најдобриот концерт до сега. Тесен џинс, црна „Стружанка” и наполу разочаран чекор, тргнаа кон Карпош (билетите беа кај другарка, па да ги земам да ги згужвам ил не?!?) Иии што да видам, она беше таму!

Љубената да ти „киднала“ од служба иии DURAN DURAN – here we come! Возбуден до даска, три скопски не ме допреа во одењето пеш. Гушнати и во танц го режевме во глава незаборавниот настап и пристојната публика. Под пристојна подразбирам многу парови колку моите дома, култура на ниво, песок прооден. :)

2.Mötley Crüe – Greatest Hits (1998)

Kако Ѕвер над сопствениот паркет, одбирам малку Глам.. ама Метал! :)

Што да кажам, а да не заигра спидо купаќа, масло за тело од кокос и дигање тегови наспроти огледало. :)

Бенд од можеби не толку музичка вредност некому, ама за таа појава би палел времеплов. Би терал на тура со нив, ама би одржувал и кондиција. Се’ што е поврзано со глам металот ми е сезонски, ама не умира во мене. Прости рифови и жешки вокали. Мотори, скинати бенд маички, тигрести хеланки и стриптизети во мрежа хулахопки. Еве лиги ми течат за уште една тура маскенбал по дома. Доза пот, занесување и мускули после тегови загарантирани. :)

Да живее сексот и старата школа!

3.Lenny Kravitz  – Greatest Hits (2000) (+Don’t Go And Put A Bullet in your Head)

Елвис е за некого, Лени е за мене!

„Насуканиот“ крал на сексипилот и рок баладите го слушам од дете, го слушам кога самувам…

Лета на први симпатии, копнежи и стремеж кон разбирање на нештата. Декодирав текстови, се вметнував себе, фантазирав…

Не направив суканици, ама носев sвонарки, си ги дупнав ушите и отидов на мојата прва свирка во „Маракана“. Неговите „по хард“ хитови беа секогаш дел од „тезгарите“.

Не отидов на Лени во Охрид, на истиот тој ден раскинав со една лажлива… И ја посветувам „Little Girls Eyes“ .!. Нумерата ја нема во компилацијава.

4.Motorhead – All The Aces (1993)

Касетката која ми ја смени адресата во рокенролот. Омот и лого во кое се заљубив. Вокал кој ме плашеше од машкоста која требаше да следи… На крајот на краиштата нема виски, а да не го рокнам Леми! После трета чаша Ѓорче знае колку сум досаден :) Ако добро се сеќавам прва метал маичка ми беше MOTORHEAD – ENGLAND .

Траеше МxxE и ExxM! Го возеше и кругче, ми ја бараа на кеј. Најгордо ја носев на првиот „Таксират“ во Скопје. Валканиот рокенрол, Џекот и челичниот крст и ден денес ми се дел од имиџот.

Sидарка „Скопско“ за Драш, артистот на мојата омилена тетоважа. Кутија „Марлборо“ за братучед ми Здравко, од него ми беше касетата…

Леми е Бог, МОТОРХЕД се Религија!

5.Deep Purple – 30 : Very Best Of (1998)

Ако морам да бирам, тогаш „Пурпурните“ се мојот бенд број еден, за сите времиња!

Се сеќавате ли на старите лични карти „на отворање“? :) На корицата го имав чкртано DP логото. Лош обид ама вечно сеќавање.

Ако прошеташ низ Карпош 3 и добро зумираш, сигурно ќе начекаш некоја маркер трага со иницијалите на бендот.

Не можам а да не го спомнам легендарното „Клубче“ кај Џоле во подрум. Секта на карактери, симбол на добра дружба. Место во кое паднаа моите први вокални аспирации. „Soldier of Fortune“ стана химна на моето присутво. Кога сме веќе кај оваа единствена балада, да му се обратам на „Дог“, одамна не сме ја свиреле, а? :)

Со омотов од ова ЦД се сретнавме кај мене во Ново Лисиче за Нова Година, пред дваесетина години. Се собравме „кожњаци и дуксери“. Гитари, појачала, на Мики „ќелавиот“ системот и Весна „Да ја еxxx , не дојде!“ :) Дејан од Ѓорче носеше „Мeјден“ маичка, ја на Џоле му ја земав од „Пистолс“ блузата. Маестро Трпковски го уклучи „џипсонот“ од „Ринго“ и влеговме во историја.

За прв пат у Б7 маало фрчеше „Smoke On The Water“. Ама буквално во маало. Пуштен кабел од втори на снегот доле. Шетајки со гитарите низ гетото, рифот на „Ritchie” ги донесе сите на своите балкони. „Две пxxxи со сиски“ ни тропнаа на врата. Панта мој беше уште тука, ни правеше скара. Испадна тежок „co*kblocker“, ама нема везе, за таква ќебапи и ребра уште се раскажува.

Наздравје за времињата, да живее работничката класа! – #ognoborec од тераса :)

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска