#ПетАлбумиЗаПоДома на Тина Иванова

Тина Иванова, музиколог и продуцент во Филхармонија, одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.

Иванова беше долги години новинар, музички критичар и своевремено уредник во печатеното гласило „Утрински весник“. Иванова има работено и во Македонско радио, но и во култното „Стотројка“, за кое ја напиша книгата „Документ 103“. Позади себе има и уште четири други книги и три награди.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Иванова, со нејзин осврт кон музичките остварувања:

Многу ми е тешко да изберам пет албуми, од сите коишто сум ги имала и сум ги слушала во текот на мојот живот досега, ама еве одбрав некои од нив, не само заради музиката, туку заради настаните и луѓето што ме врзуваат. Да напоменам дека ова и не се баш албуми кои би се слушале сега во време на изолација, затоа што сите имаат темна атмосфера, иако тоа, барем за мене, не е страшно. Навикната сум јас да ги надградувам и збогатувам (ха,ха,ха) моите стравови на ваков начин, зашто сакам да се борам и да се соочам со нешто што ме притиска со директен контакт, пример со музика и се она што таа носи со себе…

1.Three colors : Blue – Soundtrack (1993)
Прво се сетив на музиката на култната трилогија на Кишловски „Три бои сино, црвено и бело“. Сите три албуми се неверојатно добри, ама „синиот“ е нешто безвременско, нешто што не може да се опише со зборови. И самиот филм е тежок, го опишува животот на жената која се соочува со губиток на семејството во сообраќајка, па оттаму музиката сигурно не би донела некоја пасторална нота ха, ха, ха.. Се работи за губиток – музиката тоа силно го рефлектира, но сепак, нејзиниот автор, полскиот композитор Збигњев Прајснер (Zbigniew Preisner), брилијантно умее да го избалансира, иако таа е клучен сегмент на приказната. Кога првпат ја слушнав музиката, кога го гледав филмот во кино во Скопје, на филмски фестивал, стомакот многу ме болеше и знаев дека е тоа нешто добро. Многу моќно! Но, она што за мене е поважно, а е врзано за оваа музика, е тоа што ние, неколку девојки студентки на Музичка академија, бегавме од часови за да одиме на филмски фестивал! Уф, тоа за нас беше нешто најубаво што можеше да ни се случи во тие години. Веднаш по „Три бои сино“, јас го купив албумот и се собиравме кај мене дома за да го слушаме, повторно и повторно. И токму овој албум, беше главен „виновник“ да трагаме по нему слични, да ги купуваме, да истражуваме и на крајот, надвор од она што се учеше на нашиот факултет, да научиме нешто многу поразлично, а исто толку вредно и несомнено убаво. Следеа, се разбира, сите музики на Прајснер, на целата полска современа музичка школа како Горецки, Пендерецки, Лутославски, Килар, па дојдоа американците минималисти Рајх, Глас, Ла Монте Јанг, Најман итн., и уште многу други разновнидни автори, меѓу нив автори и на филмска музика, кои го направија 20.век така еклектичен и убав, што сметам дека такво творечко богатство уште долго нема да се повтори.

2.Patti Smith Group – Wave (1979)

Втор албум кој никогаш нема да го заборавам е „Wave“ на Пети Смит (Patricia Lee Patti Smith), американската „кума на панкот“ – едно од нејзините, за мене, најдобри остварувања во целост, албум после кој таа направи огромна пауза од музиката посветувајќи му се на семејството, кога таа ќе се вљуби во извонредниот гитарист Фред Соник Смит. Пети Смит, инаку, да потсетам, беше во Скопје на Оф-фест и тоа за мене беше празник. Зошто овој албум? Како што кажав, најмногу заради музиката. Ама, овој албум со брат ми го купивме во Солун и едно лето, еден цел август, буквално секој ден го слушавме. Бевме сами, родителите ни беа некаде надвор од градот, ја имавме целата слобода на овој свет да правиме што сакаме, а ние го слушавме „Wave“, правевме сок од смрзната боровница и јадевме сладолед. Добро, јас тогаш се вљубив, баш тоа лето, и баш оваа музика ме поврзува со мирисот на јакната на дечкото кој го засакав, како и на мирисот на липите на улицата на која што живеев, ама поважно беше тогаш што ние имавме цел стан на располагање и тоа празен ха, ха, ха… Наспроти ова, Пети Смит и нејзиниот бенд, се разбира, направија врвно издание! Се уште го слушам и не ми е здодевен. Напротив. Посебно „Фредерик“…

3.Nico – The End (1974)

Нико (Nico – Christa Paffgen), пејачката на култните „Велвет андерграунд“ (The Velvet Underground), светска, ама и моја икона, моја прва љубов во смисла на поистоветување. Не знам како да го опишам тоа чувство кога првпат се „сретнав“ со Нико, ама беше откровение за мене во однос на многу работи. Моето созревање како жена, ама и во дел од општото музичко образование, затоа што Нико исто така ме наведе да слушам други „ствари“ кои ми донесоа големо искуство. „The End“ го слушав на „рипит“ секоја вечер пред спиење и често сонував кошмари ха, ха, ха… И не ми пречеше тоа. Ми се допаѓаше таа езотерија, дека можев да фантазирам, да влегувам во „филм“ без грижа на совест. Сама дома, кога немаше никој, застанував пред една стаклена соба за да се огледувам, и ја имитирав Нико особено „Valley of the Kings“ и се разбира „The End“ („The Doors“ cover). Не знам, интересен ми беше и нејзиниот англиски со германски изговор, како изгледа, како се однесува на сцена…

4.Radiohead – Hail to the thief (2003)

Го сакам „Hail to the thief“ на „Рејдиохед“ („Radiohead“)! Ах, тоа беа исто убави времиња за мене, некаде 2004,05 година. Посебно темата „Where I End and You Begin“. Тоа беше период кога јас и моите другари „кисневме“ во студиото на „машките“, момците од двата бенда „Д.Н.О.“ и „Проект жлуст“, студиото кое се уште постои и коешто се наоѓа во Кисела Вода. Тие таму ги снимаа нивните одлични песни, а ние девојките пиевме кафе, пиво, пушевме „џоинт“, знаевме да останеме и до четири наутро и веќе во осум да бидеме на факултет сосема свежи и одморени и тоа нам, всушност, ни беше скривалиште каде, исто така, многу научивме за музика – како таа се создава, целиот процес, од идеја до албум. Нашите другари од бендот ни беа колеги од Средно музичко и од Академија, а и денеска останавме истото друштво. Ова издание на „Рејдиохед“ заедно со „OK Computer“ ги „утепавме“ од слушање и мислам дека овој британски супер-бенд изврши влијание врз музиката на „Д.Н.О.“, група која кога се појави донесе новина на македонската музичка сцена и важеше за една од најдобрите. Исто и „Проект жлуст“, иако носат сосема различна звучна естетика. За жал, денеска не постојат. Но, „Рејдиохед“ и „Hail to the thief“ ме враќаат назад на едно безгрижно време кога и мојата лична креативност, и во смисла на пишување и во смисла на музика, беше на, за мене, задоволително високо ниво ха, ха, ха…

5.Japan – Tin Drum (1981)

За крај, иако требаше прв да го издвојам, е „Tin Drum“ на бендот на Дејвид Силвијан – „Japan“. Да не беше оваа плоча што ми ја купи мојот прв симпатија, и тоа со посвета, со кого исто така, ја слушавме нон-стоп кај него дома – куќата сместена во срцето на Дебар маало, немаше да знам ниту за Силвијан кој веднаш ми стана идол. Ако воопшто постои тоа, а постои кога имаш 17 години. Ја издвојувам „Ghosts“. Многу интересно издание, затоа што во инструменталниот дел, инаку целиот бенд е одличен, посебно басистот Мик Карн, се случуваат многу убави работи, инвентивни, несекојдневни, нема таму клише форма итн.. Овој албум, всушност, ме враќа на времето кога се излегуваше во култните кафичи во Старата скопска чаршија – „Мондријан“ и „Арарат“, кога се натпреварувавме кој колку и какви книги прочитал, кога разменувавме стрипови, кога зборувавме за филмови, кој каква плоча ја купил и од каде… Ете, и такво време постоеше, не толку далеку, ама се чини брзо се заборави.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – ЦенеАна ЗдравковаТони Димитров