#ПетАлбумиЗаПоДома на Сара Миленковска

Политологот, активист и коосновачка на Стела Менторска Мрежа, Сара Миленковска oдбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома, со свој осврт за музичките остварувања:

1.Fleetwood Mac – Rumors (1977)

Ова е еден од оние бендови за кои не знаеш од каде ја имаш прва меморија за нив, кога точно си ги чул, дали од твоите или кога си трагал по нова музика. Како и да е, Rumors ми е еден од омилените нивни албуми, и мислам дека и нивен најпознат/најпродаван албум. Цел спектар на емоци се чувстува буквално во секоја песна, а мене најдрага ми е The Chain. Интересна е приказната околу условите во кои бил снимен албумот, има гласини дека поради интерперсоналните релации членовите дури и не сакале да зборуваат меѓу себе, освен за музика. Еве и едно кратко видео кое би сумирало како е напишана The Chain.

2.Lizzo – Coconut Oil (EP) (2016)

Лизо, сестра ми неколку пати ми ја прати да ја чујам и кога конечно ја завршив должноста како помала сестра сфатив колку е генијална, слободна и самоприфатена. Мене лично ми ја обележа 2017, а уште помило ми е што дури сега го добива мејстрим вниманието кое го заслужува. Coconut Oil, е спој на песни со кои си го започнуваш денот преку pep talk во огледало и потоа преминува во песни кои те тераат да се качиш на шипка. Ако ви се свиѓа Лизо тогаш ќе ви се свиѓа и нејзиниот албум што следеше Cuz I love you, проследен со прекрасен настап на NPR.  Плус, да ја гледаш во живо е најоткаченото искуство.

3.Ерзана – „Без зборови“ (2000)

Ерзана една и едниствена, врати се. Јас не знам домашна журка која има поминато без нејзина песна, како и да е, ново откритие е кога ќе седнеш и одново ќе ги преслушаш сите песни. Не знам дали има каде да се купи или најде, само сум среќна што некој успеа и ми го прати албумот директно. Патем за сите што не знаете има ремикс со САФ на албумот.

4.James Blake – Assume Form (2019)

Иако албумов за фановите на James не е можеби омилен, мене ми има оставено преголем впечаток особено бидејќи и кога го гледав во живо не знаев дека постои можност да бидам сведок на толку добар настап. Andre 3000 се појавува на Where is the catch, Trevis Scott на Mile High. A преку песната Barefoot in the Park ја открив Росалиа. Се гледа убава еволуција на неговиот звук, нови елементи, а сепак толку достоен на својот стил. Ако можев би им ја пратила Don’t miss it, во една групна мејл порака до сите на светов.

5.Rosalia – El mal querer (2018)

Нејзините вокални спосбности, спој на хип-хоп и фламенко креираат сосем нов жанр ако смеам да го наречам. Но, тука она што најмногу ме интригира е приказната позади целиот албум, секоја песна претставува едно поглавје од роман „Flamenca“, напишан во 13ти век околку една токсична врска. Секое поглавје е еден начин на кој главната хероина се справува со болката, разочарувањето и потрагата за сила. Росалиа доаѓа од Каталонија, па живењето околу индустриска зона во  Барселона се препознава преку визуелниот идентитет на спотовите, вклучително и звуците кои и ги додава во својата музика. Bagdad ми е омилена, каде што всушност референцира стриптиз клуб во Барселона.

Дополнително, ОВА е многу интересна музичка анализа на нејзинот албум – ROSALÍA: What no one is saying about her new album: El Mal Querer | Jaime Altozano

Бидејќи се чустувам дека го запоставив хип-хопот во мојата листа, ова е бонус 5 албуми од тој жанр: King of darkness (KOD) – Tech N9ne (2009), Ready to Die – B.I.G. (1994), DAMN – Kendrick (2017), Straight Outta Compton – N.W.A.(1988), Diana: Detailed – Dynasty (2009-2019).

– – – – – – – – – –

Радио МОФ започна рубрика #ПетАлбумиЗаПоДома, со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Ќе објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето да ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски
Петар Антевски
Сара Цветкоска
Мартина Баракоска