Изложбата „Тивки ритуали на модерноста – Чај и кафе за новиот град“ ќе биде отворена на 26 ноември 2026 година во 19 часот во фоајето на Културно-информативниот центар во Скопје. Посетителите ќе можат да видат оригинални порцелански сервиси за чај и кафе од фабриката „Борис Кидрич“ во тогашен Титов Велес.
Преку избрани шолји, чајници и сервиси, изложбата го следи развојот на индустрискиот дизајн во фабриката од 1955 до 2003 година. Поставката покажува како предметите што ги создавале фабричките дизајнери станувале дел од домашните навики и како културата на пиење чај и кафе се менувала во Скопје и низ земјата по Втората светска војна.
Авторки на изложбата се Јасминка Намичева, Екатерина Намичева Тодоровска и Јасмина Дамјановска, членки на скопското Здружение за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“. Изложбата е подготвена во соработка меѓу здружението и Културно-информативниот центар во Скопје.
Поставката ќе биде отворена до 10 декември 2026 година.



