Самостојна изложба на Ѓорги Динев во Струмица

Во организација на Здружение за култура „Транзен“, денес во Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник Ѓорѓи Динев. Изложбата ќе биде отворена за посетителите од 19 часот.

„Во делата на Ѓорги Динев има едно парче небо искинато и залепено врз еден сив простор пресечен од една вертикала. Една згрутчена маса црна боја која се шири како дамка врз телото на сликата. Еден предел опустошен и сув. Хаотични линии кои се движат според бурата на нервите. Пори на жив организам полни со сок. Можеби тука се кријат пејзажи? Но и ако ги има, тоа се пејзажи на душата која трага по својата смисла. Душата во дисхармонија со телото. Кога го прашаа еднаш Џексон Полок, дали би сликал пејзажи, тој одговори – „Јас сум пејзаж!“. Дури и да има перспектива, таа е внатрешна перспектива“, се вели во соопштението за изложбата.

Ѓорги Динев е роден во 1994 година во Струмица. Активно се бави со сликарство и графика и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.Ова е негова втора самостојна изложба.