„Symbiotics“ – изложба на Филип и Ангел Коруновски во МКЦ

40 дела работени во комбинирани сликарски и цртачки техники на уметниците Филип и Ангел Коруновски, денеска ќе бидат изложени во Младинскиот културен центар.

Изложбата е насловена Symbiotics“ и е првата заедничка изложба на уметниците, кои велат дека се визуелни уметници со разноликост во нивните портфолија, а слични во нивната физономија.

Изложбата ќе трае 10 дена и ќе биде отворена до 3 декември. Сите дела претставени на изложбата се работени на квадратни платна и се рефлексија на чувствата и размислите на уметниците во контекст на апстрактната уметност и акционото сликарство во насока на личното современо доживување на општеството.​

„Symbiotic е диптих во кој комуницираат уметнички дела во постојани движења. Диптихот го чинат презимето на потписите, а рамката во која диптихот се остварува е акцијата, дејството. Акцијата во засебните уметнички дела, кои ја чинат изложбата и акцијата во комуникацијата што меѓусебно ја остваруваат овие уметнички дела, во диптихот како севкупна импресија“, велат уметниците.