Операцијата за продажба на Алта Банка – Битола почна, меѓупартиските обвинувања за влезот на српската Алта Банка во некогашна Стопанска банка – Битола не запираат, пишува Порталб. Кој го отворил патот за банкарското преземање, кој ја потпишал продажбата?
Ако првата продажба не успее, на следните аукции цената ќе „паѓа“
Операцијата за продажба на „Алта Банка – Битола“ почна, 95,33% од акциите се продаваат за 22 900 000 евра. Банката ќе се продава на Берза, на 30 ти ноември по принципот “се или ништо“. Цената за една акција ќе изнесува 3 777 денари.
„Банката се продава преку Берза како котирана компанија, односно банка. Цената на една акција е практично просечната цена на акцијата во изминатите три месеци. Во случајов банката се продава по моделот “се или ништо“, ова значи дека купувачот може да даде понуда за преземање на повеќе од контролниот пакет од 51% , односно купувањето може да го “услови“ со преземање на 100% од капиталот на банката. Многу е важно и да се заштитат интересите на “малцинските акционери“. Согласно нашите закони, цената на акциите на малцинските акционери не смее да биде пониска од цената на акциите на оној кој го има контролниот пакет“ – објаснува за “Порталб“ економски и финансиски експерт.
Доколку аукциската продажба на 30 ти ноември не успее тогаш, според објавените информации од НБМ, ќе биде закажана нова, на почетокот на декември но почетната цена на акциите ќе биде пониска за 10%. Токму овој модел го отвори прашањето по која цена на крајот ќе биде продадена банка и дали капиталот нема да биде обезвреднет.
Во меѓувреме владејачките партии Вмро -Дпмне и Влен тврдат претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ го отворила и овозможила патот за продажба на Стопанска Банка Битола на Алта Банка Белград. Од Влен обвинуваат дека со потпис на поранешни функционери на ДУИ е спроведена продажба на државните удели во Стопанска банка – Битола на фирми чии сопственици се во роднински и блиски релации со претседателот на ДУИ Али Ахмети а потоа тие ги продаваат акциите на Алта банка – Белгард.
„Според документите и информациите што ги објавуваме, влезот на Алта банка во Северна Македонија бил овозможен преку однапред осмислен механизам, во кој, како што тврдиме, биле вклучени тогашни функционери на ДУИ – Артан Груби, Бујар Османи, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Преку политичко влијание и користење на институционалните позиции, тие, според нашите наводи, го иницирале, го олесниле и го овозможиле процесот на продажба на Стопанска банка АД Битола на српската Алта банка“, соопштија од ВЛЕН.
Стопанска банка Битола е продадена во мандатот на сегашната власт предводена од Вмро Дпмне и Влен, возвратија од ДУИ.
„Функционерите на ВМРО од ВЛЕН се однесуваат токму како во народната поговорка: „Крадецот вика: држете го крадецот!“ Самите ѝ ја отворија вратата на Алта Банка, самите ги потпишаа и ги заверија одлуките, а сега излегуваат и ги обвинуваат другите. Откако ја завршија работата, сакаат да си ги измијат рацете. Но, лицето не се мие со валкана вода! Ние предупредивме уште пред Алта Банка да влезе во Северна Македонија. Јавно им кажавме дека оваа банка има сомнителни врски со таканаречениот „Српски свет“. Тие не сакаа да слушаат. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери од ВРЕДИ побрзаа да ѝ ги отворат вратите на банката на Вучиќ.’ – реагираа од ДУИ.
Во мандатот на претходната влада не се спроведе никаква продажба на Стопанска Банка Битола, тврдат доброупатени извори за “Порталб“.
Во 20023 та година Србија „присилно“ го откупува акциите, односно уделот на Македонија го имала во тогашната Југословенска банка за меѓународна соработка по основ на сукцесија .
„По основ на сукцесијата на имотот на земјите од поранешната ЈУ-држава, односно како наследник на заедничкиот имот беше и Македонија која доби акционерски удел од нешто над 1% од тогашната ЈУБМЕС банка. Се работи за имот во форма на акции кои припадна на нашата држава по основ на поделба , односно сукцесија. По одлуката за приватизација, тогашната српска државна банка беше преземена од Алта Банка која го почува процесот на откуп на акции од акционерите – поранешните ЈУ држави, меѓу кои и Македонија. Босна и Херцеговина на пример даде согласност за продажба на нејзиниот удел, но не и ние. Наспроти ваквиот наш став, акциите ни се “принудно откупени“ од страна на Алта Банка, по што македонските власти го ангажираат народниот правобранител да ги заштити државните интереси во Србија“ – вели добро упатен извор за “Порталб“ и додава:
„Две години по оваа ситуација, Стопанска Банка Битола е продадена на Алта банка Србија, во мандатот на сегашната власт “
Токму документот со кој тогашната Влада го ангажира државниот правобранител да ги штити државните интереси во Србија, според Вмро Дпмне е адут за вклученост на претходната власт во продажбата на Стопанска банка Битола.
„Со денови молчат и не кажуваат зошто во 2023 година не излегоа на прес-конференција да ги известат граѓаните дека ќе ги продадат државните акции, на тие како што велат, криминалецот Мацура и неговиот сомнително стекнат капитал во Алта банка“ – велат од Вмро-Дпмне.
Принудното откупување на акциите во тогашната ЈУБМЕС банка не е поврзано со продажбата на акциите што државата ги имала во Стопанска Банка – Битола, тврдат познавачите.
„Се работи за пакет акции од околу 1,85 % од капиталот на Стопанска банка Битола стекнат по пат на конфискување и тие акции беа дадени на управување на Агенцијата за управување со конфискуван имот. Државата не може и не треба да биде сопственик на банка и затоа е очекувано таа да ги продаде акциите “ – велат познавачите.
Пред официјалниот влез на Алта Банка Србија во Македонија опозицискиот блок во повеќе наврати тврдеше дека банкарската трансакција не треба да се случи поради контроверзноста и криминалната позадина на сопственикот на српската банка.



