#ПетАлбумиЗаПоДома на Биљана Стојановска

Поетесата и новинарка Биљана Стојановска одбра #ПетАлбумиЗаПоДома.

Таа години наназад работи во „Нова Македонија“. Во 2015 година ја објави збирката поезија „Зборовите немаат значење“ за издавачот „Антолог“. Стојановска е добитник на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ („Галикул“).

Стојановска беше една од поетесите на „Астални проекции“, независната поетската трупа што своевремено во вторник си имаше „закажано“ термин во култната „Менада“. Потоа трупата направи и „камбек“ во подвижната културна зона во ЈСП.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Стојановска, со нејзин осврт кон музичките остварувања:

Многу тешка одлука морав да донесам. Малку се само пет албуми наспрема цела музика на светот. Капка во океан. Меѓутоа, што се мора, не е тешко, знаеме кои сме и што сакаме. Ова е мојот избор.

1.Stan Getz and João Gilberto – Getz/Gilberto (1964)

Жал ми е што морав да издвојам само еден албум. Жоао Жилберто е пионер во босанова, меѓутоа е и пионер во мојот музички свет. На моменти ми е несфатливо како некој можел да создава толку лесноприемчив звук, а да пее за толку голема светска тага. Албумот не е само за по дома. Албумот е за на работа, за на плажа, за пред носење голема одлука, за кога сме среќни, кога губиме нешто, кога ни се плаче и за кога јадеме бисквит-торта на тераса.

2.Rodrigo Leão – Alma Mater (2000)

Човеков знае што прави. Во суштина е класичар, но на композициите им ја додава таа мека, летна, португалска боја, што се среќава и кај „Мадредеуш“. Имав среќа да му присуствувам и на концерт и после концертот ги симнав сите албуми. На концертот плачев. Не знам дали од среќа или од тага.

3.Ennio Morricone ‎- Cinema Paradiso (Original Soundtrack) (1988)

Уште еден голем класичар. Не случајно се одлучив за овој саундтрак. Комбинацијата на Торнаторе како режисер и сценарист и музиката на Мориконе се добитна комбинација за сите сетила. Кога ја слушаш музиката знаеш што си бил, што си станал и што не сакаш да станеш. Поезијата да имаше звук, ќе звучеше како овој албум.

4.Бернајс пропаганда – Политика (2016)

Албумов никако да ми стане досаден. Преслушан безброј пати. На што ме потсетува албумов? На слобода! Возам велосипед во топла пролетна ноќ. Пеам на глас и немам обврска никому да му се јавам.

5.Драган Ѓаконовски Шпато – цело творештво!

Цело творештво на Шпато! Композициите на првиот македонски џезер треба да се учат во основно училиште. Мек, меланхоличен, динамичен, лежерен. Сѐ умее да биде Шпато – доцни разговори во летна вечер, цигари и вино, автобус што доцни, чисто ѕвездено небо, танц во патики, топли бакнежи, разделби, мека перница. Кога го слушам Шпато знам „дека почнува живот, и нема крај“.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски