#ПетАлбумиЗаПоДома на Ена Утевска

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска ја имаме Ена Утевска, активистка за климатска и социјална правда и студентка.

Таа вели дека за нејзе музика е најлесниот начин за пловење во необични, нови, различни светови. Не би сакала да замисли живот без музика. Од шетање низ град, готвење или журкање, музиката ја движи и и’ дава живост и магија на денот.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Утевска, со нејзин осврт кон одбраните музички парчиња:

***

1.L’Impératrice — Tako Tsubo (2021)

L’Impératrice ги открив сосема случајно на почеток на короната, и од тогаш ми се опсесија. Ретро-футуристички вајб на електро/диско/поп. Со секоја песна на свој начин, носат нови патувања преку совршено несовршена симфонија на звуци и емоции. Магични и неочекувани, како од друга планета. Всушност, името на албумот „Tako Tsubo“ доаѓа од истоимениот синдром, симболика на идејата за креирање прекин во непрекинатоста, прикажано низ композициите кои ја менуваат насоката во неочекувани моменти.

2.Aurora – A Different Kind of Human (Step II) (2019)

Aurora ја обожавам поради нејзиниот самовилски глас, но и прекрасните текстови. Преку реални слики за светот, интерконекција меѓу луѓето, природата и сѐ наоколу, во овој албум таа истражува што значи да се биде поразличен човек. Мистична, надреална, провокативна, полна со симболики за проблемите со животната средина и нашата (дис)конекција со природата. Омилена песна ми е The seed, која силно повикува за прекин на злоупотребата на природата во име на профит.

3.Pink Floyd – Wish You Were Here (1975)

Веројатно, ова е албум за којшто знам од најрана возраст. Моите дома постојано ми имаат зборувано за песните од него и многу години ме прашуваа за факти, од име на членови на бендот, па до која година што се случило, а јас никогаш не сум стоела добро со меморизирање на факти. Само замижувам и уживам во нешто што е над разбирливото. Неверојатно е како некои луѓе може да креираат волку добра музика. И каква моќ има музиката, да тече од детството на моите, па сѐ до денес да е во мене, а верувам ќе биде вечна.

4.Queen – A Night at the Opera (1975)

Queen можат да ми кренат расположение во секое време. Ептен скорешна случка – последните денови во студентскиот дом во Германија, живеев на трети спрат, а на приземје имаше 2 клавири. Беше околу 10 часот сабајле, а јас сѐ уште недорасонета, не знам како успеав да ги слушнам нотите на Bohemian Rhapsody што секогаш ме погодуваат. Одма оставив сѐ и се стрчав надоле по скалите. Земав да пеам на цел глас додека другарот свиреше предобро. Смешно си звучам кога го пеам еден од најдобрите вокали во историјата, но сепак доживувањето на музиката дури и во утрински часови со засипнат глас, се чувства кои тешко се опишуваат со зборови.

5.Florence + The Machine — Dance Fever (2023)

Овој e најнов албум со експлозија од нова енергија и магичност. Флоренс Велч според мене е најпрекрасната вештерка на денешното време. Нејзината магија и автентичност се чувствуваат во секој збор и нота, креирајќи уникатен музички свет.
Искуството во живо е неописливо, бидејќи нејзините изведби се вистинско виножито од чувства, кои носат од солзи до насмевки. И затоа, не се чудам што секој нејзин албум ме обзема, секој пат откривајќи ми нешто ново и восхитувачко.

***

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар Тодороски – Бојана Низамовска – Дејан Василевски – Гето Руди – Горан Конев – Клаус – Леонида Гулевска – Бисера Атанасова – Иван Димишков-Димиш – Михаил Каровски-Натрикс – Анастасија ПавловскаБјанка Станковиќ

* * *