#ПетАлбумиЗаПоДома на Дејан Василевски – Гето Руди

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Дејан Василевски – Гето Руди, лектор, селектор на музика и радиоводител.

* * *

Ова се моите пет албуми кои ми се за по дома, ама и за на пуст остров! Албуми што ме изградиле во човекот кој сум денес…

1.Zana – Dodirni mi kolena (1982)

Ова е албумот што од мене направи човек! Издаден е 1982 година, втор по ред на групата „Зана“. Иако плочата ја купив години подоцна, сè уште уживам додека ја слушам, сè уште ги знам сите стихови на памет и секогаш ме враќа во детството. А таму, во детството, се сеќавам како касетата ја вртев од едната, па од другата страна до излижување. Имав седум или осум години, се повлекував во сопчето на прабаба ми во куќата на Водно, си играв некои детски игри и константно ги преслушував десетте песни. А навистина немам поим како таа касета завршила во мои раце, веројатно ја купиле моите и веројатно сум ја затекнал во касетофончето „Грундиг MK 2500“. Но, да не беше таа касета веројатно мојот животен пат ќе беше поинаков денес!

2.Јаков Дренковски – C’est La Vie (1991)

Одамна ја имам оваа плоча, можеби уште од 1991 година, кога е издаден албумот. Уживам да го слушам Јаков како пее и како свири гитара. Неговите поп шансони на C’est La Vie, чијашто лирика е на Љубомир Грбевски-Џери, секогаш ми ја слика Македонија од моите тинејџерски години, иако музиката што сум ја слушал тогаш не соодветствува со музиката од овој албум. Како и да е, често знам да се фатам за оваа плоча кога сакам да слушам нешто од „моето“ време. Инаку, некои од музичарите кои учествуваат во снимањето на овој албум се Перо Камиказа, Дамир Имери, Тоше Поп Симонов, Мите Димовски и Тања Станковиќ… Страшни музичари од македонската сцена!

3.Gentleman – Journey To Jah (2002)

Првпат кога ја слушнав песната „Dem Gone“, тоа беше буквално лупнување од земја што значи регето, односно што значи модерното реге. А ситуацијата беше повеќе од трагикомична. Имено, на телевизорот во училницата во воената касарна во населбата Аеродром, додека отслужував воен рок, во 2002 година, одеше некој музички канал, не би можел да се сетам сега кој, и додека ги облекував војничките чизми рано утрината, нешто по 6 часот, почнува спотот на песнава! Првата реакција ми беше да го запленам далечинското, за да не се најде некој да ми смени канал, зашто во тие утрински часови најчесто беше вклучен „Фешн ТВ“, останат од ноќните активности за дежурните војници. Ха-ха-ха-ха!!!

Следната сцена беше активирање на сите регери во МКД да се најде кој е Џентлмен и што има издадено. А потоа ѝ пишавме на издавачката куќа од Германија, која ни излезе во пресрет и ни прати едно пакетче со сите дотогашни изданија на Џентлмен на плоча и на цеде. Леле-леле-леле!!!

А на албумот, буквално секоја песна врескаше! Секоја песна можеше да биде хит, а и беше хит. Што и да пуштевме од тој албум на реге-журките што ги правевме со „Актив раста селекторс“ беше феноменално прифатено, насекаде низ МКД, без исклучок.

За мене, оваа плоча е камен-темелник на реге-сцената во Македонија, каква и да е во моментов. Без овој албум, ќе немавме реге-сцена. Инаку, Џентлмен е Германец од Келн, но албумот е сниман на Јамајка и во него земаат учество сите позначајни регери од островот: Баунти Килер, Кеплтон, Лучијано, Мајки Џенерал, Џек Радикс, „Морган херитиџ“, Џуниор Кели…

4.Black Uhuru – Anthem (1983)

Според мене, најкомпактниот албум на „старото“ реге некогаш издаден. Плочата, издадена 1983 година (Југотон – 1984),  едноставно вози од почеток до крај. Нема песна што би можела да биде хит, но и не треба да има, бидејќи се слуша за да се ужива во она како треба да изгледа и да звучи регето! А и не може да се очекува помалку кога ритам секцијата е на Роби Шекспир (бас) и Слај Данбар (тапани), најдобрите ритам музичари некогаш излезени од Јамајка плус Дин Фрејзер на саксофон. И прекрасните вокали на Мајкл Роуз, Пума Џонс и Даки Симпсон. Нема тајминг кога не можам да го слушам овој албум, а можам да го слушам непрекинато до недоглед.

5.Madness – Absolutely (1980)

Оваа плоча, издадена 1980 година, беше пресвртница за мене, од рокот кон регето. Иако на почетокот албумов го имав на преснимена касета од „Поп-топ“, музичката продавница од „Скопјанка“, што во деведесеттите ја посетувавме еднаш неделно, без разлика од кој дел на градот потекнувавме, најчесто во петок, бидејќи неделните пари за ужинка ги штедевме за нова касета или плоча, првата можност што ми се укажа ја набавив на плоча. А причината е сосем едноставна, на сите сканкери, рокери, панкери, регери… овој албум им значи баш, баш, баш многу! А мене ми беше почетокот на истражувањето на ска музиката, што ме однесе на корените, односно на првиот бран ска, на Јамајка. А оттаму, многу лесно се прешалтав кон рокстеди, синот на ска, а подоцна и реге – внукот на ска! :)

* * *

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип Букршлиев – Катерина Иванова – Анте Гулин – Анастасија Саздовска – Димитар ТодороскиБојана Низамовска

* * *