#ПетАлбумиЗаПоДома на Анте Гулин

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома денеска го имаме Анте Гулин. Тој за себе вели дека е човек израснат со музиките од Вудсток, британски поп-рок, психоделичен рок, хеви-метал и метал. Во животот преслушувал музика од секакви жанрови, од фолк до транс. Свири повеќе инструменти, нај при срце му се бас гитара и бубањ. Има свирено во повеќе оркестри за класична музика и бендови меѓу кои „Furion“ и „June“, а дел е и од „Audiobahn“ кој ја поддржува електронската музичка сцена. Сака да „копа“ музика, да открива, реоткрива и анализира музика. Секако, сака и да свири и твори музика, само што сега нема инструменти и мора само да слуша и да „стрепа“.

Ова се #ПетАлбумиЗаПоДома на Анте Гулин, со негов краток уводник, а потоа и осврт кон одбраните музички парчиња:

* * *

Интересен предизвик е да треба да одбереш само #ПетАлбумиЗаПоДома, особено ако те интересира музика. Сакам да слушам и преслушувам музика од секогаш, па затоа и слушањето музика ми зависи од многу аспекти и расположение во суштина, но и постојано барање некој нов звук. Пробав да одберам нешто посвежо што моментално ми е безбедна точка кога сакам едноставно да пуштам мозок на пасење, секако, листава секогаш варира.

1.Betty Davis – They Say I’m Different (1974)

За почеток, Бети Дејвис, позната по своите контрoверзни сексуално-ориентирани лирики, сопруга на легендарниот трубач Мајлс Дејвис. За мене лично одлични фанкови со своја суптилна блуз позадина и совршена доза на придружни вокали. Секогаш многу ме одмара и интригира кога има совршено искалкулиран бубањ и бас,  придружна комбинација на инструменти кои што во комбинација со гласот на Бети, прават совршен грув на точни звуци во точен момент. Целовкупниот анражман и продукција на целиот албум, со оглед на фактот дека е снимано во ‘74та е извонреден.

2.Mr.Big – Sweet Silence (1975)

Втори, Мистер Биг од Обединетото кралство, не Мистер Биг од САД кои се појавуваат во доцни 80ти со познатата To be with you :) За многумина непознат бенд што ја започнува својата кариера како млад потписник на издавачката куќа ЕМИ која исто така соработува со Пинк Флојд во тоа време. За жал, немаат баш светла кариера понатаму. Според мене, само Sweet silence го има достигнато тој момент на целосно психоделично искуство, каде што секоја трака е своја приказна ама и своевидно патешествие. Бендот совршено успева да го спои со британскиот (психоделичен) рок наратив и тој чуден панк вокал со разни јапонски/кантри мотиви. Секако дека албумот има и добра балада. :)

3.Psychedelic Porn Crumpets – High Visceral Part 1 (2016)

Трети, PPC од Австралија, за нив би рекле дека кога King Gizzard & the Lizard Wizard и Tame Impala би имале дете, тоа би биле PPC и тоа не е лага. Само што момците многу добро знаат да играат со звуци, ритмови, психоделија и притоа да звучат on-point. Мене лично ми се предобра вожња, секогаш суптилно ми даваат некоја нова ствар која можам да ја анализирам музички, а притоа се одличен спој на инструменти и вокали и звучат мошне стегнато продукциски (би сакал да ги гледам лајв).

4.Kikagaku Moyo – Masana Temples (2018)

Четврти Кикагаку Моџо. За време на ковидот, го имав сето време да копам и слушам музика (како и повеќето претпоставувам) и случајно стигнав до бендов. Беше освежувањето од музика што ми отвори еден целосно нов свет за истражување и занимација. Јапонски јазик на психоделичен/асид рок со суптилни јапонски елементи е друг свет.

5.Bella Technika – Solid state (2023)

Петти, Бела техника, нов проект на Бојан Дробац и Мирослав Ристиќ од познатите Darkwood dub, и оперската пеачка Катарина Јовановиќ. Solid State им е последното издание во 2023 за што имаат и одличен лајв, но и студиски албумот звучи одлично. Сакам албуми што добро комбинираат темпо во различен дел од албумот и нудат одличен вајб додека трае целиот албум. Одличен електронски иструментален проект, се надевам е само почеток. Плус е супер за расонување.

Бонус: Rib @ Kokino (2019)

Ќе ги оставам како бонус РИБ и нивниот лајв настап на Кокино што е одличен микс од албумите Bliss (2017) и Rib (2019), работен од Pirka AVH и Ненад Трифуновски – Трипе. За мене лично еден од подрагите проекти кој секогаш ми ја нуди енергијата што ми треба. Совршена кулминација на природата и глетката што Кокино ја нуди и тоа што РИБ го сервираат како одлично искомбиниран алтернативен/инди/сурф/пост-панк/пост-рок.

* * *

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан Гаговски – Иван Шопов – Калина Качоровска – Атанасија Гулевска-АТА – Мартин Анастасовски – Александар Бошков – Данче Ефтимова – Марина Савеска – Тамара Стојаноска – Филип БукршлиевКатерина Иванова

* * *