#ПетAбумиЗаПоДома на Михајло Мишко Грбевски

Долгогодишниот музички новинар, Михајло Мишко Грбевски, одбра свои #ПетАлбумиЗаПоДома.

Тој за оваа прилика одбра целосна листа со македонски албуми, давајќи свој осврт кон македонските музички остварувања:

1.Foolish Green – Escape (2013)

Дебитантскиот албум на скопската група Foolish Green, насловен „Escape“, е мојот прв избор кога станува збор за македонската музика, особено на онаа од поновиот период. Тој е еден од ретките албуми на кои постојано му се навраќам, и секогаш ме возбудува.

Албумот кој е објавен во 2013 година, едри на ветрот на британскиот звук, каде што се испреплетуваат психоделијата од 1960-тите и 1970-тите години од работилницата на Pink Floyd и етеричниот период на The Beatles, потоа гитарската школа од 1980-тите, комерцијалниот брит-поп од 1990-тите години и инди-звукот на новото столетие. И сето тоа спакувано во финален продукт со искрена и непретенциозна желба за подобро утре.

„Escape“ можеби најдобро си го опишаа самите автори, кои на неговата корица го испишаа цитатот на Франц Кафка: „Постојат безброј прибежишта, но само едно бегство. Но има толку можности за бегство колку што има и прибежишта“.

2.Д’Далтонс – De Luxe (2004)

Секс-пиштолџиите и романтични бандити на македонскиот рокенрол, Д`Далтонс, ми се најчестиот избор за уживање во друштво на добар стрип, Four roses и Lucky Strike.

Нивниот дебитански албум De Luxe, е строго дефиниран, стилски конзистентно изработен материјал, без оптоварување на некакви концептуални, прогресивни, алтернативни експериментални или какви било амбиции кој ефектоно си поигрува со ретроманиризмот и минамализмот од рок-литератирата.

Албумот елегантно премостува неколку временски музички периоди – 1950-тите на Елвис Присли, 1960-тите на Rolling Stones, 1970-тите на The Clash, 1980-тите на Stray Cast и Brian Setzer, па сè групите од новиот миленум како White stripes, Hives… Ваквото соединување на оваа широка палета на звуци и специфична лирка со прљав и провокативен скопски сленг е тоа што во мене ја разгорува желбата за уште еден стрип, уште еден Four roses и уште еден Lucky Strike.

3.RIB – Something Completely Different (2015)

Something Completely Different, е уште еден албум на домашни музичари од новата генарација. Првиот албум на кумановско-скопското триото RIB, можеби не е нивниот најдобар (имаат уште два), но со него момците го трасираа својот музички пат.

Во албумот преовладуваат инструментали песни, со многу малку вокални делници кои се во функција на дополнување на дијалозите меѓу гитарата, трубата и тапаните. Овој албум претставува едно спиритуално музичко патување од американските плажи преку суптилната атмосферата на њујоршките џез клубови, па сé до скопските летаргични возења на точак. Токму затоа Something Completely Different е идеален албум за домашна атмосфера, особено за време на оваа актуелна „карантинска“ состојба.

4.Јаков Дренковски – ЕААААА (1992) 

Мојата листа од пет албуми за по дома, не може да помине без Јаков Дренковски, пред сè затоа што сум интимно поврзам со него. Едноставно израснав со него и со неговата музика. Како дете бев љубопитен набљудувач во процесот на создавањето на некои од неговите најдобри песни.

Јаков Дренковски, кого поголемиот дел од публиката го познава како урбан трубадур, нарекувајќи го македонскиот Боб Дилан или македонскиот Леонард Коен, е еден од најзначајните домашни автори. Иако неговиот прв албум „Ces’t la vie“ повеќе одговара за оваа пригода, сепак јас би го издвоил неговиот втор албум „ЕААААА“, во кој се наоѓаат песните „Тетовирани срца“, „Дали ти се прецени“, „Порочна си оди си“ и секако неговиот најголем хит „Midnight cowboy“.

5.Бодан Арсовски – Endless view (1995)

Од големата ризница на македонски албуми, не смее да се изостави и ремек делото на Бодан Арсовски „Endless view“. Ова е албум кој ми одговара во секоја пригода и во секаков амбиент.

Албумот е една одлична фузија на етно-звукот кој Бодан го користи како појдовна идеја за понатамошно надрградување, притоа давајќи му нов сензибилитет во модерна конотација. Веројатно ова е еден од најсериозните изданија од македоската музичка индустрија, кој не го сквернави македонскиот бит, туку длабоко навлегува во суштината на македонската традиција. Едноставно Бодан на овој албум си игра со тишината, која секогаш е не предвидлива и мистична и не знаеш што те очекува во наредниот свиок.

– – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Идејата е да дадеме смисла на времето во изолација, да го култивираме просторот со изданија што се „вртат“ по дома. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку чисто музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:
Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина ШекутковскаМихаил Караколев