[Фото] Културна „окупација“ на автобус на ЈСП

Предавање, мала дискусија, читање поезија, дружба, свирка… Сето тоа во автобус на ЈСП, кој со 40-ина патници направи тура низ улиците на Скопје и потсети дека уметноста и културата можат да најдат и „окупираат“ најразлични места за експресија и поврзување меѓу културните фанатици.

Почетна станица на оваа несекојдневна автобуска тура наречена „Омнибустопија“ беше „Фонтана“ кај скопскиот Градски парк. Апаратчето за „откуцување“ билети не работеше. Ова беше бесплатна тура за култура. Мобилен културен центар.

„Целта е да мислиме за градот. И предавањето е за градот, и поезијата е за градот, и музиката. За да го доживееме градот, тој да биде во позадина, а ние да се движиме од центарот кон периферијата, и назад“, вели Јордан Шишовски од „Аксиома“.

Во унгарскиот нископоден автобус на ЈСП влегоа луѓе со инструменти, со звучници, микрофон. Некои млади луѓе си понесоа и тетратки или мобилни телефони од кои потоа читаа поезија. Се качија и луѓе што набљудуваа, што седеа и будно слушаа, се смееја кога некој ќе викнеше „кривина“, или ракоплескаа и воздивнуваа на стихови заедно со познати и непознати сопатници.

Воведничар на овој уникатен настан на „Аксиома“, беше токму Вангел Ноневски од оваа Асоцијација, кој зборуваше на тема „Скопје 2014: урнисување на културата на средбата во скопскиот јавен простор“.

Со микрофон застанат на „средна врата“, додека шоферот веќе возеше накај Ѓорче, Ноневски вадеше цитати од разни теоретичари, мислители, културни дејци, архитекти.

Зборуваше за заедничките јавни простори, што тие значат, како функционираат, како ги еманципираат или оттуѓуваат граѓаните. Токму девастацијата на „Скопје 2014“ го зема пример во поглед на тоа дека понекогаш постоел слободен плоштад без да биде „начичкан“ со споменици и објекти. Јавни простори каде млади, алтернативци и панкери се собирале, се дружеле. Биле тоа свртувалишта на идеи, за запознавање на нови ликови и другари, локации што хранат со култура.

Исто така, нагласи дека „СК2014“ не нуди проактивност за граѓаните преку процес на слободно толкување на објектите, спомениците и јавните простори. Односно, не нуди интерактивност за публиката и можност таа да ги довршува, интервенира, дообмислува и реорганизира заедничките простори во Скопје.

„Вистинското прашање на денот, е зошто во ‘Скопје 2014’ главни правци во областа на архитектурата и уметноста беа барокот, реализмот и неокласицизмот? Зошто се негираше модернистичкото наследство? Мое длабоко убедување е дека ‘Скопје 2014’ е проект наменет да ја уништи партиципативноста, слободата на скопскиот и македонскиот граѓанин на свој начин да ја доживува околината“, зборуваше Ноневски додека шоферот чекаше да се запали зелено светло на раскрсница кај Нерези.

По него, на агендата дојде време за „Астални проекции“. Независната поетската трупа што своевремено во вторник во „Менада“ си имаше „закажано“ термин, сега направи камбек во црвениот автобус.

Веќе познати лица, поети, млади лица, сите си го подаваа микрофонот. Од еден до друг, од трет до четврт, од петти до шести… Од напред, каде некогаш во автобусот имаше кондуктер, па се до задните седишта од возилото на ЈСП. Идеајата беше повторно тука, таа иницијалната, секој да има можност да чита и каже нешто во слободната културна зона. Да го слушнат, да добие аплауз.

„Астални“ и тука понудија свеж провев на енергија. Импровизираа, ги забавуваа луѓето, ги инспирираа. „Астални“ се слобода на изразот, затоа што не е само поезија и проза, туку и џемирање, слемирање, пеење. Од се’ по многу. Затоа оставија белег во културното урбано битисување.

„Ова е спонтан камбек. Не’ викнаа Луки, Јордан и Вангел, тотално непланирано за нас. Луки пиша во инбокс ‘сакате ли?’, а ние ‘сакаме!’. ‘Астални’ нема да ги правиме континуирано, но вака, кога има убави луѓе да не’ поканат да направиме убав настан – ќе направиме. Јас си поминувам супер, мислам дека и другите си поминуваат супер. Бааги е забавно! Ова е подвижен културен центар! Има повеќе млади луѓе, луѓе што ги знаеме, што четири години доаѓаа на ‘Астални’ и читаа. Веќе се создаде круг. Овие луѓе тука ги запознавме, на вакви креативни настани“, потенцира Ѓоко Здравески од „Астални“.

И Ана Голејшка Џикова е импресионирана од идејата за подвижен културен центар. Смета дека е убаво што самите луѓе се спремни за вакво нешто.

„Јас прв пат пеам во автобус, а да не е тоа на екскурзија или некое патување“, вели  Голејшка Џикова од „Астални“.

На Скопје му требаат места за поезија, време е за младите, вели таа. Нагласува дека во „Shortbus“ една млада група веќе почна да прават поетски настани.

„Не дека ние сме ‘остарени’, ама форматот на ‘Астални’ беше таков, и постоеше додека постоеше. Сега постојат млади поети, млади луѓе што се обидуваат да направат нешто различно, што е навистина за пофалба. Ние веќе имаме триесет и нешто години, треба да им бидеме ветер во грб, да осознаваат повеќе работи на книжевна сцена. Ќе им бидеме ветер!“, констатира Голејшка Џикова.

Двочасовната тура низ Скопје заврши каде почна – кај Градскиот парк. Беше време за дечките од „Светлост“. Тројцата момци не зборуваа. Тие свиреа. Луѓето што се вратија од паузата, оние што не си отидоа накај дома, слушаа современа џез музика со звучки „рокнати“ насред скопски автобус. „Бината“ беше повторно кај средната врата, а аудиториумот стоеше или седеше од двете страни во јавното возило.

Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски и Кристијан Новковски, со проширениот единаесетчлен џез ансанбл на „Светлост“, се уште се актуелни со изданието „Odron Ritual Orchestra“. Оттука, на патниците во автобусот им понудија современа звучна подлога што влече паралели од американскиот слободен џез од 60-те и европските струи во креативната музика од изминатите шест децении.

На крајот, Шишовски од „Аксиома“ потсети дека ова треба дополнително да ги придвижи културните текови. Да ги помести границите на постојните културни и уметнички случувања во градот, надвор од фиксните, востановени места наменети за слични настани.

 

View this post on Instagram

 

Во унгарскиот нископоден автобус на ЈСП синоќа влегоа луѓе со инструменти, со звучници, микрофон. Некои млади луѓе си понесоа и тетратки или мобилни телефони од кои потоа читаа поезија. Се качија и луѓе што набљудуваа, што седеа и будно слушаа, се смееја кога некој ќе викнеше „кривина“, или ракоплескаа и воздивнуваа на стихови заедно со познати и непознати сопатници. Автобусот направи тура низ улиците на Скопје и потсети дека уметноста и културата можат да најдат и „окупираат“ најразлични места за експресија и поврзување меѓу културните фанатици. Целта е да мислиме за градот. И предавањето е за градот, и поезијата е за градот, и музиката. За да го доживееме градот, тој да биде во позадина, а ние да се движиме од центарот кон периферијата, и назад – вели Јордан Шишовски од асоцијацијата „Аксиома“, кои беа организатори на настанот. #УраЗаКултура #radiomof #skopje

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

„Со ‘Аксиома’ веќе имавме и конкурс на решенија, млади дизајнери на тема говор на омраза, претходно и за ремикс култура… Така што, се обидуваме да мобилизираме современи правци, теоретски и практични, сето тоа да биде практично на дело“, нагласува членот од „Аксиома“.

Асоцијацијата оваа „Омнибустопија“ ја организираше со поддршка на Град Скопје во рамки на проектот „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“.

Бојан Шашевски