Поетесата Биљана Стојановска ја доби наградата „Тодор Чаловски“

Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ по третпат ја додели наградата „Тодор Чаловски“. Годинава таа и’ припадна на поетесата Биљана Стојановска.

Наградата се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположнк и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015), како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за млад автор од Македонија. Наградата предвидува издавање на книга на наградениот автор во 2018 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието.

Наградената поетеса Биљана Стојановска е родена 1984 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објавила нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“, издание на „Антолог“ од Скопје. Нејзините песни биле објавувани во студентското списание „Мугри“. Двапати е застапена во антологијата „100 илјади поети за промена“. Публикувана е во повеќе книжевни и културни списанија, меѓу кои и во списанието за литература „Мантис“, во издание на Универзитетот „Стенфорд“ од САД. Била дел од повеќе поетски манифестации, член е на независната поетска трупа „Астални проекции“ и има учествувано на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ во 2016 и 2017 година како и во музичко-поетскиот перформанс посветен на францускиот надреализам во рамки на „Европски денови на културното наследство“ во 2016 и 2017 година. Работи како новинар во дневниот весник „Нова Македонија“.

За нејзината прва збирка „Зборовите немаат значење“ поетот Никола Маџиров напиша куса рецензија:

„Поезијата на Биљана Стојановска е длабок допир со ритуалноста на денот. Обичноста на објектите и нивната конкретна и вербална поврзаност со мигот и телото на оној што пишува, го исцртуваат топлиот амбиент на присуството на една широка љубов – љубов која живее во делбата пред да стане разделба и во припомнувањето, пред да стане помнење“.

„Магија умеат да прават само луѓето со желби“, пишува Стојановска која ја гради магичноста на реалното без херметичките трикови на лажните искуства. Нејзиниот дом во огништето на сеќавањата на јазикот не може да се уништи како гнездо во отсуство на птиците. Тагоре велеше дека песните што немаат оган врз страницата, заслужуваат да бидат фрлени во оган. Поезијата е надворешен немир на внатрешната будност, зашто „ништо не уморува повеќе од мирното“, вели Маџиров.

Инаку, наградата „Тодор Чаловски“ досега ја имаат добиено Марта Марковска чија книга на македонски и англиски јазик „Црни дупки во нас“ Галикул ја издаде во 2016 година и Иван Антоновски чија книга „Обиди за (пре)создавање песна“ ќе излезе од печат во декември 2017 година и ќе биде промовирана во Скопје.

Наградата беше соопштена за време на 23-тата по ред „Галичка книжевна колонија“. Освен наградената авторка оваа година, гости на манифестацијата беа Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори), претставници на новата генерација македонски поети, кои се преставија со избор на својата поезија. Манифестацијата „Галичка книжевна колонија“ е подржана од Министерството за култура на Република Македонија, а наградата „Тодор Чаловски“ за 2017 е подржана со донација од Комерцијална банка А.Д. Скопје.