#ПетАлбумиЗаПоДома на Калина Качоровска

Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома ја имаме Калина Качоровска, студентка, колумнистка во „Култура Бета“ и одвреме-навреме фриленс авторка.

Ова се нејзините #ПетАлбумиЗаПоДома, со нејзин осврт кон музичките парчиња:

* * *

1.Bernays Propaganda – Втора младост, трета светска војна (2019)

Борбата не завршува по револуцијата!
„Втора младост, трета светска војна“ е мојот омилен албум и албум за кој неколку зборови не се доволни и за кој лесно би можела да напишам есеј. А, лани на факултет, баш овој албум беше темата на мојот завршен есеј :). Единствената плоча што ја поседувам е оваа, иако немам грамофон, а мислам дека нема ни да имам. Ова е албум кој е личен и колективен, интимен и општествен. Ме радува, ме лути, ме растажува, ме раздвижува. Ми се вриска, ми се игра, ми се плаче, ми се смее, ми се трча. О, каков интензивен, луд политички танц!

2.Fiona Apple – Fetch the Bolt Cutters (2020)

Ова е еден од оние албуми кои се баш #заподома. Излезе во април 2020 и ден денес е албумот кој веројатно ми беше најслушан за време на карантините и седењето дома. Фиона Епл и Fetch the Bolt Cutter на многу начини ме ослободија од некои вечни егзистенцијални прашања: Колку детството ни го дефинира возрасниот живот? Како е возможно женските пријателства да бидат истовремено едни од најкомплицираните, но и најубавите феномени? Кому служи професионализмот и беспрекорноста? Зошто конкуренција?

Хаотичен, непослушен, но пред сѐ, триумфален албум.

3.Rundek Cargo Trio – Plavi avion (2010)

Дарко Рундек е музичар кој досега имал илјадници изданија со илјадници различни состави и бендови, а јас сите тие илјадници песни можам да ги слушам по илјада пати. Сепак, за мене лично, Plavi Avion e неговото дело кое го доживувам најлично. Ме потсетува на мојот дом, на исток, на боемштина и хедонизам, на сиромаштија и оскудност, на жежок крај на август, а сето ова е претставено толку театрално (не драматично) и толку експресивно како што може само еден ваков музичар и човек.

4.Świetliki – Ogród koncentracyjny (1993)

Кога пред година и пол се преселив во Полска, првата задача која си ја зададов е искрено и интимно да се поврзам со некој полски албум или музичар со цел полесно да се навикнам на новиот живот. Честа да биде моја прва полска музичка љубов (освен детските песнички кои татко ми ни ги пееше мене и сестра ми додека бевме мали) ја имаше токму Ogród koncentracyjny, еден од оние албуми кои кога ги слушате, знаете дека покрај музика, авторот се занимава и со поезија. Преку ова ремек-дело, ми стана многу покомотно да живеам во земјата која секогаш ми била втор дом, зашто ми помогна да ја разберам полската атмосфера на начин на кој ниедна приказна не би можела. Да живее иронијата, да живее црниот хумор, да живее контроверзијата!

5.Black Country, New Road – For the first time (2021)

Што можам јас да кажам што досега сите најголеми современи музички критичари го немаат кажано во последниве две години? For the first time e слушачко искуство кое е константо неудобно, но и константно привлечно. Албум – екосистем кој ме прави особено возбудена за иднината на модерната рок сцена, а и ме потсетува на тоа колку сум млада.

* * *

Радио МОФ ја започна рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома со цел да се грижиме за општото културно и ментално здравје. Објавуваме по пет музички албуми, избор на разни личности, од различни профили и генерации, за да слушнеме нешто што не сме чуле, или да се навратиме на заборавени музички парчиња. Без жанровски ограничувања во изборот, старо или ново, туку споделуваме музика за секој ден, во секое време. Луѓето ни кажуваат кои пет албуми ги сакаат, и зошто ги сакаат.

Досега се објавени #ПетАлбумиЗаПоДома на:

Ѕвездан Георгиевски – Петар Антевски – Сара Цветкоска – Мартина Баракоска – Сара Миленковска – Златко Ѓелески – Горан Костовски – Индог – Драган Иванов – Druggy – Катериња – Милчо Манчевски – Калиа Димитрова – Ивана Маркоска – Tōkyō de Ville – Митко Гогов – Ерина Богоева – Јасмина Јонуз – Давид Николовски – Ива Јованова – Игор Јадровски – Горјан Јовановски – Христина Ѓорѓиевска – Никола Цанев – Цене – Ана Здравкова – Тони Димитров – Тина Иванова – Медина Хоџа – Маријан Зафировски – Ариф Адеми – Стефанија Тенекеџиева – Елена Пешевска – Ивановска – Дафина Шекутковска – Михаил Караколев – Михајло Мишко Грбевски – Биљана Стојановска – Ирина Јаневска – Марко Џамбазоски – Даниел Димитров – Теа Шалдева – Едис Кесаси – Стефан Видиков – Илија Ангелоски – Гиле – Михаил Петровски – Фросина Пармаковска – Димитар Димоски – Никола Јовановски – Маја Атанасова – Благица Петрова – Кристијан Караџовски – Ивана Настеска – Кристијан Петковски – Ана Голејшка Џикова – Борјан ГаговскиИван Шопов

* * *