Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.Мизерни услови и млако парно во студентскиот дом „Стив Наумов“, студентите се плашат да се пожалат

„Тоалетите се ужас. Водата се враќа од тоалетните школки и се излева на плочките. Не е добро залепено, колку и да е ново. Плус, канализационите цевки протекуваат зошто не се добро поврзани со школките“.
„Некогаш има млака, некогаш има топла вода за капење, меѓутоа еден период во третата зграда немаше воопшто вода, па колеги доаѓаа кај нас да се бањаат“.
„Парно некогаш има, но тоа е млако и не се вклучува во вечерните часови“.

Вака сведочат студенти кои денес се сместени во зградите и бараките на Државниот студентски дом „Стив Наумов“ – Скопје. Во разговор за Радио МОФ, сакајќи да останат анонимни, повеќето од нив, во еден здив ги набројуваат проблемите што со години се нивно, а биле и секојдневие на многу генерации студенти претходно сместени во „Стив“.

2.[Видео] „Залезот на Преспанско Езеро“, еко-акција долж крајбрежјето на Преспа

„НАСКОРО: Плацот ќе биде на продажба. Оваа атрактивна локација, распространета на 276.40 km2, каде некогаш постоеше езеро, нуди оптимални услови за економски развој и копнен туризам“, гласи пораката испишана на триесеттина табли кои беа поставени долж крајбрежјето на Преспа.

Таблите со пораките за продажба на плацот каде што „порано“ постоело Преспанското Езеро е дел од еколошката активистичка акција „Залезот на Преспанското Езеро“, на активистите од клубот за активизам на Младинскиот образовен форум (МОФ).

3.[Подкаст] Мегафон: Младите од поголемите да се грижат за младите од помалите места

Скорeшната дискусија по повод новиот Документ за јавни политики „Младинска вклученост во единиците на локалната самоуправа“ од Младинскиот Образовен Форум повторно ја поттикна темата за младите и нивниот интерес за вклучување во општеството, а застојот во имплемeнтирањето на Законот за младинско учество и младински политики го „сервираше“ на тркалезна маса.

Имено, и по 2 години од усвојувањето на Законот, само во 10 општини има формирано Национален младински совет, а истовремено земјава бележи тренд на намалување на бројот на младо население, односно негово иселување.

4.#РаскажиМи: „Мама“, краток хорор расказ од конкурсот на „Мета“

Новинската агенција „Мета.мк“, трета година по ред го распиша конкурсот за краток хорор расказ по повод Ноќта на вештерките, кој е наменет за млади автори. Oваа година на конкурсот пристигнаа 35 текста, а наградени беа три раскази – „Лов“ „Поп“, и „Мама“.

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Мама“, кој го освои првото место на конкурсот, а испратен е под псевдонимот Баже.

5.[Видео] Инстант вести 2.10

Сезона на вештерки, затемнување на сонцето, дојави за бомби и нова епизода на #ИнстантВести.

Во неа зборуваме за дигиталниот толковен речник и македонскиот јаз’к, недостатокот на велосипедски патеки и праќаме една видео-разгледница од Преспа, со што ја најавуваме акцијата „Залезот на Преспанско Езеро“.

Ви ја претставуваме и новата студентска правобранителка, се журкаме со Репетитор и не ги изоставаме претстојните културни настани вредни за посета.

6.[Став] Погласно за булингот

Бидејќи булингот е најзастапен меѓу учениците во основните и средните училишта, и се однесува на младите, мора погласно да зборуваме за булингот, за подоцна тоа „детско“ или „тинејџерско“ малтретирање, не прерасне во друг вид насилство.

Булинг претставува облик на малтретирање застапен во училиштата, кој не останува во ѕидовите на образовната установа, туку продолжува на социјалните мрежи, пишува Даница Среткоска.

7.#НизТвојотОбјектив – „Немир“ од Катерина Николовска

Рубриката #НизТвојотОбјектив ја отворивме со фотографијата насловена „Немир“ од Катерина Николовска.

Катерина Николовска има 19 години, студира на факултетот за визуелни уметности „Еуропа прима“ на катедрата за филмска и ТВ режија и има завршено курс за фотографија во школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Таа е голем љубител на фотографијата, а досега има изложувано фотографии на две групни изложби.

8.Општеството вели не можеш и не треба – ние велиме можеш и треба!

Прегрнете се, насмејте се, пуштете глас и тргнете. Сакајте се себеси и другите околу вас, почувствувајте ја музиката, сцената и допирот. Замижете. Земете здив. Испуштете здив. Аплауз. Се гледаме на следната проба.

Со овие зборови завршуваат пробите на оние кои се занимаваат со инклузивна уметност. Оние кои работат со деца и млади со атипичен развој, лица со попреченост и разни состојби, или со лица кои послабо слушаат или гледаат. Оние кои работат во различни држави но испраќаат иста порака – секој, без исклучок, може да создава, да биде креативен и вклучен во социјалниот живот.

9.[Видео] Точко Точковски ја посети планетата Земја

Неодамна Точко Точковски ја посети планетата Земја. Возејќи низ главниот град, тој мораше да застане на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода и да го крене во раце својот велосипед бидејќи на „патеката“ се појавија автомобили и му го попречија патот.

Сепак, Точко Точковски е фиктивен лик, направен од железо кој во неговите импровизирани раце држи стар велосипед, а поставен на патеката на булеварот каде секојдневно се разминуваат велосипедисти и пешаци. Со ваквата герила акција, Клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум и уметникот и скулптор Андреј Миневски ги потенцираа проблемите со велосипедските патеки во градот.

10.„Умник“ – нов месечен културен гласник на студентите од Факултетот за ликовни уметности

Студентите од Факултетот за ликовни уметности (ФЛФ) вчера со промотивен настан го претставија своето книжевно првенче, „Умник“ – студентско културно списание.

Списанието, прво од ваков тип во последните неколку години, има за цел да ја промовира културата во земјава вклучувајќи настани, рецензии за уметнички дела од разни области, како и конкретни дела од студентите и интервјуа со уметници.