[Видео] „Залезот на Преспанско Езеро“, еко-акција долж крајбрежјето на Преспа

„НАСКОРО: Плацот ќе биде на продажба. Оваа атрактивна локација, распространета на 276.40 km2, каде некогаш постоеше езеро, нуди оптимални услови за економски развој и копнен туризам“, гласи пораката испишана на триесеттина табли кои беа поставени долж крајбрежјето на Преспа.

Како сопственик на плацот, на таблите е наведено Министерството за животна средина и просторно планирање, кое може да се контактира за купување преку бројот 02/3225 237 или на мејлот infoeko@moepp.gov.mk.

Таблите со пораките за продажба на плацот каде што „порано“ постоело Преспанското Езеро е дел од еколошката активистичка акција „Залезот на Преспанското Езеро“, на активистите од клубот за активизам на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Активистите од МОФ сметаат дека Преспанското Езеро е на опасност од исчезнување, како и дека институциите треба да преземат акција за да спречат еколошка катастрофа.

„Преспанското Езеро го живее својот залез поради климатските промени, човечкото загадување и злоупотреба на водата за наводнување. Во 2020 беше забележано најголемото опаѓање на нивото на водата на езерото, а беа потребни 12 години за оваа година за прв пат да се сретнат земјите кои ја делат езерската територија – Македонија, Грција и Албанија“, велат активистите.

Тие посочуваат дека усвоените Акциски планови за спас на Преспанското езеро не треба да бидат само декларативни, туку дека се потребни и дела.

„Потребна е итна акција и преземање на мерки од страна на надлежните институции на сите три земји кои ја делат територијата на Езерото – Македонија, Албанија и Грција. Локалната самоуправа истакна дека не е реализирана ниту една од мерките за спас на Езерото предвидена во Акциските планови за заштита и одржлив развој на подрачјето ‘Преспа парк’ во периодот од 2022 до 2024 година, а климатското затоплување ја намалува надежта за снежни зими и природно полнење на езерото“, сметаат активистите.

Младинскиот образовен форум разговараше и со средношколците од средното училиште „Цар Самуил“ во Ресен, кои велат дека веќе ја губат волјата да го посетуваат Езерото, иако тоа е најголемата атракција за нив.

„Кога доаѓа лето и нема што да правиме, одиме на Езерото и секоја година забележуваме дека тоа е сè подалеку и подалеку. Станува сè понечисто и понечисто. Ни се губи волјата да го посетуваме тоа место“, велат тие.

Средношколците ни кажаа дека според нив, сите жители придонесуваат за загадувањето на езерото.

„Ако не се грижи еден, никој не се грижи“, истакнуваа тие.

Со нив успеавме да поразговараме и за еко-акцијата, како и за нивната идна вклученост во еко-акциите за заштита на животната средина.

„Изгледа јако, ако таблите издржат 15 дена ќе биде супер“, нагласија средношколците.