Аерозагадувањето да стане регионален приоритет, побараа активисти од Балканот

Активистите од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ побараа од властите да го постават аерозагадувањето како национален, регионален и меѓународен приоритет и тоа да се интегрира во сите процеси на планирање.

„Според последните податоци на Европската агенција за животна средина, лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан. Студиите покажуваат дека само електраните на јаглен во Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита“, посочуваат активистите од иницијативата.

Тие додаваат дека загадувањето на воздухот во Западниот Балкан предизвикува голем број на предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје.

Барањата на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ се:

  • Да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање.
  • Зголемување на буџетските средства за контрола на загадувањето и воспоставување системи за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти
  • Треба да се изградат мултисекторски партнерства на локално, национално и регионално ниво за да се подобри контролата на загадувачите и да се подобри квалитетот на воздухот.
  • Спречувањето на незаразните болести кои произлегуваат од лошиот квалитет на воздухот мора да биде интегрирано меѓу приоритетите на политиката за животна средина и здравје.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со следните организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, AirCare/МојВоздух од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград.

Оваа кампања се одржува втора година по ред, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од загадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина.