Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. [Фото] Започна академската година, студентите се вратија во универзитетските кампуси

Фото: Радио МОФ

Започна академската 2022/23 година. За едни, денешниот прв академски час значи нов почеток, за други прва посета на факултетските предавални по две години пандемија, а за трети враќање на студентскиот живот во физичко присуство.

2. Протестна акција на жителите на Пржино: Ни се одземаат егзистенцијалните права, нема наша согласност за зграда

Група граѓани од населба Пржино и жителите од слепата уличка на улица „Пржино“, каде што падна потпорниот ѕид, покренаа петиција/жалба до Министерството за транспорт и врски за да укажат дека нема нивна согласност за градба во овој дел.

Воедно, граѓаните направија и протестна акција со мртовечки ковчези, симболично прикажувајќи дека им се одземаат основните егзистенцијални права за хуман живот – вода, мир, здравје, сонце и воздух.

Ваквиот потег на жителите од Пржино, како што велат, доаѓа откако одобренијата за градба на „Топ Метал“ во август беа укинати од градоначалникот на Општина Кисела Вода, а фирмата сега поднела жалба до Општината, која ќе оди во комисија во Министерството.

3. [Став] Дечки, останете живи, државата не ја решава вашата зависност од опиоиди

„Ме стига минатото. Не дека му бегам, ама онака, ме потсетува, ме влече за рака, тука е. Можеби и треба да ме потсетува, штo знам. Синоќа сретнав познаник од детство. Тука, околу зграда, баш кога со точакот цепав накај дома. Ми побара пари. Го убедив да ми каже зошто му се парите. Сакал да купи хероин. Не. Не давам веќе некому пари за хероин! Кој сака нека е. Доста ми умираа луѓе околу мене од хорс, од предозирање со хорс! Аман со опијати!“. Став на Бојан Шашевски.

4. Објавен победникот на повикот за медиумски предизвик на Радио МОФ

Деветнаесетгодишната Симона Крстева од селото Едрениково е победник на повикот на Радио МОФ за медиумски предизвик. Темата беше инспирирана од вториот подкаст во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за сензационализмот, односно тактиките за привлекување на вниманието на публиката, преку кои медиумите се обидуваат да стигнат до повеќе читатели, гледачи или слушатели, што на нив им носи повеќе пари и повеќе влијание.

Задачата на учесниците во повикот беше да го прочитаат медиумскиот предизвик и да ги пронајдат сензационалистичките делови во текстот. Потоа, да ни испратат преработената вест во форма што сметаат дека е според новинарските стандарди, со кусо објаснување како ги препознаат проблематичните елементи во текстот.

5. [Фото] Безопашестиот „Бик“ се’ уште опслужува како сад за ѓубре

Скопскиот „Бик“, своевидна реплика на познатата скулптура во њујоршки Волтрит, веќе подолг период е со скршена опашка, па служи како сад за ѓубре, надвор од комуналниот систем на ЈП „Комунална хигиена“.

„Бикот“ остана без опашка во ноември 2018 година. Тогаш од Музејот на современа уметност (МСУ) рекоа дека ќе биде поправена, односно дека е направена проценка и записник, а известено е и Министерството за внатрешни работи. Од таму, пак, потврдија дека работат на расчистување на случајот со кражбата на опашката.

Обид за обезбедување средства на нова бронзена опашка имаше во 2019 година, со предлог за изменување и дополнување на тогашниот буџет. Со него се бараше 100.000 денари за обнова на скулптурата.