Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично. 

  1. Независните ќе им ја матат водата на големите партиски играчи

„Зелен Хуман Град“, „Поинаку“, „Подобро за Тетово“, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Зелените од Гази Баба“, „Стига е!“, се само неколку од бројните независни листи кои се појавија неколку месеци пред локалните избори. Нивната цел е да проникнат во градските совети, мотивирани од идејата да направат некаква промена во нивните средини. Повеќето од иницијативите чиј примат е подобрувањето на животната средина успеаја да ја освојат првата битка, односно собраа гласови за да може воопшто да настапат на изборите, и покрај намерата на властите да направат измени на Изборниот законик, со што практично ќе се отежнеше процесот.

Независните ќе им ја матат водата на големите партиски играчи

2. Родители кои поддржуваат онлајн настава бараат право на избор без бирократски процедури

Родителите кои сакаат нивните деца да посетуваат онлајн настава бараат да им биде овозможено право на избор, со само едно писмо да се обратат до директорот без бирократски процедури.

Од групата „Поддршка за онлајн настава“, во која членуваат над 15.000 членови, претежно родители и наставници реагираат на последната одлука на Владата, според која децата треба да почнат со физичка настава од 1 септември. Глигорова на ова се спротивставува посочувајќи ги правото на живот и правото на здравје, загарантирани со Устав и универзална Декларација за човекови права.

Родители кои поддржуваат онлајн настава бараат право на избор без бирократски процедури

3. Да зборуваме за секс

Чичко Гугл е првиот извор на информации кому младите се доверуваат кога ги интересира нешто за сексот или кога ќе увидат некаква промена на своите тела за време на пубертетот. Потоа доаѓаат другар(к)ите кои можеби поминале низ истото, па имаат искуство да споделат. Дури на крај доаѓаат родителите и стручните лица со кои речиси и воопшто да не зборуваат на темава. Ова е заклучокот што го добивме откако Радио МОФ ги праша своите млади следбеници на Инстаграм за искуствата од првиот секс, информирањето за него и генерално односот со семејството на оваа тема.

Да зборуваме за секс

4. Најавена ревитализација на Националната и универзитетска библиотека во Скопје

Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе се ревитализира, а за таа цел е формирана и специјална работна група со цел да се скенира целокупната состојба на библиотеката, која истовремено изготвува и план за ревитализација на објектот, информираше денеска министерката за култура Ирена Стефоска.

Како што рече Стефоска, децениската негрижа кон оваа ризница зборува за сите нас, и додаде дека не ги повикале медиумите за да бараат изговор за лошата слика, туку да замолат за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот, кој го чува националното богатство.

[Видео] Најавена ревитализација на Националната и универзитетска библиотека во Скопје

5. Факултетите остануваат тешко достапни за глувите лица

„Секој човек има право на образование без разлика на пол, возраст, национална или верска припадност и без разлика на психофизичките способности. И глувите лица како и останатите граѓани и членови на општествената заедница имаат право на образование. Луѓето често имаат предрасуди кон глувите лица поради слабо развиениот говор, ограничениот фонд на зборови кои го користат и неможноста да се воспостави лесна комуникација. Но, глувоста не значи дека човек нема капацитет да научи“.

Ова е дел од одговорот на Христина Божиновска Ѓикова, претседателка на Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак”, со која разговаравме за тоа колку студирањето на факултет им е навистина достапно на глувите лица и лицата со оштетен слух и колку за време на студиите навистина овие студенти имаат еднакви можности за учење како и останатите нивни колеги.

Факултетите остануваат тешко достапни за глувите лица