[Став] Дечки, останете живи, државата не ја решава вашата зависност од опиоиди

Ме стига минатото. Не дека му бегам, ама онака, ме потсетува, ме влече за рака, тука е. Можеби и треба да ме потсетува, штo знам. Синоќа сретнав познаник од детство. Тука, околу зграда, баш кога со точакот цепав накај дома. Ми побара пари. Го убедив да ми каже зошто му се парите. Сакал да купи хероин. Не. Не давам веќе некому пари за хероин! Кој сака нека е. Доста ми умираа луѓе околу мене од хорс, од предозирање со хорс! Аман со опијати! 

Ликот ми врати времиња од маало. Ми врати сеќавања од луѓе. Секакви. Оние со кои растевме. Оние што ни беа херои. Оние што веќе ги нема. Оние кои ги сакавме. Оние што за нив лажевме, ги криевме. Оние со кои навремено не направивме асален муабет.

Ми текна и на текстов. Го пишував пред некоја година, по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста за предозирање. Работата е, да не остане само на Денот. Не! Најмногу смртни случаи на предозирање се поврзани со употреба на опиоиди. Затоа, другарот/роднината под рака, муабет. Отворено. Онака, другарски. Шлап! Одново и односно. Без осуда, без сожалување, не му треба тоа. Туку, да се насочи некаде. Шифтне. Да мисли. Мозокот да брмчи. Нека се наљути, преспие, заболи, па да „кликне“.

Нека шета, нека работи, нека се секса, нека оди да се троши на журка или свирка, нека прави есид, нека качува планини со рандом рекреативци, нека научи да свири инструмент или да готви пилешко во кари сос, нека лета со параглајдер, нека вози до Узбекистан, нека пишува хаику поезија, нека помага некој за нешто, нека трча полумаратон. Нека шо-и-да-е. Нека живее!

Дечки, бидете живи. Напрајте ги и останатите да останат живи! Да бидат подобри луѓе. За да можат и тие да отвораат светови, и тие да ги прават останатите – подобри луѓе! Толку.

А, Министерството за здравство ќе го потсетам на дисперзираните центри со кои мафташе кампањски, со грижата за зависниците. Центрите останаа на „ќе биде“. Едно големо ништо дека ќе има има распределба на пациенти во Аеродром, Ченто, Бардовци и Карпош. Поважно беше да се стиши „бунтот“ на оние што контрираа отворање вакви центри со аргумент „не во мојот двор“, отколку да се тргне храбро спроти електоратот и да се најде некакво решение, механизам според ситуација, услови и менталитет. И, што направи,  „проблематичните зависници“ под тепих. Класика. Статус кво.

ОК, како ќе каже еден психијатер, можеби тешко e да се спроведе ментална хирургија на еден менталитет во краток временски период, но можеби дестигматизација низ едукацијата и процесот на едукација не е толку тешко остварлива цел. Или? И тоа ли е тешко, барем да се проба, а? Бидејќи, освен реклами-страшила со „дрогата коси“, не видов некој различен државен еволутивен чекор.

Оттука, да прашам што е со постоечките центри за лекување зависности, што е со недостатокот на кадар? За евентуално нови центри – тој кадар е луксуз. Да потсетам дека меѓувреме беше скратен буџетот за превенција од ХИВ, што значеше затворање на Дневниот центар за намалување штети од употреба на дроги во Шуто Оризари.

А, што е со меѓународните документи, што ги потпишува државата, кои доаѓаат од меѓународни агенции и тела, кои нели се разгледуваат „демек“ сериозно и се вградуваат во национални стратегии и акциски планови – каде се да ги видиме на терен? Треба ли некој посебен фенси двоглед, или апликација за аугментирана реалност?

Генерално, лицата кои третираат зависност се оставени во магла, стигматизирани, дискриминирани, како и досега. Плус, во пандемијата со отежнат пристап до институции, без да можат да остварат социјални права. Во 2020 и 2021 година, за време на полицискиот час, починале 22 лица кои се борат со зависност. Починале и 10 лица кои користат дроги, бидејќи не можеле да ја набават терапијата и потребната супстанца. Според ХОПС, причината за смрт кај третината е поради предозираност.

Лицата кои се борат со зависност, третманот со кои се соочуваат цел живот не ги мотивира да одат на лекар, дали поради индивидуални здравствени состојби, дали поради рани од долготрајно и неправилно инјектирање. ХОПС кај овие лица забележа сериозно влошување на менталното здравје, особено за време на полициските часови и карантините, што придонело луѓето кои со години биле апстиненти по отпочнување на пандемијата да направат рецидиви, или да ја зголемат употреба на дроги или злоупотребата на лекови.

Да не зборуваме за пошироки сервиси за ресоцијализација, комуникација и спојување со заедницата, остана тоа на одговорност и волја на ентизијасти и организации. Во 2020 година конечно се формираше Програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. Но, колку што знам, таа стагнира, а од министерството повторно остана ветување „ќе“. Ковид-кризата значеше дополнителен предизвик за младитe што употребуваат разни дроги, а истовремено здравствениот систем беше преотперетен да одговори.

Со вака поставениот „систем“ и државно колективно мижење за луѓето што употребуваат дроги, или се борат со зависност, во случај кога дрогите секогаш ќе бидат достапни, без разлика на пандемијата или нивниот легален статус, вака само останува општеството да биде ригидно и склоно на стереотипи и осуди. А, без едуцирани сограѓани, спремни за разговор со пријателите или децата, општеството ќе продолжува да дискриминира додека се „дави“ во својот страв од непознатото.

И, така се вртиме во круг.

Дечки, останете живи! Целта е да се остане млад што подолго.

Бојан Шашевски