ХОПС го затвори дневниот центар за намалување штети од употреба на дроги во Шуто Оризари

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје соопшти дека вчера, на Светскиот ден на здравје, а во очи на денешниот Меѓународен ден на Ромите, по 15 години постоење морале да го затворат дневниот центар за намалување штети од употреба на дроги во Шуто Оризари.

Тие посочуваат дека причината за затворањето на дневниот центар е кратењето на средствата од превентивните програми за ХИВ.

„Овој центар, со средства од Глобалниот Фонд, го отворивме во далечната 2007 година, и оттогаш па сè до вчера беше единственото место каде Ромите кои употребуваат дроги и нивните семејства имаа лесен пристап до сите услуги со кои се обезбедува превенција од ХИВ, но и намалување на штети од употреба на дроги. Во овој центар нашите корисници добиваа основна (а често и единствена) медицинска грижа, добиваа информации и поддршка за нивните социјални и правни проблеми, можеа да си ги исперат алиштата, да се згреат во зима, да јадат кога се гладни, да испијат кафе или чај во пријателска, нестигматизирачка и недискриминирачка атмосфера“, велат од ХОПС.

За време на пандемијата со коронавирусот, од ХОПС велат дека луѓето кои употребуваат дроги и нивните семејства во Шуто Оризари, единствениот допир со системот го имале преку ХОПС.

„Кога беа во изолација, а немаа терапија, кога имаа здравствени проблеми, кога преживуваа секакви форми на насилство, вклучително и родово засновано насилство, кога им пишуваа кривични налози заради прекршување на полицискиот час зашто излегле да се снајдат за храна, за роба или терапија, единствена помош добиваа од нашиот тим“, додаваат од ХОПС.

Дополнително, велат дека пристапот до здравствени услуги кој им е отежнат на овие луѓе, за време на пандемијата, се зголемил многукратно.

„Мерките за ограничување на јавниот превоз и тоа како тешко се одразија на луѓето кои живеат во Шуто Оризари, а кои се лекуваат од зависност, но тимот на ХОПС беше тука да се најде и во таквите моменти“, велат од ХОПС.

Од здружението велат дека иако во 2017 година со транзицијата на финансирањето од Глобалниот фонд на Владата споиле два други центри, само за да се задржи центарот во Шуто Оризари, сега, како што велат, биле ставени во позиција дали да го затворат најфреквентниот и најпосетен центар во Кисела Вода или да го затворат „многу потребниот“ центар во Шуто Оризари.

„Од денес, животот на луѓето кои употребуваат дроги во Шуто Оризари и околината нема да биде ист, но ХОПС ќе даде сè од себе во рамките на финансиските можности да продолжи со своите активности за превенција од ХИВ, други заразни болести, намалување на штети од употреба на дроги, социјална инклузија на нашите корисници преку теренски активности“, сметаат од ХОПС.

Истовремено, тие најавија дека три пати неделно, нивниот теренски тим составен од социјален работник и теренски работник, ќе ги посетува корисниците во нивните домови, живеалиште или привремени престојувалишта, како и дека два пати неделно со нивното возило ќе ги посетува и медицинско лице

„Дел ќе опфатиме можеби и преку ДЦ Кисела Вода, но за жал во ваква ситуација многу е веројатно дека голем дел од луѓето кои инаку ќе дојдат во центарот сега нема да може да ги најдеме бидејќи немаат постојана адреса, немаат телефон, одат и доаѓаат… Но, тие секогаш знаеја каде да го најдат центарот во Шуто Оризари. ХОПС ќе даде сè од себе во следниот период да обезбеди средства за да отвориме нов, поубав дневен центар во кој ќе ги возобновиме сите услуги, а можеби и ќе додадеме нови. Но, од сè, загубата на здравјето, на човечките животи и губењето на човечките ресурси, за жал ќе биде недоместлива“, децидни се од ХОПС.

Во понеделникот, „Платформа за ХИВ“ организираа марш до Министерството за здравство како револт поради одлуката на Министерството за кратење на буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 отсто.

[Видео] „Болни луѓе = болна држава“ – протест против кратењето на буџетот за заштита од ХИВ