Младите што употребуваат дроги без соодветна државна програма, пандемијата дополнително им го отежна животот

Во Македонија се уште недостасуваат државни програми за третман и ресоцијализација на младите што употребуваат дроги. Ковид-кризата значеше дополнителен предизвик за овие млади, а истовремено здравствениот систем беше преотперетен да одговори. Сепак, дрогите секогаш ќе бидат достапни, тој што сака да стигне до дрогата – ќе најде начин, па младите треба да бидат информирани за нивното влијание. Родителите истовремено да не бидат ригидни и склони на стереотипи и осуди, туку едуцирани и спремни за разговор со децата, особено што дискриминацијата и стравот доаѓа од незнаење. 

ХОПС – Опции за здрав живот преку дискусија и проектни активности сака овие проблематики да стигнат до пошироката јавност, но и до институциите, со цел да се подобри менталното здравје и квалитетот на живот на децата и младите што употребуваат дроги за време Ковид-19.  Најновите резултати на ХОПС покажуваат дека децата (под 18 годишна возраст) и нивните семејства се потешко достапни да се мотивираат и започнат со психотерапија поврзана со употребата на дроги, за разлика од оние меѓу 18-25 години.

„Најчест проблем со кој се соочиле контактирните е депресија, потоа несоница и анксиозност, а најмалку од нив преживеале панични напади и намалена концентрација. Дури 25% од младите кои добиле психолошко советување имале конфликт со семејството, а 8,3 % од нив биле упатени на психијатриски преглед“, вели истражувањето за последниот месец, поддржано од ОБСЕ.

Психологот Деспина Стојановска смета дека пандемијата тешко ги зафати сите луѓе. Директно или индиректно сите се соочија со големи промени.

„Би кажала некој збор за луѓето кои употребуваат дроги. Пред се’, оваа пандемија најголем атак удри врз здравствениот систем, а токму тие се зависни од здравствениот систем, бидејќи таму се на терапија и мораат често да ги посетуваат болниците, метадонските центри итн“, посочи Стојановска на дискусијата „Зависности кај деца и млади во време на пандемија“.

Според неа, дрогата е голем предизвик кај младите. Се’ почесто се гледаат млади кои се уживатели на дроги, дали рекреативно, викендашки, или ако е тоа зачестено влегуваат во зависност што кај нас се третира болнички, со различен фармаколошки пристап.

„Кога велам зависност, мислам на болест која треба да се лекува. Така е дефинирана, така и ја третираме. Но, не значи дека секоја употреба на дрога е зависност. Како психолог можам да кажам дека огромен број млади ќе пробаат дрога. Во најмала рака, ќе пробаат марихуана. Ќе пушат трева, ќе одат на журки, ќе пробаат и нешто повеќе. И тоа, да речам, секој ќе го искуси на различен начин. Меѓутоа, мал број од нив ќе влезат во зависноста и понатаму ќе имаат потреба од фармаколошки третман“, нагласува психологот.

Според неа, луѓето за време на пандемија трупаат тоалетна хартија, макарони и брашно, а што е со оние што имаат животно загрозувачка ситуација како хронична болест на зависност? Прашува, како и на кој начин тие да се справат со сето тоа?

„Кога здравствениот систем во моментот не може да одговори на нивните апстиненцијални кризи, тогаш тие се оставени сами да се снаоѓаат“, нагласува таа.

Оние што сакаат да стигнат до дрога – ќе стигнат, без разлика на ситуацијата

Дарко Богески

Дарко Богески, активист и параправник во ХОПС, потврдува дека ситуацијата ги искомплицира работите. Од најобично одење во маркет, па се до набавка на нелегални супстанции што ги консумира младината. Првичниот проблем кај тинејџерите и младите, вели тој, е веројатно седењето дома. Неизлегување, немање ноќен живот и сл.

„Оваа ситуација е некој вид огледало. Да видиме што им се случува на самите корисници, да станат посвесни за ситуацијата. Можеби не биле свесни за својата зависност, бидејќи, било тоа рекреативно, викендашки, па преку недела ‘се’ е ОК’, па доаѓа нов викенд… И тоа се повторува… Меѓутоа, сега ноќниот живот и журките ги снема. А, гледам дека младите сепак имаат потреба да консумираат тоа што го консумирале претходно. Што значи дека журките и ноќниот живот, на некој начин, биле изговор“, вели тој.

Сепак, Богески потенцира дека повторно се набавува на „креативни начини“. И во карантинот и полициските часови, се наоѓало време за забави. Од друга страна, скратеното време и затворените граници донесоа недостиг на одредени супстанции.

„Исто така, забележав случаи кога почнаа да консумираат работи што не ги консумирале претходно. Дојде период на ‘дај било што’. Ситуацијата многу влијаеше на начинот за да се стигне до дрогата. Но, оние што сакаат да стигнат – стигнуваат, на ваков или таков начин“, потенцира Богески.

За ова е согласна и психологот Стојановска. Според неа, младите ќе прават што сакаат, но мора точно да знаат што прават. Каква супстанца користат, од каде ја набавиле, колку е сигурна, какви последици ќе предизвика, колку се спремни да ги носат последиците…

Фото: Unsplash/Hannah Rodrigo

„Што ако настане некој проблем. Кој е планот Б ако се случи некаков несакан исход? Кога ќе можат да си одговорите на сите овие прашања – правете што сакате! Можеби ова ќе звучи чудно за постарите генерации, но ако младите сакаат да земат некаква супстанца, кој и да им забрани – ќе биде залудно!“, потенцира таа.

„Дрогата не е проблем на поединецот, туку на целото семејство“

Активистот Богески наглaсува дека клучен удел има едукацијата. Како младите, така и постарите и родителите да се едуцираат и престанат со стереотипите.

„Да не бидат муабети од пред сто години дека ‘пушел марихуана, па ќе премине на игла’. Треба да се срушат тие предрасуди. Родителите да се едуцираат, сега многу лесно ни се достапни информациите, интернет, за што станува збор, што консумира детето, како да се пристапи. Па, да се обрати до организации како нашата, да се посоветуваат. Да не биде само ‘сечење’. Нели, ‘го фатив синот како пуши марихуана, па ќе го врзам во соба, да не излезе недела дена’. Треба поинаков пристап“, вели тој.

Деспина Стојановска

Психологот Стојановска нагласува дека „дрогата не е проблем на поединецот, туку на целото семејство. Штом дрогата навлезе преку било кој член, таа станува сериозен семеен, а не индивидуален проблем.

„Сите си го бараме мирот, начинот како да избегаме од реалноста, ако таа е тешка за нас. Ако има тешки семејни ситуации, или дисфункционални, дисхармонични односи, тогаш веројатно тоа е повод“, вели таа.

Од друга страна, денешните генерации имаат многу лесна достапност. Посвесни се, пошироко ги гледаат работите. Имале можност да излегуваат повеќе од границите на државата, да среќаваат разни луѓе со различни животни стилови и навики. Сето тоа овозможува да ги направи поотворени кон нови искуства.

Решението, според Стојановска, е усогласување и заемно разбирање на гледиштата на младите, кои мислат на пократкорочниот ефект на дрогата во поглед на опуштање, задоволство, нови искуства, со гледиштета на родителите – пропаднати животи, зависност, трошење суми пари, губење здравје и социјален живот итн.

До каде се државните програми за младите?

ХОПС периодов реагираше дека сè уште не постои државно финансирана национална програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. Организацијата работи на проблемот долги години, а во 2018 и 2019 иницираше процес за „Програма за третман и грижа на малолетни лица кои употребуваат психоактивни супстанции”. За жал, велат тие, програмата сè уште не е усвоена од националните власти.

Министерството за здравство (МЗ) за Радио МОФ вели дека по заклучок на Владата формирале мултисекторка работна група за подготовка на „сеопфатна програма за третман, грижа и поддршка за овие деца и нивните семејства“.

„Министерството за здравство ги разгледува сите опции и модели предложени од страна на работната група и во периодот што следи интензивно ќе работи на оваа проблематика се со цел да се создадат услови и можности за соодветен третман за овие пациенти како во акутна фаза, така и во состојба кога е потребно нивно долготрајно лекување, преку креирање на нови програми и протоколи за лекување на малолетни лица“, велат од МЗ.

Според нив, мултисекторскиот пристап во третирањето на проблемот на болести на зависност кај малолетните лица е неопходен и како и досега во заедничка соработка помеѓу нив и Министерството за труд и социјална политика, пристапуваат во третирање на овие лица од медицински и социјален аспект.

„За успешна реализација на програмата потребно е ангажирање на социјалните, здравствените, образовните и безбедносните институции, како и на граѓанскиот сектор“, одговараат од МЗ.

Полицајци по улиците „ловат“ млади, бомбастични наслови во медиумите

Благородна Коцева Симјанов од ХОПС потенцира дека во изминатиов период било забележано поголемо присуство на полицајците за луѓето што употребуваат дроги.

„Од медиумите може да се прочита бомбастични наслови во кои се среќаваат иницијали на млади луѓе, кај кои била најдена дрога. Многу често третманите за дроги, во однос на општото мнение не се разликуваат опијатните од неопијатните дроги. Да не зборуваме дека луѓето не го препознаваат ниту алкохолот како зависност, или како дрога“, потенцира Коцева Симјанов.

Колаж од објави од медиуми

Нагласува дека ммногу млади луѓе беа апсени и вадени на суд за ситни количини марихуана, некогаш недоволно ниту да свиткаат една цигара.

„Како општество, не забележуваме како на младите луѓе влијае тој психолошки стрес. Тие апсења за поседување таква количина, колку било занемарено дали на тој млад човек му допринело да се чувствува подобро и полесно да ја надмине оваа криза, кои некои ја чувствуваат повеќе“, потенцира таа.

„Алкохолот е најлегалната и најраспространета дрога“

Според Светската здравствена организација, годишно умираат по 3 милиони луѓе од алкохол, кој предничи според смртни случаи пред сите дроги. Алкохолот го пијат 38,3% од популацијата на Земјата, тој е социјален и комерцијален хит, па често изостанува во дискусии за зависности и дроги.

Активистот и параправник Богески се присеќа на прочитан текст: „Алкохолот е најлегалната и најраспространетата дрога“. Што, според него, е вистина. Алкохолот е легален, вели тој, па на некој начин, луѓето не се свесни за нивната зависност од него.

„Посебно ние како народ, малтене не поминува ден да не се напиеме пиво, ракија.. Ама, тоа е ‘вообичаено и нормално’, си одиш во кафич, си нарачуваш, пиеш, па никому ништо. И се’ е ОК, се’ е кул. Ама го правиш со години, постојано се случува и се случува. Не доаѓа момент нешто да ти ‘запали’ дека си станал зависен од нештото, бидејќи е ‘вообичаено и нормално.’ Таа е таа разлика меѓу дрогата и алкохолот. Кога дрогата би станала легална, како што се покажа во други земји, значително ќе падне користењето дроги. Ќе биде контролирано, ќе се знае што се консумира. Има многу плусови, но, зошто не е така, треба да прашаме некој друг“, потенцира Богески.

Образовниот систем и општеството зависноста со дрога ја поврзува со криминал

Проблемот е и со образовниот систем, смета психологот Стојановска. Во учебници од основно образование стои дека девијантното однесување и криминалот е поврзано со наркоманија. Оттука и децата ги учиме дека зависноста од дрога ја поврзуваме со криминал, деликвенција, на прв удар како општествено непосакувано однесување.

„Кога работам со лица кои употребуваат дроги, ја гледам нивната душа, суштината на постоење. Тоа не се ниту криминалци, ниту лоши луѓе. Напротив, интелигентни, често добри луѓе кои сакаат да помагаат на другите и да остават добар впечаток“, вели таа.

Но, зависноста на некој начин навлегла и сега е борба како да се надмине. Можеби имало случаи кога биле во апстиненцијална криза, па направиле неоправдано и недозволиво дело, па, вели психологот, тоа се надоврзува на цела приказна, се генерализира дека сите луѓе што употребуваат дроги се исти.

„Тешко ми е тоа да го разберам. Има прекрасни луѓе, луѓе кои се лекуваат од зависност, а никогаш нема ни да знаете дека користат или користеле психоактивна супстанца. Луѓе кои се успешни и на професионален, политички или семеен план. Значи, воопшто се адаптирани во општеството“, потенцира таа.

Што е со дисперзијата на центрите за зависност? 

Сумирано, употребата на дроги не е новост, ниту реткост во земјава. Анализите покажуваат дека речиси 9% од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19% од младите на возраст од 15 до 24 години.

Сепак, корисниците на дроги се уште се дискриминирани, додека лекувањето се спроведува во супстандардни просторни и хигиенски услови. Луѓето со посебни потреби и старите лица со отежнато движење немаат пристап до центрите за лекување, кои работат само во прва смена и издаваат терапија не подоцна од 14 часот. Истовремено, програмите за лекување на зависности се предоминантно ориентирани кон лекување на опијатна зависност со супституциска терапија со метадон и со бупренорфин.

Визуелизација од документот на ХОПС „Квалитетот на програмите за лекување на зависности во Македонија“

Помрднување на темата требаше да се случи лани, кога Министерството за здравство најави распределба на пациентите од Кисела Вода, односно дисперзија во поликлиниките „Јане Сандански“, Ченто и во психијатриската болница во Бардовци.

Тоа не се случи и процесот закочи, иако министерот Венко Филипче најави дека така „ќе се разбие стигмата“ и „секој има право на квалитетна здравствена заштита“.

Од ресорното министерство сега соопштуваат дека дисперзијата е одложена поради пандемијата со Ковид-19.

„Во периодот што следи Министерството за здравство во соработка и комуникација со сите инволвирани страни во процесот ќе работи на изнаоѓање на оптимално решение кое ќе биде во интерес како на пациентите така и на здравствените работници кои работат на полето на третман на зависности“, ни одговорија од министерството.

Супституциското лекување за опијатна зависност во Психијатриската болница Скопје датира од раните осумдесетти години на 20 век, додека почнувајќи од 2005 година со поддршка од Глобалниот фонд лекувањето беше дисперзирано во уште 9 градови низ државава. Има 11 центри, од кои 2 се во Скопје.

Податоци на Министерството од 2017 година покажуваат дека 1.600 лица се лекуваат со метадон, а 250 со бупренорфин. Се проценува дека околу 6.800 лица инјектираат дроги. Тоа значи дека опфатот на програмите за лекување на зависности изнесува 27%, што е далеку од европскиот просек кој изнесува 50%.

Бојан Шашевски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.