Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Пет проблеми кои ќе останат и по денешниот Меѓународен ден на младите

фото: Радио МОФ

На 12 август – Меѓународниот ден на младите одлучивме да ги издвоиме петте главни проблеми со кои се соочуваат младите. Преку потсетување на теми, текстови, анализи и истражувања кои сме ги обработувале претходниве години сакаме да дадеме една слика за тоа каде се младите во моментов и за тоа каде властите и институциите треба да го насочат фокусот за да се подобри нивниот статус.

2. Општината која има толку многу иселени што не може да избере градоначалник

Центарот на селото Центар Жупа / фото: Радио МОФ

Жителите на Општина Центар Жупа за речиси една недела, по трет пат ќе се обидат да изберат градоначалник. Предизборни плакати не можат да се забележат никаде во истоименото село, а нема ни промотивни активности или материјали во пресрет на изборите. Претходните обиди за избор на градоначалник беа безуспешни, бидејќи на избори не излегуваше да гласа ниту една третина од регистрираните гласачи, во Општината каде печалбарството е тренд, а бројот на население е речиси преполовено последниве две децении.

3. [Фото] „Повисоката цел ни беше да ја вратиме кино културата во Струга“ – шесто издание на „Дрим шорт“

фото: Радио МОФ

Летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга деновиве беше едно од местата во земјава каде се собираат филмаџиите и љубителите на филмот и културата на шестото издание на фестивалот за кратки филмови „Дрим шорт“.

Јаков Поповски кој е дел од организацијата на фестивалот, за Радио МОФ вели дека на отворањето на фестивалот имало досега најголема бројка на посетители од сите изминати изданија.

Поповски објаснува дека на граѓаните им фалат културни настани. Тој вели дека Струга ги има „Струшките вечери на поезијата“, но дека тоа е премалку во текот на едно лето.

4. Изабела Јакимова, Младите на Една може и Гоу Грин се добитници на Наградата за младинско учество

Фото: НМСМ

Актерката Изабела Јакимова, во индивидуална категорија, неформалната група на млади Младите на Една може (One Can Youth), во категоријата на неформални групи на млади и здружението Гоу Грин (Go Green), во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации се овогодишните добитници на Наградата за младинско учество која се доделува по повод Меѓународниот ден на младите.

5. Објавен победничкиот есеј на тема „Колку е дезинформација мојата информација“

Деветнаесетгодишната Ана Трпевска од Скопје го освои првото место на конкурсот за есеј на тема „Колку е дезинформација мојата информација“. Радио МОФ претходно отвори повик за есеј, а темата требаше да биде инспирирана од првиот подкаст „Млад човек кој излегува од својот информациски ‘меур’ е способен да направи промена“ во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за новите медиуми и начините за комуникација со фокус на медиумска писменост.