Изабела Јакимова, Младите на Една може и Гоу Грин се добитници на Наградата за младинско учество

Актерката Изабела Јакимова, во индивидуална категорија, неформалната група на млади Младите на Една може (One Can Youth), во категоријата на неформални групи на млади и здружението Гоу Грин (Go Green), во категоријата на младински организации, организации за млади и младински чадор организации се овогодишните добитници на Наградата за младинско учество која се доделува по повод Меѓународниот ден на младите.

Наградата за младинско учество ја доделува Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националниот младински совет на Македонија, во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации. Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.

Наградите ќе бидат доделени вечерва од 19 часот на свечена церемонија во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.