Младинските организации револтирани што Агенцијата за млади и спорт се става под Министерството за односи меѓу заедниците

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) преку отворено писмо до Владата изразува загриженост и незадоволство од најавената реорганизација на органите на државната управа, посочувајќи дека младите се во ризик да останат без единствената институција која е директно надлежна за нив.

Оттаму велат дека со предложената реорганизација Агенцијата за млади и спорт, од досегашниот статус на самостоен орган, ќе премине на пониско ниво како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците, со помалку ингеренции и самостојност во работењето, како и со многу стеснет делокруг на работа, занемарувајќи ги во целост различните потреби на младите.

„Ваквата реорганизација на органите на државната управа доведува до исклучително деградирање на институциите надлежни за млади, како и потценување на младинските прашања, што дополнително укажува на самата положба на младите во државата, каде наместо истите да бидат приоритет на владините политики, младите се занемарени и се ставаат во заден план“, велат од НМСМ.

Од Советот додаваат дека ваквата реорганизација е штетна за младите.

„Како претставничко тело на младите длабоко веруваме дека се потребни реформи во јавната администрација и од таа причина бараме Агенцијата за млади и спорт да прерасне во Министерство за млади и спорт, по примерот на мнозинството држави во Европа. Република Северна Македонија е една од ретките држави во Европа, која ваквиот важен сектор млади го има ставено на ниво на Агенција, наместо на ниво на Министерство за млади“, велат од НМСМ.

Претставничко тело на младинските организации во земјава, кое обединува 51 организација, во писмото вели дека стои на располагање за средба со Владата за изнаоѓање на решенија кои соодветно ќе ги адресираат проблемите на младите. Од НМСМ додаваат ги ставаат на располагање своето искуство и капацитети за постигнување на соодветно законско решение за трансформација на Агенцијата за млади и спорт во ресорно министерство, доколку за тоа постои искрена волја од извршната и законодавната власт.