Објавени овогодишните номинирани за наградата за младинско учество

Во текот на вчерашниот ден објавени беа номинираните млади лица кои имаат можност да ја добијат Наградата за младинско учество, која ја доделува Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Пошироката јавност може да гласа за номинираните млади во повеќе категории и тоа индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Организаторите нагласуваат дека наградата има за цел да го препознае и испочитува трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања.

Овојпат во индивидуалната категорија се номинирани Горазд Китановски, Изабела Јакимова, Лука Павиќевиќ, Марија Бургиева и Станиша Станковиќ.

Во категоријата неформални групи номинирани се GEN-W, ODAS, One Can Youth (Младите на Една може), PERIOD Скопје и TAKAT.
Во категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации номинирани се Гоу Грин, Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Здружение за општествена акција, едукација и превентива (ЕАСП).

Повеќе информации за номинираните кандидати се достапни тука

„Наградата за младинско учество препознава иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации кои покажуваат јасна визија за подобрување на заедницата кои се системски и одржливи во решавањето на приоритетните општествени прашања; исклучителна креативност, иновативност и лидерство во дефинирањето и решавањето на општествени прашања; и носат мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството преку активностите на номинираниот“, велат од АМС и НМСМ.

Гласањето официјално ќе заврши во вторник, на 2 август.