Шесто издание на фестивалот на кратки филмови „Дрим шорт“ од 6 до 9 август во Струга

Од 6 до 9 август на летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи шестото издание на фестивалот на кратки филмови „Дрим шорт 2022“.

Организаторите посочија дека публиката оваа година ќе има можност да гледа филмови во четири натпреварувачки категории, студентска, регионална, меѓународна и специјалната програма „Соочување со минатото“.

„За нас филмот претставува вечност, бидејќи животот во филмот и животот на филмот како уметничко дело немаат рок на траење. Оваа година сакаме да собереме различни вечности и да изградиме кула, огромна, магична и неранлива, кула чија основа започнува во моментот кога филмот почна да живее на големото платно, а чиј врв се издигнува некаде во бесконечноста. Кула која создава светови и рефлектира вредности. Кула која ја чува вечноста, во која секој е добредојден да влезе и да се искачи на спиралните скали кои водат кон бесмртноста. Шестото издание на фестивалот има за цел да изгради кула, која ќе го претставува почетокот на нашата филмска тврдина. Затоа оваа година, фестивалот на кратки филмови ‘Дрим 2022’ ќе се одржи под мотото ‘Кула на вечноста’“, пишува во најавата за настанот.

Дополнително, се најавува дека оваа година фестивалот ќе биде домаќин и на неколку дополнителни гости и специјални програми. Покрај филмската програма, од фестивалот посочуваат дека неизбежен дел е и нивната филмско-едукативна програма, која ќе биде придружена со мастер класови, дискусии, соработки и работилници, а истовремено најавуваат и музичка програма.