Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Ембла се враќа во училиште откако вкоренетите предрасуди излегоа на виделина

Четвртоодделенката Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие. Причина за ова е група родители на ученици од основното училиште „Башкими“ кои преку петиција ја бојкотираа наставата. Тие не сакаат нивните деца да бидат заедно во училница со Ембла, која е со Даунов синдром, под изговор дека девојчето било агресивно.

Овој случај кој го објави ТВ Клан, предизвика силни реакции во јавноста и уште еднаш го отвори прашањето за потешкотиите со кои се соочуваат родителите, но и лицата со атипичен развој во образовниот систем.

Ембла се враќа во училиште откако вкоренетите предрасуди излегоа на виделина

2. [Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!

Веста дека родители подигнале петиција против дете со Даунов синдом, за да не учи заедно со нивните типични деца, истовремено ме растажи и прилично растревожи. Проблемот е што вакви приказни, како новинар и татко на дете со аутизам, сум сретнал и по училишта во Скопје, Штип, Тетово… Тие се реалност, сега и тука, не се некој филм полн од стереотипи од 90-ти. Реалност што бара силна едукација, разбирање од сите вклучени страни, широк инклузивен процес за надминување на тој ст(р)ав“, пишува Бојан Шашевски

[Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!

3. [Видео] #ФЕМуабети – Розов данок и менструална сиромаштија

Жените мирисаат на ванила и божиќни колачиња, а мажите на енергија… Овој мем-муабет на социјалните мрежи си собира „лајкчиња“, но зад него се кријат розовиот данок и менструалната сиромаштија.

Радио МОФ го започна новиот серијал видео-подкасти насловен #ФЕМуабети.

Во првата епизода зборувавме за розовиот данок и менструалната сиромаштија со Теодора Крстевска, советничка во Град Скопје.

4. Македонските универзитети потонаа на ново рангирање на високото образование [Инфографик]

Речиси сите македонски универзитети и високошколски установи имаат пад на новото рангирање кое го објави webometrics.com. Од вкупно 22 универзитети, само 5 се подобро рангирани во споредба со податоците од пред шест месеци.

Најголем пад на листата има Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе, кој назадувал преку 2000 позиции на листата. Големи падови имаат и Универзитетот за туризам и менаџмент (-1449 места), Универзитетот Американ Колеџ (-1040 ) и Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола (-865).

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) се најде на 1.594 место во светот, што е пад од 101 место во споредба со рангирањето пред половина година. Во споредба со регионот, најголемиот македонски универзитет се наоѓа далеку зад најголемите универзитети во Грција, Србија, Словенија, Бугарија и Хрватска, додека подобро стои од универзитетите во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.

Македонските универзитети потонаа на ново рангирање на високото образование [Инфографик]

5. Синдикатите со блокада во Скопје порачаа: Или одлука за минималната плата, или штрајк

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево со протест го блокираше центарот на Скопје, пред седиштето на Организацијата на работодавачите и Стопанската комора преку кој бараат да се зголеми минималната плата на 18.000 денари, скалесто зголемување на сите плати и платен регрес за сите работници во јавниот сектор.

Оттаму најавија дека ќе стапат во штрајк доколку не бидат прифатени нивните барања, за кои во 16 часот ќе се дискутира на Економско социјалниот совет во Владата.

Синдикатите со блокада во Скопје порачаа: Или одлука за минималната плата, или штрајк