Ембла се враќа во училиште откако вкоренетите предрасуди излегоа на виделина

Четвртоодделенката Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие. Причина за ова е група родители на ученици од основното училиште „Башкими“ кои преку петиција ја бојкотираа наставата. Тие не сакаат нивните деца да бидат заедно во училница со Ембла, која е со Даунов синдром, под изговор дека девојчето било агресивно.

Овој случај кој го објави ТВ Клан, предизвика силни реакции во јавноста и уште еднаш го отвори прашањето за потешкотиите со кои се соочуваат родителите, но и лицата со атипичен развој во образовниот систем.

Реакциите стигнаа и до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој соопшти дека Ембла од денеска е повторно меѓу соучениците.

„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост. Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка“, извести министерот Шаќири.

Прв за случајот сподели нејзиниот татко, разочаран што Ембла не може да се радува како и нејзините врсници.

„Денес почна второто полугодие за сите деца, ученици и врсници на ќерка ми Ембла. Само нашата Ембла не уживаше во овој ден затоа што некој го прекина ова чувство, да не почне со нејзините врсници…. додека сите се радуваат што нивните деца почнаа второ полугодие, ние како родители на Ембла размислуваме кога ќе започне второто полугодие за Ембла откако беше бојкотирана во првото полугодие од родителите (мајките) на учениците… Со среќа“, напиша таткото на ученичката на својот Фејсбук профил во вторникот.

Во изјава за медиумите, тој рече дека ученичката во првото полугодие била сместена во голема сала, покрај мал радијатор за греење за да следи настава. Претходно, и претставници на Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“, како и директорот на училиштето потврдиле дека Ембла никогаш не била агресивна.

Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над солидарност и емпатија

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на општеството кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас.

„Вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Раководството на образовната установа во Гостивар со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска“, проценуваат од Хелсиншки комитет.

Оттаму информираат дека подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бараат Општината Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и дискриминаторски третман кон малата Ембла.

Покрај ова, од МОН и Државниот просветен инспекторат бараат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата. Притоа, од Хелсиншкиот комитет бараат и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај.

„Санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост. Токму затоа, сите споменати чинители мора да се вклучат во изнаоѓање решенија кои ќе спречат повторување на вакви случаи, преку континуирани советувања и обуки наменети за родители, наставници и ученици, бидејќи лекциите како ,,Тимјаник’’ очигледно се повторуваат без да се научат. Бидејќи проблемот не е и не може да биде во децата со попреченост. Проблемот е во синдромот на нечовечност кој безобѕирно се манифестира и врз најневините“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Инаку, Законот за основно образование преку членот 5 нуди заштита од дискриминација и промовира еднаквост, а преку членот 11 предвидува инклузивно образование.

[Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!

Емилија Петреска