Објавен победничкиот есеј на тема „Колку е дезинформација мојата информација“

Деветнаесетгодишната Ана Трпевска од Скопје го освои првото место на конкурсот за есеј на тема „Колку е дезинформација мојата информација“. Радио МОФ претходно отвори повик за есеј, а темата требаше да биде инспирирана од првиот подкаст „Млад човек кој излегува од својот информациски ‘меур’ е способен да направи промена“ во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за новите медиуми и начините за комуникација со фокус на медиумска писменост.

Есејот може интегрално да го прочитате во продолжение:

„Забележан е НЛО во село Бреза. Дали вонземјаните тргнаа по своето? Македонија прва на удар? ФОТО+ВИДЕО“

Секојдневно сме „бомбардирани“ со вакви објави. Често забележувам сензационалистички наслови на разни портали и се прашувам, до каде ли ќе оди ова. Во најмала рака е некоректно од страна на „порталите“ да собираат кликови на овој начин. Но мислам дека проблемот не лежи тука, туку во степенот на медиумска писменост кај луѓето.

Пред сѐ мислам на постарите генерации кои ваквите објави ги сфаќаат премногу сериозно. Тоа се луѓе кои пораснале во друго време, кога имало два канала на телевизија и три весника, а пристапот до информациите им бил ограничен. Брзиот развој на технологијата и промените што настануваат им претставуваат тешко надминлива препрека. Од друга страна се младите, кои се растени со интернет и паметна технологија. Пристапот до информации од различен карактер не им е проблем, зашто со еден клик имаат сѐ на дланка. Но тука се раѓа друга проблематика, а тоа е начинот на читање и размислување за прочитаното. Не е важно што, туку како се чита. Исто така критичкото размислување и сомневањето во прочитаното, па дури и во своите размислувања, ќе помогнат да се добие точна информација. Како што рекол еден познат мислител: „Сомневај се дури и во сопствениот сомнеж.“

Најлесно е да останеме во својата ехо комора, верувајќи во дезинформации или половични информации чие ехо има ѕвонлив звук во нашите уши. Балонот, во кој сме „безбедни“, се дуе сѐ повеќе, но никој не презема ништо по тоа прашање. Без разлика на реалните околности и факти прифаќаме да веруваме во нешто само затоа што сме го прочитале на интернет; или зашто ни е поедноставно само да го занемариме тоа. Потоа дезинформациите се шират како вирус, но немаме маска ниту вакцина за нив. Во оној момент кога ќе собереме доволно храброст да го пукнеме меурот со игла, да излеземе од комората и да ги начулиме ушите, тогаш ќе направиме чекор напред. Секој треба да смогне снага да се предизвика себеси и да им застане на патот на дезинформациите.

Се разбира, за ова е потребна едукација и постојана дискусија. Пласирањето дезинформации не треба и не смее да биде табу тема. Ја имаме привилегијата информациите од целиот свет да ни бидат пред очи, само треба да ги искористиме на вистинскиот начин. Најнапред е потребна добра анализа на прочитаното, потоа согледување на аргументите, компаративна анализа со други информации на истата тема, но од различни извори и формирање свое мислење. Исклучително важно е да се разгледаат аргументите за, ама да се земат предвид и спротивставените ставови. Изворот на информацијата носи голема тежина и одговорност. Затоа испраќачот на истата мора да има повисоки морални и етички вредности, а примачот, односно ние, да обрнеме особено внимание на изворот на информациите.

Нашето општество мора да работи долго на ова. Потребана е волја од сите чинители во овој процес, за да направиме позитивна промена. Ете тогаш, ќе ја прочитаме веста погоре и нема слепо да веруваме во неа. Напротив, ќе дојдеме до заклучок само после внимателно и критички направениот преглед. Најпосле, ќе ги насочиме и повозрасните, како правино да го формираат своето мислење, покажувајќи им на свој личен пример.

На отворениот повик, свој есеј можеа да поднесат сите млади лица на возраст од 15 до 29 години, а крајниот рок за поднесување беше 25 јули.

Радио МОФ и понатаму ќе продолжи со „Youthink“ подкастите за медиумска писменост, но и со мултимедијални конкурси на обработените тематики.

„Колку е дезинформација мојата информација“ – конкурс за есеј од Радио МОФ