„Колку е дезинформација мојата информација“ – конкурс за есеј од Радио МОФ

Колку често ги проверувате „трачевите“ кои ги слушате? Дали сте сигурни во фактите кои ги кажува вашиот омилен влогер? Дали им верувате целосно на ТикТок видеата кои ги „срцкате“? Размислувате ли два пати пред да ретвитнете? Потребни ли ви се вештини и знаења, за да имате покритички пристап кон медиумските содржини, но и да бидете поодговорни во онлајн и офлајн светот? Како и дали може медиумската писменост да помогне?

Кога киберпросторот и реалноста се преплавени од вести и дезинформации, безбедноста се бара во комфор зоната на информациските меури. Размислувајте пошироко, стиснете Esc од вашите меури!

Радио МОФ распишува отворен повик за есеј, а темата треба да е инспирирана од првиот подкаст во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за новите медиуми и начините за комуникација со фокус на медиумска писменост.

Слушнете го подкастот „Млад човек кој излегува од својот информациски „меур“ е способен да направи промена“ и инспирирајте се за есеј на тема „Колку е дезинформација мојата информација“.

Според првиот гостин во подкастот, Михајло Лахтов, медиумската писменост не е егзактна наука, туку се работи за концепт за критичко размислување и анализирање на медиумските содржини и пораки.

Дополнително, секој треба секој да излезе од својата „комфорт зона“, од сопствениот „меур“, да ги слушне аргументите од другата страна. Односно, човек кој излегува од својот „меур“ и ги следи ставовите со оние со кои не се согласува, е способен да прави промена. А, луѓе кои не се менуваат – тие не еволуираат и не можат да носат промена.

На отворениот повик, свој есеј може да поднесат сите млади лица на возраст од 15 до 29 години. Есеите треба да бидат напишани на македонски јазик, а максималната должина е две страници во „Word“.

Крајниот рок за поднесување на есеите е 25 јули, а делата пратете ги на info@radiomof.mk.

Пристигнатите есеи ќе бидат оценувани од жири комисија, а победничкиот есеј ќе биде награден со ваучер од 100 долари за електронска опрема.

Радио МОФ и понатаму ќе продолжи со „Youthink“ подкастите за медиумска писменост, но и со мултимедијални конкурси на обработените тематики.