[Фото] Безопашестиот „Бик“ се’ уште опслужува како сад за ѓубре  

Скопскиот „Бик“, своевидна реплика на познатата скулптура во њујоршки Волтрит, веќе подолг период е со скршена опашка, па служи како сад за ѓубре, надвор од комуналниот систем на ЈП „Комунална хигиена“.

„Бикот“ остана без опашка во ноември 2018 година. Тогаш од Музејот на современа уметност (МСУ) рекоа дека ќе биде поправена, односно дека е направена проценка и записник, а известено е и Министерството за внатрешни работи. Од таму, пак, потврдија дека работат на расчистување на случајот со кражбата на опашката.

Обид за обезбедување средства на нова бронзена опашка имаше во 2019 година, со предлог за изменување и дополнување на тогашниот буџет. Со него се бараше 100.000 денари за обнова на скулптурата.

Поглед од задниот дел на бикот во март 2019, архивско фото: Радио МОФ

Според дата-базата на БИРН, скулптурата „Бик“ беше поставена во централното скопско подрачје на улицата „Македонија во 2009 година, заедно со уште десетина скулптури како дел од таканаречениот прв или почетен бран на проектот „Скопје 2014“.

Автор на скулпурата е Дарко Дуковски. Сличноста со прочуената њујоршка статуа беше и повод за критиките за плагијат кој нема никаква симболика и врска со Скопје. Авторот пак, од своја страна, своето дело во медиумите го објаснувашe како манифестација на сила, но и древен македонски симбол на плодноста.

Архивско фото: БИРН

Како и кај другите скулптури од почетниот бран на „Скопје 2014“, цената на чинење им е далеку помала од подоцнежните. Освен првата награда на конкурсот распишан од Министерството за култура од 30.000 денари, за изработка на оваа и на скулптурата „Градската плажа“ на истиот автор му се исплатени нешто над 50.000 евра.

За разлика од некои скулптури поставени во 2009 година, еден и пол тон тешкиот бик не е дислоциран.

Бојан Шашевски
Главно фото: Ивана Смилевска