[ЕКСКЛУЗИВНО] „Електричен тротинет за секој студент“ – конкурс за медиумски предизвик од Радио МОФ

Сигурно редовно наидувате со содржини и вести кои почнуваат со зборовите „СКАНДАЛОЗНО“, „ШОКАНТНО“ или „НЕВЕРОЈАТНО“. Но, кога ќе кликнете на објавата, единствено „шокантен“ е степенот до кој медиумите одат за да го добијат вашиот клик.

Радио МОФ распишува отворен повик за медиумски предизвик, а темата е инспирирана од вториот подкаст во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за сензационализмот, односно тактиките за привлекување на вниманието на публиката, преку кои медиумите се обидуваат да стигнат до повеќе читатели, гледачи или слушатели, што на нив им носи повеќе пари и повеќе влијание.

Вашата задача е да го прочитате медиумскиот предизвик, кој е ставен подолу и да ги пронајдете сензационалистичките делови во текстот. Потоа испратете ни ја преработената вест во форма која вие сметате дека е според новинарските стандарди, со кусо објаснување како ги препознавте проблематичните елементи во текстот.

На отворениот повик, свое решение може да поднесат сите млади лица на возраст од 15 до 29 години. Решенијата треба да бидат напишани на македонски јазик, а максималната должина е две страници во „Word“.

Крајниот рок за поднесување на решенијата е 28 септември, а делата пратете ги на info@radiomof.mk, со назнака „За конкурсот на Радио МОФ“.

Пристигнатите есеи ќе бидат оценувани од жири комисија, а победничкото решение ќе биде наградено со ваучер од 100 долари за електронска опрема.

[ЕКСКЛУЗИВНО] „Електричен тротинет за секој студент“ – МОН ќе распише повик за субвенции

Поради почетокот на новата академска година, која предвидува нов пад на температурите, нашиот медиум, од свои извори во Министерството за образование и наука (МОН), дознава дека Министерството како еколошки одговорна институција, ќе распише нов повик за субвенции со цел намалување на загадениот воздух во државата.

Нашиот извор, кој сакаше да остане анонимен, ни дојави дека од 3 октомври, освен академската година, почнува и новиот конкурс за стипендирање на електрични тротинети за сите редовни и вонредни студенти на додипломски студии кои ќе студираат на државните универзитети во земјава во студиската 2022/2023 година.

„Освен започнатиот процес за дигитализација на административните работи како еколошко решение што веќе ја намалува потрошувачката на хартија, нашата стратегија за еколошко одговорна институција, ја дополнуваме со новата политика која предвидува еколошки транспорт на студентите од дома до универзитетските кампуси. Тоа ќе придонесе за намалено загадување на воздухот, а здравјето на студентите е најважно за нас“, сподели нашиот соговорник.

Притоа, изворот открива дека електричните тротинети освен што ќе го олеснат пристапот на студентите до факултет, значително ќе го зголемат и нивното присуство на предавањата, или барем на оние кои досега доцнеле поради проблеми со превозното средство.

Ексклузивно до нашата редакција пристигна и информација дека конкурсот што ќе биде отворен на 3 октомври, ќе стане достапен и онлајн на страната на МОН, што дотогаш ќе добие нов изглед и нов безбедносен систем против хакерски напади.

Од кулоарите на МОН, дознаваме дека субвенциите ќе бидат наменети само за студентите кои се запишани на државните универзитети и се државјани на Република Северна Македонија. Неофицијално, големината на субвенциите ќе биде висина од 20 илјади денари, а за поврат на средствата потребно ќе биде тие да приложат фискална сметка, студетска легитимација и уплатница од административна такса.

Субвенциите од МОН ќе бидат достапни до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Република Северна Македонија за оваа намена, по принципот прв пристигнат, прв услужен.

Но и доколку не добивте субвенции, не очајувајте.

Од еден од најголемите универзитети кај нас, од прва рака добивме информации дека оние што ќе извисат на субвенциите, ќе имаат 30 отсто покачување на средствата за студентски оброк. Тоа ќе биде право олеснување во овие кризни времиња кои дополнително го разнишуваат и онака кревкиот студентски стандард.

Во тек се и отворените повици на Град Скопје за субвенционирање на електрични тротинети и велосипеди, а оттаму посочуваат дека јавниот повик трае заклучно до 1 ноември 2022 година.

Следете нè за дополнителни информации.

Слушнете го подкастот „[ШОКАНТНО] е што медиумите прават за вашиот клик“ и инспирирајте се за да го решите медумскиот предизвик насловен „ [ЕКСКЛУЗИВНО] „Електричен тротинет за секој студент“ – МОН ќе распише повик за субвенции“

Во втората епизода од „Youthink“ подкастот зборувавме за тоа колку е опасен сензационализмот во медиумите, како да го препознаете, но и како да се заштитиме од ваквите содржини со новинарот Огнен Јанески: