Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. Медот исчезнува пред климатските промени

На околу половина час од центарот на Призрен, во близина на Националниот парк „Шар Планина“ од страната на Косово сместено е селото Билуша. Опкружено со многу природа, и настрана од градската средина, тука своето место го најде и пчеларникот на Шќипе Шала, наречен „Етнику“.

Нè пречека носејќи маичка со натпис „GRL PWR“, односно „Женска моќ“ напишано со интернет-сленг. Заедно со нејзиниот сопруг Лиридон, овој пчеларник го разработиле во семеен бизнис. Првичната идеја за одгледување пчели и занимавање со оваа специфична работа, дошла токму од неа.

Приказната на Шала започнала пред околу 13 години, откако посетила саем во Швајцарија каде купила тегла мед. Веднаш потоа започнала да се бави со оваа професија со четири кошници со пчели. Со текот на годините, бројот на кошници само се зголемувал.

2. „Кој се плаши од родот“: Дезинформациите како главна алатка на антиродовите движења

Во мај годинава, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) објави дека најмладата пациентка која абортирала има 13 години. Но информацијата не поттикна жестока дискусија во јавноста, иако претходно, групи и здруженија на граѓани јавно го искажуваа својот револт против воведување на сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, механизам со кој преку едукација би се намалил процентот на малолетничка бременост.

Токму овој пример беше изнесен при промоцијата на новото истражување на „Коалиција Маргини“, каде се анализира комуникацијата, односно ширењето на дезинформации од страна на антиродовите групи. Анализирани биле 269 прилози од четири различни извори на социјалните мрежи, односно Фејсбук групи за антиродова мобилизација.

3. [Видео] Јасно и гласно: Како медиумите известуваат за младите со атипичен развој

Колку медиумите имаат капацитет да отстапат место за младите со атипичен развој, со разни состојби и попречености? Доволно ли е медумите само со еден текст да го одбележат Светскиот ден на лицата со попреченост, за да ја исполнат должноста кон јавноста за оваа група граѓани? Треба ли медиумите да се фокусираат и на нивните способности и потенцијали, наместо само тажни и пасивни приказни? Дали со тоа што се покриваат лицата на атипичните деца, медиумите вршат дополнителна маргинализација?

Ова се дел од прашањата на дискусијата „Јасно и гласно“, со која Радио МОФ се приклучи на Деновите на медиумска писменост.

4. #РаскажиМи: „Додека ја пушам последната цигара“ од Силвана Димитриевска

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Додека ја пушам последната цигара“ од авторката Силвана Димитриевска:

„Седеше на металниот, сив стол потпрен на ѕидот, веднаш до големиот прозорец на кој сосема случајно беше префрлен долг пешкир во небесно сини нијанси и пушеше. Седеше гол, препуштен на мирисите на собата, чадот кој му го обвиткуваше телото, сенките во аглите и на ѕидовите од кои затреперуваше клучалката на вратата. Надвор од прозорецот, зад неговиот грб, градот ги живееше првите утрински часови, магливо, лигаво, бучно“

5. Во високото образование ќе се воведува предмет за медиумска писменост, програмата се работи заедно со студентите

Медиумската писменост полека го наоѓа својот пат до курикулумот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а со тоа и до курикулумот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје преку формирање на предметна програма со прирачник составен од основните поими поврзани со медиумското едуцирање и работилници. Ваквиот предмет треба да биде достапен за слушање веќе од следната академска година.

„Во моментов сме во процес на акредитирање на новата програма, веќе поминуваат елаборатите на научно-наставниот совет и очекуваме со следната акредитација, во следната академска година, да го имаме предметот на листа, а истиот е замислен за во втора година“, изјави професорката Кристина Н. Николовска.

6. Револуцијата на Џон Кемпбел

Од Рубриката #Поларис, каде пишува надворешниот соработник Марјан Болтевски:

„Џон Кемпбел пишувал раскази за Amazing Stories под уредничката палка на Хуго Гернсбек во време кога студирал за американскиот MIT (Massachusetts Institute of Technology). Првенствено имал за цел да ја продолжи својата кариера како доктор по физика, но паралелно обожавал да се занимава и со пишување на научно фантастична литература и не му било лесно да се одлучи што повеќе сака – работа во државни научни институции или писателска дејност. Со поддршка од сопругата, Џон се одлучил да се оддаде во целост на пишувањето на научна фантастика.  Иако Кемпбел не ни звучи како познато име, тој е авторот на Who Goes There. Ако овој наслов не ве потсетува на нешто, тоа е затоа што Who Goes There е роман по кој е снимен филмот The Thing на Џон Карпентер, еден од најдобрите сф хорор филмови на сите времиња“

7. Каква корист за младите од Македонија донесе 2022 – Европската младинска година?

„2022 година е прогласена за Европска година на младите“ – овие наслови и пароли може да се сретнат и прочитаат на дел од невладините организации кои се во непосредна соработка со Европската Унија, самите европски органи кои финансираат проекти наменети за младата популација. Суштинска и важна година и за самите држави вклучени во програми финансирани од европски средства, меѓу која е и Македонија.

Европската година на младите имаше цел да ја покаже важноста на младите од континентот за градење на подобра, позелена, поинклузивна и дигитална иднина.

8.Вчера дојави за бомби имало во 8 скопски училишта, од МВР потврдија дека пријавите биле лажни

Не до пет, туку до осум училишта во Скопје по мејл стигнала закана за поставена бомба. Од Министерствтото за внатрешни рабти (МВР), по направените проверки, велат дека станувало збор за лажни пријави.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека осум училишта на територија на Скопје добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, посочија од МВР.

9. [Рецензија] Кон „Confutatis – од што се направени хероите?“

Политиката на моќ, маргинализацијата и припадноста се во взаемна врска во авторскиот перформанс „Confutatis – од што се направени хероите?“ на Велимир Жерновски, што вчера заедно со музичарите Јоана Ристеска и Филип Митров и уметничкиот инклузивен ансамбл на „Трисомија 21“ и „Колектив Ветерница“ беше изведен во Црвената сала во Младинскиот центар во Приштина.

Ова не беше вообичаен перформанс, ако некогаш и постои такво нешто. Прво, затоа што беше изведен во склоп на Европското номадско Биенале Манифеста 14. Второ, затоа што вклучува цела екипа музичари, активисти, уметници и ансамбл кои се испреплетуваат со своите таленти, различни карактеристични особености, во обид да постават дело пред меѓународна публика, во склоп на она што се вика перформативна или визуелна уметност, но истовремено со добра доза во доменот на ангажираната уметност.

10. „Точко Точковски од Вело планетата ТочакТочак“ – герила акција во Скопје

Додека се движеше низ булеварите во главниот град, обидувајќи се да стигне од едниот до другиот крај на градот, Точковски мораше да запре на улицата „Борис Трајковски“ во Кисела вода и да го крене во раце својот велосипед бидејќи на „патеката“ се појавија автомобили и му го попречија патот.

Клубот за младински активизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) и уметникот и скулптор Андреј Миневски, направија герила акција на булеварот „Борис Трајковски“ во скопската Општина Кисела Вода, насловена  „Точко Точковски од Вело планетата ТочакТочак ја посети Македонија“.