#Поларис: Револуцијата на Џон Кемпбел

Кога се зборува за историјата на научната фантастика, неминовно е да се зборува за Џон Вуд Кемпбел, чие постоење има создадено огромна промена на она што денес се случува на научно фантастичната сцена. Нормално, ова е продолжение на моите претходни текстови кои ги опфаќаат периодите на палп сцената, така што и на овој текст ќе се задржам на палп списанијата.

Џон Кемпбел пишувал раскази за Amazing Stories под уредничката палка на Хуго Гернсбек во време кога студирал за американскиот MIT (Massachusetts Institute of Technology). Првенствено имал за цел да ја продолжи својата кариера како доктор по физика, но паралелно обожавал да се занимава и со пишување на научно фантастична литература и не му било лесно да се одлучи што повеќе сака – работа во државни научни институции или писателска дејност. Со поддршка од сопругата, Џон се одлучил да се оддаде во целост на пишувањето на научна фантастика.  Иако Кемпбел не ни звучи како познато име, тој е авторот на Who Goes There. Ако овој наслов не ве потсетува на нешто, тоа е затоа што Who Goes There е роман по кој е снимен филмот The Thing на Џон Карпентер, еден од најдобрите сф хорор филмови на сите времиња. По пропаѓањето на Amazing Stories Кемпбел продолжил да пишува за друго палп списание за научна фантастика насловено Astounding Stories, пресуден момент кој донел со себе многу промени.

Џон Кемпбел станал уредник на Astounding Stories во 1937 година. Astounding Stories било во тој период уште едно палп списание во бескрајниот океан на палп списанија. Но Џон Кемпбел како нов водач на уредничката политика со себе донел нов ветар на промени. На што се подразбира? Во периодот на големата американска депресија кој настанал како резултат на светската економска криза, вообичаено било американската публика да се сврти кон се што можело да се подразбере како средство за ескапизам. Тука палп списанијата имале голема улога како свет во кој читателот можел да се нурне како бегство, макар привремено од проблемите во секојдневието. Немојте да ме разберете погрешно, нема ништо лошо во ескапизмот, тоа е нешто кон кое е склона секоја личност. Дали е тоа во форма на гледање серии или читање на книги кои даваат удобност, тоа е најмалку важно. Така бил и случајот и со научната фантастика. Само што проблемот не бил во ескапистичката природа, туку во тешката стагнација. Кога пишував за Amazing Stories, напоменав дека за секој добар расказ имало неколку лошо напишани раскази. Лоши во смисла на литературна сиромаштија и лоши во смисла на научна точност. За секој добар и интересн опис на туѓа планета имало најмалку пет авантури на херои, разбојници или пирати кои совладуваат страшни вонземски чудовишта со помош на супернаука (термин кој се користел за лесно и погодно заобиколување на научни нелогичности) кои на крајот ја добиваат убавата и згодна принцеза со зелена боја на кожата. Ова било нешто што Кемпбел како уредник не го толерирал. Кемпбел презел строг режим во уредничката политика и воспоставил многу строги правила за секој кој сакал да пишува за Astounding Stories. Еднодимензионалните херои, прекрасните робинки-принцези и егзотичните планети се симнале од дневниот ред. На нивно место доаѓаат поинакви приказни, поточно приказни каде науката го имала примарниот збор. Со големо знаење на полињата на физиката и инжињерството Кемпбел ги обучувал новите и надежни автори да учат доволно за физика, хемија, биологија, геологија итн за да можат да изградат сетинг и свет кој има своја поверодостојна, научна база. Ако расказот е приказна за астронаут кој патува со својата ракета кон Марс, тогаш писателот мора да вложи доволно труд за да опише како полетува таа ракета, какво гориво би трошела, дали астронаутот носи заштитна униформа, каква храна и течности користи. Ако астронаутот слетува на Марс, тогаш нека даде опис за планетата според тогашните научни сознанија, каква е гравитацијата на црвената планета, каков е теренот, колку кислород би му бил потребен на астронаутот за да опстои на површината на Марс во рок од 30 минути. Во кохезија со науката морало да оди и пишување на расказот со добар прозен стил, а да не се копираат реченици од викенд романи замаскирани како вселенски авантури.

Под строгата палка на Џон Кемпбел Astounding Stories и научната фантастика се издигнале од калта на кичот, невкусот и ефтината забава. Палп ерата останала во минатото за да може да се отвори една нова врата каде научната фантастика би ги преболела своите детски болести за да осозрее. Оваа строгост и донекаде тиранија на Џон Кемпбел успеала да вроди со плод и да ја лансира писателската кариера на многу автори кои ја ставиле научната фантастика во својата златна ера, како Исак Асимов (Foundation, The Robot series), Артур Кларк (2001 A Space Oddyssey) и Роберт Хајнлајн (Starship Troopers, Stranger in a Strange Land). Но колку и да била корисна, ригидноста на Кемпбел се покажала и како деструктивна. Големиот притисок и „дишење во врат“ на писателите довело до конфликт каде добар дел на автори си заминале од Astounding Stories придонесувајќи за падот на квалитето на списанието, а конфликтот неизбежно се зголемувал со судирот на регресивните ставови на Кемпбел со прогресивното однесување на новиот бран на писатели за различни социјални теми во американското општество. Последниот клин во кофчегот на оттуѓувањето на Џон Кемпбел било неговото флертување со псевдонауката, нешто слично како и кај Хуго Гернсбек, прифаќајки го Л. Рон Хабард, основачот на скиентологијата. Ако некогаш сте биле на скопски саем на книгата и сте ги виделе центрите на дијанетиката, тогаш добро е да знаете дека тие се резултат на пллодот на имагинацијата на научно фантастичен писател.

Што се случило, се случило. Колку што е Џон Кемпбел заслужен за револуцијата на научната фантастика, толку е заслужен што неговото име не може да се избрише од неславните дамки на неговата личност. Но не може да се одрече она што го оставил како свое наследство, означувајќи го крајот на палп ерата на научната фантастика. Секако, ова не е крајот на историјата на научната фантастика бидејќи перото на времето сеуште има мастило, и допрва ќе почне да пишува за златната генерација на научната фантастика.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.