#Поларис: Вангелис, like tears in rain

Во мојот студентски живот секогаш одвојував слободно време за гледање филмови, посебно филмски наслови кои ја немаа таа среќа да бидат премиерно прикажани во скопските кино сали благодарение на домашниот видео рекордер кој тогаш одлично ни функционираше. Македонските видеотеки се` уште беа актуелни, иако полека доаѓаше доминацијата на DVD форматите и појавата на првите DVD-теки во Скопје. Секогаш имав интересни муабети со газдата на локалната видеотека спроти мојата куќа за различни филмови, независно нивниот жанр, и прифаќав предлози за постари филмови за кои генерално немав посебен интерес. Еден ден ни се падна тема за филмска музика и филмови кои не се оркестарски настроени од типот на Џон Вилијамс, па затоа во еден момент меѓу купчињата касети се најде и една со привлечен наслов – 1492: The Conquest of Paradise на Ридли Скот. Приказната во тој филм не води во 15-от век и откривањето на Америка од страна на Кристофер Колумбо (главната улога му припадна на Жерар Депардје). И иако Conquest of Paradise може да се пофали со една импресивна листа на актерски имиња (Депардје, Сигурни Вивер, Арманд Асанте итн), сепак приказната која делува како интересен авантуристичко-историски спектакл, барем на хартија, испадна просечна во доменот на речиси сите егзекуции. Освен во еден сегмент. Имаше една сцена каде се гради црква на првиот откриен остров, и како што полека се правеше build up за кревање на sвоното, така се создаваше еден постепен музички набој каде главниот збор го имаше синтисајзерот, еден прилично неконвенционален инструмент за филм со историска тематика. Тоа беше моментот кога се запознав со музиката на Вангелис, чија неконвенционалност оставаше препознатлив белег во сите филмови во кои имал помал или поголем музички ангажман.

Евангелос Одисеј Папатанасиу, познат под псевдонимот Вангелис, е дел од генерацијата на музичари кои влегуваат во поекспериментални води во компонирање музика, често комбинирајќи правци кои на прво слушање би биле „дисхармонични“, како вклопување на електронска музика со класична оперско филхармониска или рок. Ваквите обиди за спојување  придонесуваат Вангелис да се истакне како соло артист на почетоците, за подоцна да оформи свои бендoви како Forminx и Aphrodite’s Child (вториот бенд е плод на соработката со Демис Русос), за потоа повторно да се врати како соло артист со формирање на сопствено студио во Лондон, наречено Nemo Studios. Ваквото „скокање“ во кариерата му овозможува да експериментира и да создава интересни склопови на покласични и понови музички правци, за што добива можност да работи на компонирање на музика за документарни филмови на француски и американски продукциски куќи (Opera sauvage, Cosmos: A Personal Journey), нешто што ќе му ги отвори вратите за соработка со Џон Андерсон, вокалистот на прог рок бендот Yes и добивање идни понуди за компонирање на музика за играни филмови. Во 1980 година ја има честа да го компонира саундтракот за британскиот филм Chariots of Fire за кој го добива оскарот за најдобра музика во филм. Иако некои критичари го обвинуваат дека е „one hit wonder“ со главната тема за Chariots of Fire, тоа не ги спречува понудите за работа од други артисти и продукциски куќи. Еден ден Вангелис добива понуда да работи на филм во режија на Ридли Скот, чија популарност значително е зголемена поради успехот на Alien, втор игран филм кој го има режирано во неговата богата филмска кариера. Вангелис добива видео касета со наслов Blade Runner и сцена во продукција. Занесен во оние неколку минути што ги има на касетата, Вангелис ја прифаќа задачата да ја компонира музиката на Blade Runner. Тоа е моментот на зачнувањето на филмската и музичката бесмртност на Blade Runner.

Лос Анџелес, 2019 година. Во првиот кадар на отворањето на Blade Runner го гледаме градот на ангелите распространет со долги и огромни индустриски зони, високи оџаци од кои излегува оган и по некој летачки автомобил. Сцената е пропратена со звуците на електронска музика од синтисајзер Yamaha CS-80 која го буди чувството на вџашеност, страв и восхит за иднината. Целиот студиски албум за филмот по својот тон и атмосфера одговара за секоја конкретна сцена, независно дали е грандиозна или интимна. Во една прилика Вангелис ќе изјави дека музиката која ја компонирал за Blade Runner не е музика за филм, туку за сон бидејќи добил таков впечаток кога ја погледнал првата понудена сцена.

Иако филмот во својата оригинална замисла  бил подготвен за големата премиера во 1982 година, се случиле одредени промени во последен момент по интервенцијата на Warner Brothers, студиото кое го финансирал овој проект, пред се поради стравот филмот да не биде разбран од обичната публика. Со промените во кино верзијата, Blade Runner доживеал фијаско на кино благајните и лоши оценки од стручната критика. И покрај финансискиот и критичкиот неуспех, Blade Runner добил култен статус кога се појавил на видео касета. Интересно е дека музиката за филмот не добила своја репродукција во форма на аудио касета или грамофонска плоча, па верните фанови правеле аудио исечоци од видео касета кои ги склопувале како неофицијален саундтрак. Тоа се сменило во 1994 година кога Ридли Скот го објавил таканаречениот Director’s cut, кој вклучил измени и дополнувања кои одговарале на неговата оригинална визија. Таа година  Вангелис објавил нешто налик на тој director’s cut со целосни, делумно изменети и исчистени траки, така што првиот официјален Blade Runner албум траел отприлика еден час. Во 2007 година, по повод 25 годишнината на филмот, Ридли Скот, со поддршка на Warner Brothers го издал The Final Cut, конечната верзија на Blade Runner, замислен со оригиналната визија на продукцискиот тим. Секако, тоа ја вклучило и музичката страна, со тоа што во „конечниот рез“ на саундтракот биле вклучени 36 траки (заокружувајќи два часа), ставајќи го конечниот печат на оваа интересна одисеја на преработени, изменети и дополнети верзии.

На 17 мај оваа година осамна веста за смртта на Вангелис. И од сите можни проштални пораки за одјавувањето од театарот на животот на овој великан, сметам дека To The Unknown Man од неговиот студиски албум Spiral, која беше искористена и стана препознатлив потпис на македонската тв серија „Тврдокорни“ е најдобрата посвета што може да се даде за неговото последно патување, бидејќи „непознатиот човек“ има име, и се вика Вангелис.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.