#Поларис: „Bioshock“  – леб и плазмиди

Нашиот херој, кој го знаеме само под името Џек е единствениот преживеан патник од падот на цивилен авион над Атлантскиот океан. По некое чудо Џек гледа еден мал остров на кој има светилник. Џек влегува во светилникот чиј единствен пат води до неговиот подрум во кој има една мала подморница…

Џек има избор – дали да влезе во подморницата или да продолжи да плива надвор од светилникот во надеж дека ќе наиде на брод. Првата опција е поочигледна па Џек влегува во подморницата. Додека подморницата се спушта полека и длабоко под морето, Џек го забавува еден мал пропаганден клип на Ендру Рајан, човек кој избегал од светот на површината поради неговите стеги и личност која основала еден цел град на дното на океанот – Rapture (Занес) како противотров на отровот на нашиот свет, каде уметникот повеќе нема да биде замолчен од цензорите, каде научникот нема да биде под лупата на моралот и етиката, каде претприемачите можат да влегуваат во финансиски и економски потфати без државни регулативи. Пред Џек се открива место кое никој не би можел да го замисли – Rapture, величествен град во секој поглед. Но овој град, ако се сметал едно време за рај е далеку од тоа кога Џек за првпат стапнува во него. Rapture е град во кој владее хаос и каде не се знае кој е против кого. Многу места се празни, или попрецизно се исполнети со трупови на цивили кои се бореле меѓу себе. Во непосредна близина на Џек се вклучува мало радио. Гласот од радиото се претставува себеси како Атлас, човек кој го покренал бунтот против Ендру Рајан, а кој ќе ни биде водич за преживување во Rapture.

Механизмот и начинот на играње во Bioshock е релативно лесен со добро достапен туторијал со што точно можеме да располагаме за да преживееме во ова место. Бидејќи Bioshock е игра која се игра во прво лице (first person) може да очекуваме добар избор на пиштоли, сачмарки и автоматски пушки што е и стандард во добар дел на first person игри. Нормално, овде не е исклучена и опцијата да користиме и оружја за борба гради в гради, па си имаме на располагање еден француски клуч. Но, најимпресивното оружје кое може да го користиме покрај стандардните алатки е во форма на плазмидите, посебна течност која ја вбризгуваме во организмот на Џек, а за да работат плазмидите, на Џек му е прво неопходен АДАМ – посебна инјекција која предизвикува промена во ДНК структурата на корисникот. Оваа промена доведува до тоа самиот корисник да може да користи плазмиди, секој со посебна намена – еден плазмид ја буди нашата способност да исфрламе молњи од раката, друг плазмид ни овозможува да запалиме мета со едно одмавнување на нашата рака, трет плазмид ја буди нашата моќ за телекинеза, односно суперспособност да придвижуваме предмети со нашиот ум. Во кратки црти, АДАМ е патот до нашето трансформирање во нешто како суперчовек, надминувајќи ги нашите физички и психички ограничувања. Иако не е првпат да играме како лик кој поседува интересни моќи и способности, плазмидите, нивното потекло, нивното користење и проблематичност има своја позадинска приказна, исто како и се друго во трагедијата на Rapture.

Имаме главна приказна во Bioshock за која сме свесни уште од самиот почеток. Воедно, Bioshock има многу силни темели во формата на позадински приказни кои ја даваат потребната поддршка на главната приказна. Свесни сме дека Rapture е огромен град под морето кој бил изграден како прибежиште за оние кои не можат да ги трпат навиките и грешките на стариот свет, еден вид на утопија за сите кои можат да си остваруваат идеи и замисли без граници. Ова придонесува Rapture да стане место со забрзан технолошки развој и чуда кои се надвор од дофатот на површинскиот свет. Но идејата за град без граници е едно на хартија, а друго во пракса, па така преку Џек сме не само сведоци, туку и активни учесници во тие бурни настани, обидувајќи се да преживееме во првите два часа во играта, за потоа, навикнати на начинот на игра кој ни овозможува креативност во решавање на разно разни проблеми од типот на сплајсери (луѓе ужасно деформирани од претерана зависност од АДАМ) да дојдеме до мистериите на политичката борба за моќ во градот под морето. Што е АДАМ? Кое е потеклото на АДАМ? Како Rapture бил изграден? Зошто има продажни автомати на речиси секој чекор кои продаваат плазмиди и муниција? Кога создаваме свет во кој сакаме да сместиме приказна со свои ликови и дејствие, мораме да се погрижиме таквиот свет да има свој степен на веродостојност за да не паднеме во состојба каде при поблиска инспекција нашиот свет и наратив би се распаднал како кула од карти бидејќи не сме вложиле доволно да го направиме тој фиктивен свет „жив“. За таа цел тимот од Irrational Games се има добро погрижено постепено да не храни со информации за малите детали на Rapture преку аудио дневници на неговите жители (нешто што е преземено од System Shock игрите) наместо тој проток на информации да го добиваме преку фиксни сцени. Иако мноштвото на аудио дневници може да ни се чини премногу, на крајот на денот неопходно ни е разработување на малите детали кои се малтерот потребен за врзување на темелите на приказната.

Зошто ја спомнав Judas во претходниот текст? Кен Левин објави дека го затвора неговото студио, Irrational Games, на почетокот на 2014 година. Тоа беше годината кога излезе последната приказна од Bioshock сагата насловена Burial At Sea. Потоа следуваше период кога повремено добиваваме по некоја вест за она што може да следува од него, со повремен нагласок дека Левин сака да прави нови експерименти во поглед на наративот кај видео игрите и да не го повторува она што веќе го научил од System Shock и Bioshock. После неколку години на радио тишина после основањето на неговото ново студио Ghost Story Games, конечно добивме нешто ново на последните Video Game Awards, трејлерот за Judas, прва игра за Ghost Story Games и најновиот наслов на Кен Левин. Иако трејлерот имаше позитивни реакции, не се исклучи впечатокот дека Judas е копија на Bioshock. Нашата хероина е заглавена на место кое најверојатно е град во вселената, има моќи слични на плазмидите и креативно ги користи за да совлада бизарни непријатели. Ова не е лошо доколку сакате ново Bioshock искуство, но од друга страна ова може да се покаже како нешто поразително за самиот Левин кој сака да направи револуција во начинот на кој се врши раскажување во интерактивен медиум како што се видео игрите. Но, како и секогаш, премногу е рано да кажеме што и како, бидејќи имаме добиено само еден трејлер. Judas е можеби духовен наследник на Bioshock со сите карактеристики на играње, надградување и раскажување, или можеби има сличности со Bioshock но со свој пресврт, па можно е Левин да нашол свој начин како да го одврзе јазолот кој му задава проблеми. Имаме многу прашања, но ако е нешто сигурно, тоа е дека Bioshock е игра која вреди да се игра и денес, посебно за сите кои досега ја немаат играно, само за да видат колку добро може да се направи наратив во игра која не тера да се замислиме околу контролата која ја имаме над ликовите кои ги управуваме. Па затоа би ве замолил, would you kindly play Bioshock?

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.