#Поларис: Independence Day и вонземските инвазии

Холивуд и други многубројни светски продукции веќе подолго време ја имаат традицијата да финансираат, продуцираат, промовираат и дистрибуираат научно-фантастични филмови каде далеку поразвиени вонземски цивилизации имаат не така добри намери кон нас и нашата планета Земја и затоа и ја напаѓаат од најразлични причини – стратешка важност, ресурси или нешто сосем трето, не е важно. Alien invasion филмовите важат за посебен вид на филмски спектакл кој црпи инспирација од романот War of The Worlds на Х.Г. Велс, каде тематиката останува отприлика непроменета – вонземјаните имаат напредна технологија поради која имаат голема предност во нападот, нашата одбрана, колку и да е развиена, е инфериорна во однос на далеку ѓсупериорниот непријател, за на крај да се случи чудо – моќниот непријател некако да се сопне и да падне во наша милост благодарение на нешто што се појавува во последен момент.
Затоа како прв избор во рубриката Поларис за Радио МОФ честа му припадна на Independence Day (Денот на независноста).

Independence Day е филм на германскиот режисер Роланд Емерих, повеќе познат како режисер на спектакуларните disaster филмови. Disaster не значи буквално катастрофа демек филмот доживеал финансиски крах бидејќи тој збор се однесува на филмови каде се случуваат големи катастрофи (вулкански ерупции, поплави, цунами бранови, метеорски падови на Земјата итн), и обично бараат прилично големи буџетски цифри за да имаат поуверливи визуелни ефекти за поуверлив eye candy на катастрофите.

А токму Роланд Емерих е кралот на модерните disaster филмови. Можеби приказната не е најдобриот дел од неговите остварувања, но затоа акцијата и авантурата го зазема возачкото место. Реално, нема да чуете добри мислења во поглед на наративна структура за филмови како Godzilla (1998), Day After Tommorow (2004), 2012 (2009) или Moonfall (2022), но никој не ги гледа тие остварувања поради првото – визуелниот спектакл е она што ја привлекува публиката во кино салите.

Емерих своето режисерско деби го остварува со германскиот научно-фантастичниот филм The Noah’s Ark Principle од 1987 година. Ова остварување му овозможува преселба во Холивуд каде ќе работи на поамбициозни проекти. Во 1992 година ја освојува американската публика со Stargate, авантуристички научно-фантастичен филм кој ги користи идеите на Ерик Вон Деникен за вонземјаните како носители на знаењето и цивилизацијата кај луѓето. Во 1995 година почнува продукцијата на далеку поамбициозен проект, каде со финансиска и дистрибутерска помош на 20 Century Fox го режира Independence Day. Буџетот за финалната верзија изнесувал 75 милиони долари што тогаш било сметано за амбициозно достигнување, за во кино благајните да заработи конечна сума од околу 820 милиони долари.

На втори јули, 1996 година, американскиот SETI центар за следење на вонземски контакти ќе примети еден силен сигнал кој доаѓа од Јупитер и се постепено се засилува со голема брзина кон Земјата. Втори јули е ден за подготовки на одбележување на четврти јули, кој во САД се слави како ден на американската државна независност. Но подготовките за прослава паѓаат во сенка кога човештвото ќе дознае дека не се повеќе сами во универзумот. Сигналот припаѓа на една огромна мегаструктура од која се одвојуваат метални објекти долги по дваесет километри, означувајќи еден главен матичен брод и помали бродови под команда на матичниот брод. Бродовите внимателно се позиционираат над секој голем град на Земјата и се во состојба на мирување. Од друга страна  Дејвид Левинсон, сателитски техничар кој работи за локална ТВ станица од Њујорк, приметува еден сигнал кој кружи помеѓу бродовите и со секоја помината минута тој сигнал сè повеќе се скратува. Тоа го сфаќа како знак за почеток на инвазија и се труди неговата порака да стигне до американскиот претседател.

Independence Day го имам гледано многу пати и на крај краева не можам да го пофалам како добар филм во поглед на приказна и ликови. Доколку ја опишам целата приказна во кратки црти ќе се примети колку само овој филм страда од глупи луѓе и паметни вонземјани, за на крај луѓето да испаднат паметни и посилни, а вонземјаните глупави и немоќни. Она што го спасува филмот останува на два фактора – специјалните ефекти и харизмата на ликовите.

Да го земеме примерот на првата сцена на уништување. Кога сигналот прекинува, секој брод полека се отвара, откривајќи сино-зелена светлина. Од таа светлина зрачи силен зрак со разорна моќ која ги срамнува најголемите градови на светот. Сцените на тензијата со одбројувањето и уништувањето се маестрално изведени, со ефекти кои и ден денес се прилично солидни. Нема потреба да објаснувам, доволен е клипот од уништувањето на Белата куќа.

Во тој аспект не заостануваат и воздушните битки.

Овие сцени одлично доловуваат состојба на очај и немоќ кога се соочуваме со еден непознат и далеку помоќен непријател, и така се одвива таа состојба сè до последната третина на филмот каде се случува клишеизираниот и премногу лош период каде на крај човештвото ќе се обедини, токму на четврти јули, денот на независноста на САД, кој ќе стане и ден на независност за целиот свет, каде ги победуваме непријателите на можеби најсмешниот начин – со инсталирање на компјутерски вирус во нивниот оперативен систем за кој не знаеме како успеал да го инфицира бидејќи сигурно вонземјаните не користат Windows за да бидат онеспособени со вирус за човечки компјутери, но Емерих си знае, лошата приказна не смее да биде препрека за добар спектакл. Секако, во маскирањето на недостатоците на филмот за пофалба е актерската екипа, сочинета првенствено од Вил Смит и Џеф Голдблум кои важат за стандардните poster boys во холивудските блокбастери од деведесеттите години. (Jurrasic Park, Men in Black) и како такви го носат филмот на своите рамења. Доволна е само оваа сцена каде Вил Смит (Стивен Хилер) се пресметува со вонземјанин. Дали сцената е corny? Да. Дали е задоволителна? Да.

Independence Day не е сериозен филм, тоа и не била намерата на Роланд Емерих кога ги смислувал контурите на филмот. Првенствената намера на ID е да биде визуелен спектакл, посветен на експлозии, уништувања, воздушни битки и патувања на ликови од состојба на очај до конечен триумф. Тоа е и неговата најголема сила, затоа и ништо чудно што овој филм има голема база на фанови кои го бранат и покрај сериозните проблеми што го следат. Затоа не се секирајте многу, земете си пуканки и кока кола, вклучете Stremio или локален македонски канал доколку е на програмата и уживајте во филм кој го слави 4 Јули како празник за сите држави, меѓу кои е и Македонија.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.