#Поларис: Магијата на Реј Харихаусен

Што е тоа што чини филм од областа на фантастиката (независно дали е сф, фантазија, хорор) да биде посебен?

Што е тоа што чини филмови од типот на Lord of the Rings, Terminator, Jurrasic Park, Indiana Jones: Riders of the Lost Arc, да бидат сметани за филмски класици кои сè уште не се здробени од забот на времето? Набројаниве наслови имаат одлично сценарио, одличен кастинг на актери и кинематографија, но на списокот свое посебно место имаат специјалните ефекти кои се неопходни за давање веродостојност и што е поголема „живост“ во светот во кој е сместен филмот. Затоа Џорџ Лукас, Стивен Спилберг, Питер Џексон и Гиљермо дел Торо обрнуваат големо влијание на ефектите и тоа какви ефекти би примениле на одредени сцени во филм. А за тоа голема заслуга има Реј Харихаусен, специјалист на ефекти во период без компјутерски ефекти, чии соработки во многу филмски остварувања имаат огромно влијание врз цели генерации на режисери, продуценти, креатори на филмски ефекти и стрип автори.

Кој е Реј Харихаусен? Роден во Лос Анџелес во 1920 година, холивудските филмови значително влијаеле во детството на овој филмски волшебник. Посебно се истакнува еден филм кој го поттикнал Реј да се занимава со магијата на специјалните филмски ефекти: King Kong од 1933 година, неговиот најомилен филм од детството. Харихаусен ја започнал својата кариера како аниматор проучувајќи stop motion анимации популарни во тој период и стапувајќи во контакт со Вилис О’Брајан, творецот на stop motion ефектите и креативец во продукцијата на King Kong. Вилис не бил многу импресиониран од демонстрацијата на првата тест анимација на Харихаусен за користење на глинен модел на бронтосаур по што го поддржал да ја подобрува својата техника на Универзитетот за филмска уметност на Јужна Каролина. Харихаусен ја добил својата прва шанса да работи на The Mighty Joe Young од 1949 година како технички асистент. Токму Mighty Joe Young станала отскочната даска за блескавата кариера на овој великан.

Денес неговото име е малку познато на пошироката јавност, не само во Македонија, но сигурно читателите имаат погледано филм со неговиот потпис. Дали ви текнува на Clash of the Titans? The 7th Voyage of Sinbad? Jason and the Argonauts? Или Mysterious Island? Со овие филмови се запознав на МТВ и А1. Одеа претежно за викендите во претпладневни термини. Киклопите, хидрите, харпиите, костурите со мечови, химерите и други чудовишта од тие филмови се дело на Реј Харихаусен. Овие суштества се „оживеани“ благодарение на stop motion анимации, односно техника на поместување на претежно глинени фигури и минијатури рамка по рамка, макотрпен процес кој воглавно доминирал во филмската индустрија од триесеттите до осумдесеттите години од минатиот век. Оваа техника не била ништо невообичаено и била стандард во креативниот процес за специјални ефекти, како што се денешните CG (компјутерски генерирани) ефекти.

Но, суштествата и ефектите на Харихаусен се нешто посебно бидејќи тие припаѓаат на нешто што се нарекува danimation (данимација), каде ефектите се интегрираат во реални сцени после снимање на конкретна сцена. Можеби најдобар пример е Jason and the Argonauts од 1963 година, епската авантура каде Јасон собира дружина на легендарни херои во потрага по златното руво. Филмот изобилува со многу сцени каде се инволвирани различни чудовишта од старогрчката митологија. Но една специфична сцена најмногу се истакнува – борбата на Јасон со седум скелетони со мечови и штитови. Процесот на реализација на оваа сцена се одвива прво со снимање на актерската постава, нивните дијалози и движења на телото по претходни дадени инструкции за тоа што треба да одглумат и како да одглумат. Во конкретниот случај, Тод Армстронг (актерот што го толкува Јасон) морал да изведе посебна мечувачка кореографија со замислен противник пред камера, со однапред замислени потези на ракување на мечот. По снимање на конкретната сцена следувало вметнувањето на минијатурните скелетони во соодветниот празен простор на кадарот и нивно stop motion анимирање слика по слика во самата реална сцена чие движење морало да се поклопи со борбената кореографија на Тод. За овој момент да биде беспрекорен, биле потребни четири и пол месеци за завршување на сцената, односно спојот на снимената сцена со анимацијата. И како што актерската постава се грижела да долови подобра реакција и глума од една страна, така и Реј Харихаусен се грижел неговите модели да доловат подобра „глума“ и чувство на „живост“ од друга страна.

Затоа се стекнува чувството дека сите негови чудовишта, демони и диносаури имаат свој карактер и секое нивно движење има своја тежина, од љубопитни и дружељубиви (рогатиот џин од The Adventures of Sinbad) до застрашувачки каде крвта ни замрзнува (Медуза од Clash of the Titans). А токму Clash of the Titans од 1981 година е последниот филм каде се гледа магијата на Харихаусен и заминувањето на stop motion анимацијата во легендите. За нештата да бидат интересни за тој период, во 1980 година своја премиера има Tron, прв фил со компјутерски генерирани ефекти.

Денес stop motion анимациите многу ретко се користат. Ако има остварувања со ваков тип на ефекти тогаш тоа се фан проекти – Фил Типет, ветеран од Stan Winston School of Character Arts (Jurrasic Park, Terminator) го заврши својот проект насловен Mad God кој ќе доживее светска премиера во јуни оваа година. Но светската кинематографија во последните 40 години не би била на сегашното ниво без магичниот допир на Реј Харихаусен.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.