#Поларис: Дали сме заменливи?

Неодамна имав краток, но интересен разговор со двајца другари кои повеќе или помалку се занимаваат со правење музика. Темата не беше толку за музика колку што беше за Midjourney, програма на вештачка интелигенција со свој веб сајт. Некои се добро запознаени со Midjourney, некои не, но накратко, Midjourney е независна истражувачка лабораторија на чиј сајт се создаваат слики од страна на вештачка интелигенција по текстуален опис на пишувачот, нешто налик DALL-E на OpenAI. Каква врска има Midjourney со музика? Во последниве неколку месеци на Youtube има доста песни чии стихови се генерирани со AI на Midjourney. Целта е да се види како AI визуелно ги замислува песните според стиховите и резултатите варираат, некаде сликите имаат лош накај просечен квалитет, некаде сликите се надреали за да се запрашаме дали навистина се креирани од AI.

Додека едниот другар беше заинтересиран за иднината на сајтови кои можат да генерираат цртежи за нас со прости реченици, другиот не беше воодушевен, сметајќи дека со препуштање на цртањето на вештачка интелигенција како значаен дел од уметноста се одзима важен дел од нашата душа – имагинацијата и креацијата, оставајќи без работа добра бројка на луѓе кои вложиле многу време и труд во студирање на ликовната уметност. Ова не е изолирано само за ликовна уметност, бидејќи во последниве години има многу експерименти на речиси сите полиња на уметност – ботови се хранат со старогрчки драми, комедии и трагедии за да создадат своја драма, ботови изготвуваат сценарија за Netflix серии примајќи сценарија од претходно пуштени Netflix серии и филмови, а врз основа на информациите со кои снабдуваме одредена вештачка интелигенција, истата генерира свој роман.

Историјата на вештачката интелигенција, склоп на информации спроведуван од страна на разно разни машини, од роботи до компјутери е интересна работа. Идејата за суштества кои се создадени од наши раце и кои имаат свое ниво на свест потекнува од митови и легенди, каде можеби најпознат е митот за аутоматонот Талос од старогрчката митологија. Како во мојот прв текст за историјата на научната фантастика, така и замислата за аутоматони (роботи) со поголемо или помало ниво на интелигенција од нашето се неизоставен дел од нашата современа фантастика. И додека новинските артикли на повеќе научни списанија за развојот на вештачката интелигенција не го привлекуваат многу интересот на публиката, како кај нашата, така и кај светската, она што остава подобар (или пострашен) впечаток кај нас е во областа на фикцијата, каде изминативе години имаме консумирано доста книги, филмови, стрипови и игри каде вештачката интелигенција има своја централна тема или се појавува како нешто споредно. А од фикцијата произлегува страв во нашиот однос кон вештачката интелигенција кој можеме да го поделиме на два дела: страв од наше уништување и страв од наше заменување.

За темата за нашиот страв од евентуално уништување од страна на ВИ сме многу подобро запознаени, како што веќе претходно спомнав, преку различни медиуми. Во книгата I Have no Mouth and I Must Scream на Харлан Елисон, компјутерот АМ е единствената вештачка креација на луѓето која преживува нуклеарна катаклизма на светот која е предизвикана од АМ. Притоа АМ чува пет луѓе во својот затвор кои се наследство од стариот свет. Во филмот War Games група на тинејџери е во трка со времето за да утврди дали централниот воен компјутер на американски NORAD планира да лансира нуклеарен напад кон Советскиот Сојуз. Во видео играта System Shock еден хакер мора да ја победи SHODAN, вештачка интелигенција која раководи со вселенската станица Citadel и која се заканува да го преобрази човештвото по нејзин лик. Не треба да не изненадува купот на литература, стрипови, игри и филмови за вакви евентуални исходи. Нашиот страв од истребување е вкоренет во непознатото што го нуди вештачката интелигенција. Дали вештачката интелигенција е имитација на нашата интелигенција каде таа е повеќе средство отколку субјект или може да очекуваме вештачката интелигенција да создаде своја самосвест, притоа проценувајќи дека ние сме потенцијална закана за нејзиното постоење како самостоен субјект.

Од друга страна истражувањето и развојот на вештачката интелигенција нè има натерано во друго ќоше – стравот од тоа да бидеме заменети со машини. Иако ова не е многу доминантно кај поп културата, сепак е нешто кое е добро застапено во нашиот секојдневен живот. Машините со едноставни програми ги користиме за ископување на руди и минерали, машини склопуваат автомобилски делови, машини се користат при асистенција за хируршки зафати. Многу работи кои спаѓаат во доменот на тешка физичка работа се препуштаат на машините. Ваквиот развој на настаните нè има доведено до почестото размислување дека постепено ќе се префрлуваме на системот на Universal Basic Income (универзален основен приход) каде ние секој месец ќе примаме парични приходи наместо работничка плата, а работата ќе ја преземат машините со основна програма за извршување. Но, ова се покажува како нешто кое најверојатно „виси во воздух“. Во последниве неколку години сме сведоци на неверојатниот успех на AlphaGo, компјутерската програма на DeepMind, компанија на Google. AlphaGo е програма специјализирана да игра го, тип на шаховска игра која потекнува од древна Кина. По својата комплексност, го е игра потешка за разбирање од шахот и за неа треба повеќе интуитивност. AlphaGo ги има победено сите светски шампиони на го, а победата против Ке Џие на GoSummit во организација на Google е круната на достигнувањата. Оваа година има бум на сцената на ликовната креативност каде секој може да ги користи сајтовите на Midjourney и DALL-E за да добие свои илустрации, што од потреба за експериментации, што од зезање. Иако има уште за учење бидејќи програмите сè уште се соочуваат со одредени проблеми за компонирање на финалниот резултат, неспорен е напредокот и на тоа поле. Сега сме доведени во ситуација каде сме загрозени од можноста наша креација да не надмине, како физички, така и интелектуално. И ова отвора врати за нови можности, една која се чини како поголема веројатност, а е подолго време застапувана преку трансхуманистичкото филозофско движење – спој на машина и човек, каде човекот преку кибернетски импланти би бил подготвен за предизвиците на иднината, нешто за што се екпериментира во Neuralink проектот на Илон Маск, претседателот на SpaceX и Tesla.

Иднината со вештачката интелигенција влече со себе многу прашања, некои се разумни, некои неразумни, и за нив се водат долги и тешки дебати, како филофски, така и теолошки. Но на крај, повторно се враќаме на нешто што нам ќе ни биде круцијално – ако реалноста ни наложува дека нема да исчезнеме поради „злокобноста“ на она што сме го создале, тогаш дали е пологично да гледаме дека нашата креација која првобитно била замислена како алат нè надминала во секој можен поглед, оставајќи не на „цедило“. Дали сме заменливи?

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.