#Поларис постилинденски: Турскиот Star Wars

Нема потреба да направам посебна презентација за она што е Star Wars. Сигурен сум дека овие два збора веќе ги будат сеќавањата на многу светски и македонски фанови за нивните омилени сцени од оваа мега популарна франшиза, како на пример сцената кога Лук Скајвокер и Хан Соло паѓаат на некоја мистериозна пустинска планета населена со примитивни луѓе, или сцената каде Лук Скајвокер со карате удари крши вратови на воини скелети, или пак делот кога за прв пат се запознаваме со Дарт Вејдер – кој може да го заборави неговиот златен шлем со шилци, или пак кога Вејдер лично ќе ја изговори најпознатата филмска реплика „ако успеам да фатам еден човечки мозок ќе ја освојам Земјата“. Но најважно од се – дали некој се сеќава на сцената кога Лук и Хан се тепаат со мумии во катакомбите на Кападокија? Ова што го набројав е технички гледано Star Wars, иако наведеното не припаѓа на ниту еден филм под капата на Џорџ Лукас и Дизни, туку ни доаѓа од Турција. Конкретниот филм е Човекот кој го спаси светот (Dünyayı Kurtaran Adam), во кругот на култните фанови познат како турскиот Star Wars.

Како е можно постоењето на нешто како турски Star Wars? За таа цел ќе ве запознаам со бисерите и убавините на лудата турска треш кинематографија. Со години во Турција биле продуцирани многу филмови, претежно од акционен карактер, со акциони и боречки сцени инспирирани од холивудски филмови од Б продукција, како и тепачки филмови од Хонг Конг од 70-тите години од 20-от век. Така, имаме турски Рамбо, турски Супермен, турски Спајдермен со неговите мексикански кечери, турски Бетмен, турски Дракула итн. Нормално насловите на филмовите не биле копирани од оригиналите од кои „позајмувале“ туку им биле давани поинакви имиња. Е сега се поставува прашањето, зошто немало тужби заради апла кражбите на лиценцирани ликови и преземање на сцени од оригиналите? Просто – турските верзии немале свои премиери надвор од матичната држава, воедно некои од нив се изгубени, едноставно ниту една копија не е сочувана. Од друга страна, оние копии што останале почнале да кружат низ интернетот и благодарение на YouTube каде може да се најде и цел филм, ние сме во можност подобро да се запознаеме со овие речиси изгубени достигнувања.

Приказната за правењето на Човекот кој го спаси светот, односно турски Star Wars е необична како и приказната во самиот филм. Во 1981 година режисерот Четин Инанч имал идеја да режира акционен филм кој ќе се случува на планета која не е Земјата, каде ќе има вселенски битки, но и класични дуели со мечови и боречки вештни, нешто налик Flash Gordon. Главната улога на херојот му припаднала на Чунејт Аркин, кој во тој период веќе бил етаблиран како голема акциона sвезда, нешто како домашен Чарлс Бронсон, Ерол Флин и Клинт Иствуд. Согласно обезбедениот буџет била изградена сцена со неколку макети на вселенски бродови во едно село во близината на Истанбул, но тој сет претрпел огромни штети поради силни бури. За да не се соочи со финансиски загуби, Четин „позајмил“ неколку делови од вселенските битки од Star Wars: A New Hope. Со отстранувањето на навидум невозможната пречка снимањето било успешно комплетирано, а Човекот кој го спаси светот стана голем хит во Турција, но само во Турција бидејќи овој филм, како и многу други немале свои премиери во други земји од оправдани причини.

Сега кога се запознавме малку со историјата на правењето на овој филм, која е приказната на турскиот Star Wars? Нарацијата на стартот на филмот е многу конфузна, па ќе се обидам да ја направам малку покохерентна. Човештвото во следните 1000 години направило огромен технолошки развој до тој степен што луѓето се распространиле низ сите познати ќошиња на познатата галаксија создавајќи некаков галактички политички систем или унија. Потоа некако Земјата била во опасност од уништување во потенцијална нуклеарна војна, но таква војна не се случила. Потоа сепак се случило уништувањето на Земјата чии делчиња се распрснале низ вселената. Во следната реченица сепак дознаваме дека Земјата не била уништена, но е во опасност да биде уништена од непозната вонземска сила, но за наша среќа, Земјата е добро заштитена од напаѓачите со помош на штит составен од молекули на човечкиот мозок. За да не бидат во тотална дефанзива, луѓето лансираат офанзива против непознатите вонземјани предводена од најдобрите турски воини кои управуваат Тај Фајтери (познатите вселенски ловци на бунтовниците од Star Wars). Нашите херои, Мурат и Али, ќе паднат на непозната планета, заинтересирани за мистериите што се кријат на неа. Но нивната фасцинација нагло завршува откако ќе бидат нападнати и заробени од страна на војниците на врховниот водач, кој сите го знаат како Волшебникот и кој е опседнат со заробување на човечки мозок, бидејќи само тоа би му помогнало да ја освои Земјата.

Ако некој филм може да биде опишан само во еден збор, тогаш во случајот со Човекот кој го спаси светот, тој збор би бил – турлитава. Филмот е хаос, не само поради приказната, туку опсегот е сеопфатен. Како голем број на турски треш филмови, така и овој филм страда од многу лошо едитирање, немање чувство за темпо на дејствието, а сите ефекти се, па, доволно е да се види дека суперкомпјутерот на волшебникот е само префарбана џиновска картонска кутија. Ова е очигледно уште од стартот на филмот – во еден момент хероите Мурат и Али се во нивните ловци за после неколку секунди да ги видиме на пустинската планета. Потоа Мурат и Али ги погледнуваат реликвиите и погаѓаат дали овде имало човечка цивилизација со висок технолошки развој (излупените фрески од стари христијански објекти се очигледен доказ дека луѓето на тој свет развиле нуклеарна технологија), за сцената со шетањето да биде нагло пресечена со нов момент каде Али фаќа воин со шлем и костурско одело (од каде пак изникнаа тие воини?). Има две до три минути борби на Мурат и Али со групата на скелет воини каде нашите херои ги сецкаат душманите со карате удари, за веднаш да биде пресечена таа сцена и прејдеме на следната сцена каде нашите неопеани херои се фатени и донесени пред турскиот Дарт Вејдер, односно волшебникот, каде друштво им прават Сајлонците од Battlestar Galactica кои се личната гарда на Волшебникот. А се уште не сме ни стигнале до делот каде нашите арслани се борат со зомбифицирани мумии направени од тоалет хартија. Не само што се прави пресек на сцени, туку и пресек на цели музички траки. Во една сцена ја слушаме тематската музика на Indiana Jones, па кога се сече конкретната сцена и се заменува со друга ја слушаме тематската музика на Battlestar Galactica. Кога таа сцена прерано ќе биде заменета со нова сцена ја добиваме тематската музика од Flash Gordon. Може да се каже дека лошото монтирање служи за да може побрзо да се дојде со подобрите моменти, оние акцијашките, бидејќи филмов изобилува со: Мурат (Чунејт Аркин) како крши камења со еден карате удар, Мурат и Али (Ајтекин Акаја) како утепуваат непријателски војници со само еден зафат, бидејќи сепак Човекот кој го спаси светот бил рекламиран како акционо-авантуристички филм со добра доза на научна фантастика.

Разбирливо е што во 70-тите и 80-тите филмската индустрија не може да се пофали со напредна технологија за специјални ефекти, па се користело што можело да се користи, но турскиот Star Wars има поголеми проблеми, само поради фактот што не е вложено малку повеќе за да се направи покохерентен финален продукт. Е сега, дали вреди да се гледа? Па, тоа го оставам на вас. Филмот си е топтан. Нема DVD или Blueray верзии, но затоа го има на YouTube. Па ако немате некој конкретен план во следните саат и пол, ова несекојдневно доживување ви е само на еден клик од линков. И запамтете – güç seninle olsun.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.