ЛГБТИ+ Мрежа: Страв од губење на привилегиите

Во целост ја пренесуваме вчерашната реакција на ЛГБТИ+ Мрежата во врска со пукањата во геј бар во Колорадо, каде животот го загубија пет лица, а осумнаесет беа повредени.

Вчера на Меѓународниот ден на сеќавање на убиените трансродови луѓе, пет луѓе ги загубија своите животи во геј бар во Колорадо. Во Братислава пред еден месец беа убиени двајца во геј бар, во Осло во јуни беа убиени тројца во геј бар.

Политичката војна која се води врз ЛГБТИ+ луѓето има силен ефект врз десно-ориентираните екстремисти кои своите уверувања и омраза ги изразуваат преку дела од омраза, бивајќи уверувани од екстремистички политичари дека ставовите се легитимни, што значи и повик за дејствување по нив.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија изразува длабоко сочувство до сите луѓе од заедницата и нивните поддржувачи кои вчеравечер беа мета на монструозен терористички напад врз геј барот „Клуб кју“ во Колорадо, САД.

Нападите со коишто се соочуваат ЛГБТИ+ социјални и културолошки точки не се ништо повеќе од резултат на долгогодишната пропаганда која низ светот со години се користи за градење на политички кариери. Користењето на маргинализираните групи, особено ЛГБТИ+ заедницата, како алатка за застрашување на јавноста со теории на заговор, како на пример постоењето на „ЛГБТИ агенда“, крајот на човечката цивилизација, и од скоро „родовата идеологија“.

Сметајќи ги за лесна мета, луѓе кои никој нема да ги брани, овие екстремистички структури (кои очигледно се подлабоко навлегуваат и го запоседнуваат мејнстримот) долг период ја застрашуваат јавноста со идејата дека постои тајна родова идеологија која сака да го уништи биолошкиот пол, правата на жените, да ги научи децата „како да станат хомосексуалци“ и нормално, да продолжи да ги прави ЛГБТИ+ луѓето привилегирани пред законот – користејќи ги овие теории на заговор како оправдување за сопствената омраза и како основа за блокирање на закони за заштита од дискриминација и насилство.

Состојбата низ Европа исто така изминатиот период се влошува. Со еден напад во Братислава пред месец-дена, каде двајца мажи ги загубија животите откако нео-фашист со огнено оружје влегол во геј бар, а неколку часи претходно јавно споделил манифесто за неговите уверувања. Нападот врз геј барот во Осло во јуни, само еден ден пред Осло Прајд, каде тројца ги загубија своите животи.

Отсекогаш се кокетирало со екстремизмот на овие простори, обидувајќи се да се прикаже како „национална/патриотска нужност“, а омразата кон различни групи да се прикаже како „спас на нацијата“. Антиродовите движења стануваат сè по организирани и во нашата држава, каде секојдневно јавно споделуваат копирани содржини на теми исто со тие на глобалниот екстремизам…

Шестте напади врз ЛГБТИ+ центарот за поддршка во 2012 и 2013 сè  уште институциите ги чуваат во фиока. Унапредувањето на Кривичниот законик, Законот за матична евиденција, и Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ+ луѓето, со години се заглавени низ институционалните лавиринти исполнети со срамен молк и неказнивост.

Реалната слика е дека ЛГБТИ+ луѓето не се во ниеден случај привилегирани пред законите, ниту пак било каде блиску до еднакви. Напротив, овие напади се показател за тоа колку дискриминацијата и насилството против маргинализираните се привилегирани и присутни насекаде околу нас.