Снежна бура во САД откажа преку 5.000 летови, во дел од земјата се очекуваат -45 степени

Американските авиокомпании откажаа илјадници летови оваа недела поради зимската бура, ниските температури и големите ветришта кои ја зафатија државата пред божиќниот викенд.

Авиопревозниците откажале повеќе од 5.000 летови во периодот од среда до денес според сајтот „FlightAware“. Истовремено повеќе од 16.000 авионски линии се одложени. Најголемиот број од откажаните летови се на аеродромите во Чикаго, како аеродромот во Њујорк и Детроит.

Откажаните летови претставуваат околу 2% од севкупниот авио-сообраќај во САД, додека околу 30% од летовите имале некакво доцнење или одложување од најмалку 47 минути.

Станува збор за моќна арктичка снежна бура која на одредени места во земјата ќе ја спушти температурата на дури -45 степени целзиусови. Овие временски прилики се очекува да предизвикаат хаос и многу здравствени проблеми.

Според експертите ваквите температури можат да предизвикаат мрзнење на кожата за само 5 или 10 минути. Оштетувања на кожата настанува кога е намален крвотокот, најчесто во прстите на рацете и нозете, носот или образите. Недостатокот на топла крв може да води кон мрзнење на ткивото и пукање, а во некои случаи дури и ампутација.

„Ова не е како снежен ден кога сте биле деца, ова е сериозна работа“, кажа претседателот Џо Бајден во брифинг за новинарите вчера.

Состојбата ги принуди властите да издадат официјални предупредувања за повеќе од 135 милиони луѓе пред најпрометниот божиќен период од годината во земјата. Покрај во САД снежните ветришта се очекува да предизвикаат големи штети и исклучување на струја и во Канада.

Метеоролозите велат дека зимската бура денеска може да се претвори во „циклонска бомба“. Се работи за термин кој експертите го даваат на силни бури кои брзо се интензивираат. Тие дополнително предупредија дека повеќе од 100 рекорди за дневна температура можат да бидат надминати во следните неколку дена.