[Видео] Најмалку 27 лица загинаа како последица на зимската бура во САД – повеќе од милион луѓе се без струја

Најмалку 27 лица загинаа во големата зимска бура што ги погоди САД и Канада, повеќе од еден милион Американци и Канаѓани го поминуваат Божиќ без струја, а бурата продолжува да ја зафаќа Северна Америка. Смртните случаи биле пријавени во Оклахома, Кентаки, Мисури, Тенеси, Висконсин, Канзас, Небраска, Охајо, Њујорк, Колорадо и Мичиген, објави Ен-Би-Си.

Лошото време предизвикува големи тешкотии при патувањето низ Соединетите Американски Држави. Метеоролозите предупредија дека ниските температури опасни по живот и опасните студови од ветерот ќе создадат потенцијална опасност за патниците кои се заглавени во сообраќајот.

Националната метеоролошка служба соопшти дека зимската бура, која принуди да се откажат илјадници летови и доведе до неколку смртни случаи, ќе продолжи и на Божиќ, но ќе биде намалена во интензитет.

„Циклон-бомба“ која го погоди САД се создава кога атмосферскиот притисок паѓа, а носи снег, силен ветер и ниски температури. Најтешко погодена од студот беше западната американска држава Монтана, со температура од -45 Целзиусови степени.