Каква корист за младите од Македонија донесе 2022 – Европската младинска година?

„2022 година е прогласена за Европска година на младите“ – овие наслови и пароли може да се сретнат и прочитаат на дел од невладините организации кои се во непосредна соработка со Европската Унија, самите европски органи кои финансираат проекти наменети за младата популација. Суштинска и важна година и за самите држави вклучени во програми финансирани од европски средства, меѓу која е и Македонија.

Европската година на младите имаше цел да ја покаже важноста на младите од континентот за градење на подобра, позелена, поинклузивна и дигитална иднина.

Радио МОФ праша дел од граѓанските организации, кои во доменот на својата работа им се активности поврзани со млади за тоа како гледаат на изминатите месеци од тековнава година. Разговаравме со „Гоу Грин“ од Скопје, ЦИД – „Центар за интеркултурен дијалог“ од Куманово и „Центарот за Истражување и Анализи“ – НОВУС од Струмица. Своја проценка за Европската младинска година даде и Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност (НА).

Заложбата за 2022 година е добро медиумски покриена и промовирана, се користи секоја прилика  и секој настан

Од Националната агенција велат дека изминатиов период биле реализирани 30-тина настани кои произлегуваат од младите и за младите, кои се евидентирани на европскиот портал посветен за година на младите.

Сепак, организациите кои ги контактиравме велат дека постои можност за подобрување.

„ЕУ и НА на национално ниво честопати ја споменуваат оваа година како значајна и тоа е за поздрав бидејќи го слават заедно овој повод. Но, мислам дека недостасува поконструктивен пристап кон „празнувањето“ на оваа година, постратешки пристап и консултација со младите. Впрочем тоа и значи година на младите, да им се даде приоритет и значење на младите“, посочуваат од Гоу Грин.

„Сметаме дека заложбите на Европската Унија, Европската комисија и Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност во одбележувањето на Европската година на младите до сега се добри. Меѓутоа секогаш постои простор за подобрување“, додаваат од ЦИД.

„Убаво е што се прават вакви заложби за вклучување на младите и изобилство на настани за млади после две години мирување поради ситуацијата со пандемијата Ковид-19, ова е добра прилика младите повторно да добијат енергија за нови доживувања и да учествуваат во општествените политики“, велат од ЦИА НОВУС.

Колку е зголемено или намалено учеството на младите во неформалните активности на младите оваа европска година, во споредба со минатите години?

Гоу Грин од Скопје кратко одговорија дека кај нив нема значајна промена во однос на минатите години. Додека Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово забележува зголемени бројки во однос на интересот на младите, но не знаат дали тоа се должи на Европската Година на младите.

Од Центарот за Истражување и Анализи – НОВУС додаваат: „Годинава преку нашата организација имаме испратено преку 30 млади на младински размени и тренинг курсеви преку Erasmus+ програмата во странство и тоа само од Струмичкиот регион“.

Новата Еразмус+ програма (2021-2027) е со историски најголем буџет до сега, но недоволна за младинските организации

Освен во делот на промоција, настани и покани, младинските организации немаат почувствувано директна финансиска поддршка потврдија од Гоу Грин и ЦИД.

„Тоа е дискутабилна тема и наше видување е дека секогаш може и нам организациите ни треба повеќе. Но искрено еве конкретно сметаме дека можеби би било одлично доколку Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност во нашата земја располага со поголем буџет, бидејќи навистина е жално на толку многу квалитетни организации и апликации да добијат грант само една или две апликации“, велат од НОВУС.

Додека пак, од НА се соочуваат со голем број на апликации за проекти наменети за младите од страна на граѓанските организации.

„Националната агенција максимално е посветена кон промовирање на програмата со цел да овозможи учество на потенцијални корисници од целата земја. Можноста за грантирање на организации е во согласност со одобрениот буџет од Европската комисија. Во моментов сме на почетокот на новата програма и средствата со кои што располагаме очекуваме да се зголемуваат пропорционално во следниот период што значи дека ќе има можност за грантирање на повеќе апликации“, велат од НА.

Што недостасува во досегашните услуги наменети за млади?

„Најголемиот проблем со младинските картички е неинформираноста. Луѓето (фирмите) не ги ценат и не обрнуваат доволно внимание на таа картичка, и не знаат колку им значи на младите и студентите таа картичка со попусти. Европските институции паралелно треба да работат со свеста на луѓето и на убедување на повеќе фирми да бидат дел од попустите што ќе им следи на младите“, велат од Гоу Грин.

„Попусти за транспорт во и надвор од државата, подобра промоција на можностите коишто им се нудат на младите со цел да стигнат до поголема група на млади луѓе. Како пример може да се направи некој портал/платформа кадешто ќе се објавуваат можностите што им се достапни на младите, валидација на неформалното учење на младите, дефинирање на законот за волонтерство, помалку бирократија во однос на Националната Агенција, во смисла Агенцијата да биде поблиску до младите“, сметаат од ЦИД.

„Волонтеризам за млади, со тоа што ќе се утврдат некакви правилници и ќе може и младите кои волонтираат било во организација, компанија или институција, да почувствуваат некаков бенефит преку некоја одредена актуелна мерка. Како друг пропуст кој самите млади го имаат согледано е тоа што се недоволно информирани, а тоа наведува на фактот дека треба да се поработи на тоа како да се допре до младите да слушнат за одредена мерка или услуга која може да ја имаат, бидејќи еве искрено дел од младите кои доаѓаат кај нас воопшто немаат слушнато за младинска картичка и што им нуди тоа, се додека не одат на Еразмус или не дознаат преку некој наш настан“, велат од ЦИА НОВУС.

Во источниот регион постои недостаток на апликанти

Од Националната Агенција забележуваат солиден број на младински организации во скопски, пелагониски, полошки, југозападен, вардарски регион. Но, во источниот регион од нашата земја имаат помалку апликанти, меѓутоа забележуваат дека организациите се активни на локално ниво и имаат различен извор на финансирање.

Според статистички извори од самата Националната Агенцијата истакнуваат дека за минатата програма Еразмус+ 2014-2020 година се имаат вклучено 32.936 учесници во целиот програмски циклус.

Автор: Станиша Станковиќ