Здружението „Гоу грин“ собира младински барања за зелени општини

Здружението „Гоу грин“ отвори повик за младински предлози за еко промена, преку кои нивната општина ќе се промени и ќе стане позелена и поеколошка.

Од Здружението посочуваат дека младите не се застапени во општините, како и дека во голем дел од општините сè уште не се оформени локалните младински совети – тела кои треба да се залагаат за интересите на младите.

„Преку овој процес го пренесуваме гласот и потребите на младите во нивната општина. Тие да бидат слушнати! Климатската криза со која се соочуваме бара итни мерки. Преку создавање и прикажување на добри практики меѓу локалните самоуправи и младите луѓе за локални теми поврзани со заштитата на животната средина и климатските промени ја зајакнуваме демократијата и вклученоста на младите во донесувањето на одлуки“, велат оттаму.

Од „Гоу грин“ истакнуваат дека по собирање на предлозите, тие во соработка со општините ќе работат на нивна реализација.

„Прашалникот исклучиво наменет за лица помеѓу 15 и 29 години кои, согласно Законот за младинско учество и младински политики, влегуваат во категоријата на млади луѓе и е за младите од Град Скопје, Општина Аеродром, Кисела Вода, Чаир и Куманово“, велат од Здружението.

Ова е втор повик на „Гоу грин“, а првиот беше отворен минатата година откако се случија локалните избори и беа избрани нови градоначалници.

Тогаш, активистите на „Гоу Грин“ креираа младински барања за 6 зелени општини, кои подоцна беа успешно потпишани со 18 кандидати за градоначалници од 6-те општини во форма на Меморандум за соработка.

„Со здружението ‘Гоу Грин’  веќе 12 години работиме со млади, со посебен фокус на младински екоактивизам. Се радуваме на фактот дека оваа година сме добитници на наградата за младинско учество, поконкретно за овој процес на реализација на младинските барања за зелени општини“, нагласува Арта Ќерими, проектен координатор.