Во високото образование ќе се воведува предмет за медиумска писменост, програмата се работи заедно со студентите

Медиумската писменост полека го наоѓа својот пат до курикулумот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а со тоа и до курикулумот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје преку формирање на предметна програма со прирачник составен од основните поими поврзани со медиумското едуцирање и работилници. Ваквиот предмет треба да биде достапен за слушање веќе од следната академска година.

Ова се главните заклучоци од вчерашната панел-дискусија „Медиумската писменост и студентите“ организирана во рамки на проектот „Воведување на идните филолози во сферата на медиумската писменост“ на која учествуваа професори на катедрите при Филолошкиот факултет, студенти, новинари, професор од Универзитетот во Чикаго како и професор од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

При своето обраќање координаторката на проектот, воедно и една од авторките на наставната програма потребна за новиот предмет, доц. д-р Кристина Н. Николовска, истакна дека секој од нас има потреба да ги стекне основните вештини за да навигира во еден ваков систем каде, како што рече, има изобилство на секакви информации, па оттука потекнува една од причините за воведување на предмет за медиумска писменост.

„Во моментов сме во процес на акредитирање на новата програма, веќе поминуваат елаборатите на научно-наставниот совет и очекуваме со следната акредитација, во следната академска година, да го имаме предметот на листа, а истиот е замислен за во втора година“, изјави Николовска.

Во предметот, како што ни изјави професорката, ќе биде дадено објаснување за историјата на постоењето на феноменот на лажните вести, односно пораките што уште тогаш успевале да стигнат до пошироката публика. Освен тоа, програмата треба да го посочи начинот на кој се формираат лажните вести.

„Целта на овој предмет не е студентите да ги критизираат медиумите, туку на некој начин да имаат здрава скепса кон она што им го сервира, оној што сака да испрати порака и кое понекогаш може да биде многу штетно“, посочи таа.

Иако во основното и средното образование сè уште нема предмети што се занимаваат со медиумска едукација, Николовска смета дека сето она што ќе се изучува во програмата ќе им биде познато на студентите и ќе биде адаптирано според нивните предзнаења. Притоа, таа објасни дека во изработката на програмата се вклучени и студенти кои веќе активно работат на превод на значајни трудови од областа на медиумите.

„Покрај зборникот на трудови, ќе се организира работилница што ќе се однесува на пропагандата во Италија во периодот околу втората светска војна. Кон крајот на проектот, јас ќе организирам јавно предавање за почетоците на пропагандата со конструирањето на првата печатница на кирилични букви на Балканот кон крајот на 15-от век“, рече Николовска.

Фото: Радио МОФ

На отворената дискусија се отвори и темата за важноста на медиумите во улога на прикажување на различностите и различните групи во општеството.

„Нашата улога е поголема од сето она што дневното новинарство го прикажува. Доколку на 3 декември – Светскиот ден на лицата со попреченост јас објавам само една вест за тоа, дали ја исполнувам својата должност кон јавноста? Ова се прашања што ние постојано си ги поставуваме“, рече Бојан Шашевски, новинар и уредник во Радио МОФ кој беше еден од панелистите во дискусијата.

Кон тоа, Шашевски додаде и дека освен должноста на медиумите кон јавноста, и јавноста има должност да врши евалуација кон медиумите. Тој порача дека секоја критика треба да е добредојдена и ги повика присутните секогаш кога сметаат дека медиумите пласираат манипулативни информации тоа да се пријави преку Советот за етика во медиумите.

Професорот Бранислав Геразов од ФЕИТ кој работи хардвер и софтвер за асистивни технологии се надоврза кон ова, велејќи дека медиумите со цел да ја подобрат својата позиција кон транспарентноста на известувањето треба да креираат содржини што се попристапни, односно, како што рече да се пишува со поедноставни реченици.

„Работиме со снимки од радио или телевизија и има реченици што траат 40 секунди. Нема потреба бидејќи сето тоа може да се каже пократко и попристапно не само за лицата со попреченост, туку за сите. Медиумите можат да помогнат во пристапноста, но сепак самите треба да имаат увид да ги организираат своите содржини за сите да бидат максимално пристапни. На пример може да се прават текстови со фонтови за луѓе што имаат дислексија. Тука се и технологиите за аверзија на текст што би можеле да обезбедат автоматско титлување на видео содржините“, забележа Геразов.

Ангела Бошкоска