„Кој се плаши од родот“: Дезинформациите како главна алатка на антиродовите движења

Во мај годинава, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) објави дека најмладата пациентка која абортирала има 13 години. Но информацијата не поттикна жестока дискусија во јавноста, иако претходно, групи и здруженија на граѓани јавно го искажуваа својот револт против воведување на сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата, механизам со кој преку едукација би се намалил процентот на малолетничка бременост.

Токму овој пример беше изнесен при промоцијата на новото истражување на „Коалиција Маргини“, каде се анализира комуникацијата, односно ширењето на дезинформации од страна на антиродовите групи. Анализирани биле 269 прилози од четири различни извори на социјалните мрежи, односно Фејсбук групи за антиродова мобилизација.

Во истражувањето „Кој се плаши од родот“, авторките Ирена Цветковиќ и Мања Величковска ги анализираат комуникациските стратегии каде според авторките, за прв пат на македонски јазик се сретнуваат термините „родова идеологија“ и „родова индоктринација“.

Но, освен воведување на термини од „ракав“, дејствувањето на антиродовите движења, според нив, има и поголеми последици, меѓу кои и запрените постапки за усвојување на Законот за учебници, со кој беше предвидено да се воведат современи материјали за учење и Законот за матична евиденција, со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица.

„За многу кратко време, заради активност на овие антиродови движења, се повлечени неколку закони од Собранието. Тие имаат јасна агенда, тие остваруваат средби со пратеници, со институции на системот, со министри и лажно се претставуваат како претставници на сите родители и тука е најголемата лага, никој не може да ги претставува сите родители, ниту може да постои човек кој може да го претставува 99 отсто од било кој народ, а камоли нашиот“, вели Цветковиќ за Радио МОФ.

Цветковиќ истакнува дека антиродовите групи и движења генерално се служат со дезинформации и лажни вести, манипулации и морална паника, a дополнува дека движењето најчесто злоупотребува некој случај од светот или во земјава, за да се креира став дека истото ќе се случи во секое семејство доколку се дозволи воведување на некоја законска рамка која тие ја сметаат за „неправилна“.

„Нашите реални проблеми се тие кои ги докажуваме и преку истражување и преку наука, имаме проблем со недостапност до контрацепција, слабо сексуално здравје, неразбирање на врсничкото насилство во училиштата, тоа се игнорира, во некои семејства имаме семејно насилство, тоа се игнорира, кај трансродовите луѓе имаме тешки прекршувања на човековите права, имаме случаи на насилство, тоа се игнорира. Истовремено се измислуваат други проблеми, например дека децата се нападнати од организациите, дека секое дете во училиште ќе учи како да смени пол… Таман работа. Се вели дека ние измислуваме случаи на насилство само за да ги обвиниме мажите, дека постои тенденција да се ‘демаскулинизираат’ мажите, односно, се креираат лажни проблеми и се занемаруваат вистинските“, посочува авторката.

Матење чиста вода

Андријана Папиќ Манчевска, претставничка од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, за време на дискусијата посочи дека антиродовото движење и ефектот кое го има не е за занемарување, а ниското ниво на медиумската писменост е плодна почва за ширење на дезинформации.

Според неа, антиродовото движење, прави многу успешен дефокус и на организациско ниво, но и кај јавноста. Говорничката посочи дека антиродовото движење ја заматува водата за граѓаните во земјава за да не можат да одберат што е најважно.

„Многу е интересно како никаде нема да прочитате дека само 5 отсто од младите во земјава користат модерна контрацепција и како последица на тоа се случуваат непланирани бремености и сексуално преносливи инфекции.  Ама затоа не пропуштаат да кажат што мислат за абортусот. Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) излегоа со информацијата дека најмладата пациентка од Македонија што направила абортус има 13 години, тие тоа не го адресираат“, истакна Папиќ Манчевска.

Таа дополни дека она што во Македонија при крајот на 2020 започнало со колумна, се претворило во лавина од дезинформации, манипулации и дескредитирање, сè со цел да се оцрни ССО како концепт.

„Една до две години пред да се појави кај нас антиродовото движење ние во ХЕРА се прашувавме каде е и зошто го нема во Македонија, бидејќи тоа беше активно во не толку далечни земји – Хрватска, Бугарија, Турција… Во различни земји фокусот е на различни теми, меѓутоа сите тие на некој начин се многу сродни. Некаде се ЛГБТ+ правата, некаде правото на абортус, некаде Истанбулската конвенција, а кај нас во фокусот стана ССО“, нагласи претставничката на ХЕРА.

Според Папиќ Манчевска, антиродовото движење не е феномен што за прв пат се јавува кај нас, туку постои и во Полска, Франција, Шпанија, Ирска, САД, а интересно е што можат да се воочат обрасци – тоа се истите аргументи, истите шеми и истиот јазик.

Сара Миленковска, претставничка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, на дискусијата го претстави истражувањето со компаративни примери за тоа како се развивало антиродовото движење во другите земји и која е поврзаноста кои тие ја имаат на транснационално ниво. Таа истакнува дека клучната стратегија на антиродовото движење за сите земји е политиката на тивкото мнозинство и повиците за акција, мобилизација.

„Буквално може да се видат јасно стратегиите  користени во Полска, Унгарија, Бугарија и Турција – дека имаат заеднички елементи, меѓутоа тие многу паметно го праат тоа, гледаат што функционира на национално ниво, може да видите одредени постови кои немаат толкав интерес во Македонија бидејќи се тотално неавтентични и туѓи како и многу од нивните работи, меѓутоа тестираат што највеќе ги интересира луѓето и врз основа на тој интерес градат стратегии кои директно го напаѓаат родот како концепт и се што е врзано со родовата еднаквост“, вели Миленковска.

Според неа, антиродовите движења е капитализираат од чувството на омаловаженост, односно преку користење на комуникации во кои велат „ние знаеме кој е крив за ова што се случува, криви се елитите, богатите, трансродовите лица“. Но, дополнува таа, ваквиот став е парадоксален имајќи предвид дека трансродовите лица се најранливата група на граѓани на глобално ниво.

« of 3 »

„Кризата што се случува во Европска Унија директно придонесува и до разгорување на сево ова бидејќи ние не зборуваме отворено за самата нееднаквост меѓу земјите-членки и колку таа придонесува некои земји да се почувствуваат ‘помали’ во однос на ‘големите’. Што не значи дека ‘големите земји’ не се имуни на антиродовите движења, напротив, таму е исламофобијата, како тие ги претставуваат проблемите со мигрантите, такашто работите меѓусебно се надополнуваат и обичниот граѓанин конечно мисли дека има моќ со тоа што бара некое друго човечко суштество да претрпи нешто“, вели Миленковска за Радио МОФ.

Опасност за образовниот систем

Мања Величковска, коавторката на истражувањето, посочува дека антиродовите движења се опасност и за образовниот систем, генерално, не само во Македонија, бидејќи воспоставуваат систем на контрола.

„Самите тие, анонимното мнозинство на загрижени родители бараат систем на контрола во самите училишни средини меѓутоа и во сите други терени на движење на децата. Тука се подразбираат училиштето, училишните и вон-училишните средини и самиот дом. Таа контрола крајно значи и нарушување на приватноста на детето и не само необезбедување на пристап до информации, туку тоа значи дека на нив ќе им се развие чувство на небезбедност во самото училиште, во училишниот двор, во средините каде што се движат“, вели таа.

Според неа, последиците од наративите на антиродовите движења можат да се забележат во САД, со воспоставувањето на новите закони коишто ги нарекуваат Закони за заштита на правата на родителите, со забраните за критичка педагогија, забраните за сексуално образование  во училиштата, забраната на критичката теорија за расата..

„Тоа директно се одразува преку забраната професорите да дискутираат одредени содржини и не можат да си ја работат работата како што претходно можеле. Педагогијата подразбира директно поврзување на општествените теми и политичките случувања со темите кои ги предаваат. Материјата која што ја предаваат професорите не е засебна и не може да се исклучи од секојдневната стварност. Така што тука тие се на удар. Во таа смисла дел од наставниот кадар потенцијално би ја загубил работата. Веќе се бркани професори од училиштата зашто се дрзнуваат да отворат некои теми. Тоа се плашам дека е нешто што би можело да следува и кај нас бидејќи самите антиродови движења бараат имплементирање на вакви закони кои веќе ги има во Флорида –  САД, Унгарија, Русија…“, вели таа.

Величковска посочува дека барањето на воведување ваков вид закони и споредбите на домашната законска рамка со примерите од странство, антиродовите движења играат на еден двоен фронт.

„Од една страна ги покажуваат примерите од странство како застрашувачки, дека ќе дојдат и кај нас, а од друга страна велат ова и ова кај нас не чини, ама еве примери од странство кај што чинат. Па така во исто време, и домашните и странските закони не чинат, а тие се претставуваат како оние кои го имаат вистинскиот одговор што ќе ги донесат решенијата тука, на правилниот начин на кој тие сметаат“, нагласува таа.

„Лекот“ се бара во медиумската писменост

Според Величковска, главна алатка на антиродовото движење е менувањето на контекстот на информациите. Таа посочува дека при јавната дебата за ССО се користат публикации кои што се во авторство на граѓански организации и кога се користат публикации од ХЕРА, се користат извори, се цитира ХЕРА, меѓутоа во процесот се споени делови кои оригинално не се наоѓаат во една реченица.

„Напишаното е со променет контекст, прават реконтекстуализација на напишаното. Оригиналната мисла преминува во нешто друго и праќа пораки кои што се опасни. Но кога ќе се прочепка подлабоко во содржината, се сфаќа дека речениците се извртени и извлечени од два различни контексти и тука има манипулација преку ширење на дезинформации и ширење на теории на заговор. Па на тој начин тие шират вести за ССО, за абортусот, секс кај малолетници… Сите тие работи кои ги објавуваат ги вадат од контекст и го менуваат нивното значење“, објаснува таа за Радио МОФ.

Според Папиќ Манчевска, ниското ниво на медиумска писменост и слабото критичко преиспитување на работите создава плодна почва за лесно ширење на информации.

„Се заборава да се види другата страна на паричката, или кога ќе се види тоа повторно се гледа низ призмата на антиродовите движења сервирана онака како што тие решиле да биде поставена“, вели таа.

Цветковиќ се надоврзува посочувајќи дека ја разбира отвореноста на парламентот и правото секој да разговара со пратениците за она што е загрижен, но додава дека плаши фактот што постои еднаков аршин помеѓу иницијативи и организации коишто работат на унапредување на права и организации и иницијативи коишто работат на уназадување на права.

„Поголема вина е кај ниската медиумска писменост помеѓу нашите луѓе, така што не е прашање само на медиуми, е секако, но исто е прашање на образование и култура. Во таа смисла, сметам дека е многу важно развивање на медиумска писменост кај нашите луѓе и нашите млади, за да можат пред се критички да размислуваат кога им се сервираат вакви шарени лаги“, вели таа.

Ивана Смилевска